Какво не е Православието ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ IV дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Какво не е Православието

(IV дел)
✤✣✤

Православието не значи отфрлање на материјата, ниту, пак нѐ тера да мислиме дека ние сме некакви поинакви луѓе, со некакво чудно однесување, со некакво чудно разбирање за животот, бидејќи во тој случај ќе бидеме лажни луѓе кои не се православни. Ми остави впечаток автентичноста на Светиите кои биле многу православни, но и многу смирени и не се правеле свети. Тоа е Православието – да не се правиш нешто што не си. Православен е вистинскиот човек. Го замолиле некој Светија:

-Кажи ни нешто за духовниот живот!

Тој одговорил:

-Браќа, не знам што да ви кажам за духовните нешта. Ако сакате да ви зборувам за егоизмот, можам, имам егоизам, ако сакате да ви зборувам за страстите, можам, имам страсти. За духовните нешта прашајте ги Светиите кои се многу возвишени, јас сум грешен и страстен.

Ете тој е православен и многу поблиску до Бога, бидејќи е автентичен. Што му рекол Христос на првосвештеникот: „Лицемеру, лажливецу, едно покажуваш, а друго зборуваш. Кажи ја вистината за себеси, прифати кој си!“

Еднаш прашав еден игумен што е православниот етос. Тој ми рече: „Ќе ти дадам еден пример со мојот духовен отец Амфилохиј од Патмос. Слушни два негови одговори: Една жена му кажувала за својот духовен отец: ’нашиот духовен отец е бестрастен, свет човек! Ништо материјално не го засега!‘ Кога слушнав тоа си помислив: Како е можно тоа? Да живееш во овој свет и да немаш ниту една страст, ниту една помисла, каков човек си? И вториот одговор: со мојот духовен отец еднаш бевме во Атина и додека чекавме во автомобилот на семафори, по пешачкиот преми помина една девојка којашто беше облечена ексцентрично и тој игумен, свет човек, старец Амфилохиј ми рече: ’Ах колку страдаат луѓето тука! Гледај какво искушение имате тука во градот!‘ Јас го прашав: ’Отче, простете и вие ли имате искушение? Се соблазнивте?‘ ’Се разбира, чедо мое! Што човек сум па да не се соблазнам?‘“ И тој светогорец ми рече: „Ете тоа е православниот етос“.

Не се претвораш дека си нешто – нешто лажно, туку го покажуваш тоа што навистина си, без да си ја оправдуваш страста, без да ја активираш, без да ѝ угодуваш, се бориш, не се прави таков каков што не си и не изразуваш нешто лажно. Тоа го сметам за многу православно. Христос за Кого би можеле да кажеме дека е вистинско овоплотување на Православието, на вистинската вера, постојано се обраќал кон такви луѓе, автентични луѓе. А тие коишто во она време се сметале за „православни“, Он грижливо ги одбегнувал и ги нарекувал лицемери. На тие православни Он постојано им вели: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери! Верувате сѐ точно, мислите дека надворешно вршите сѐ како што треба, православно, но душата не ви е православна, дури и да си мислите дека е таква“.

Многу ме импресионира тоа што нашата вера не е единствената што се распространила во светот преку пролеана крв, сепак, тука има една голема разлика: Бидејќи нашата крв била пролеана, а не крвта на другиот. Православната црква е единствената која не ги присилува другите туку само себеси. Се присилувам себеси, својата падната природа, но кон другите сум снисходлив, благ, смирен, толерантен. Колку што можам. Ништо нема да ти наметнам на сила. Крвта на мачениците, а не на иноверните го утврдила Православието. И така во Православието нема индивидуална непогрешливост, туку колективна непогрешливост на целото Христово тело и ние не го апсолутизираме мнението на ниту еден човек.

Православието не значи да велам дека го знам правилното, а дека ти го правиш неправилното. Православието значи сите да се смириме и да кажеме: „Што треба да се смени? Што треба да променам во својот живот?“Се вели за Свети Пајсиј Светогорец дека кога тој отишол во Коница, градот бил полн со протестанти. Тој е православен, но како ја покажал својата православност? Преку својата светост, смирение, пристап, добрина, строгост кон самиот себеси и смирение кон другите луѓе. Тој никого не удрил, на никого не похулил, кон никого не покажувал злоба, а кога си заминал од Коница за да појде на Синај или на Света Гора, не се сеќавам, не останало ниту едно протестантско семејство во градот. Тој ги променил сите, меѓутоа без да присилува, ниту да вика, ниту да покажува непријателство и злоба.

И мајка Гаврила, се вели, дека кога била во Индија, во почетокот не зборувала за Православието, туку ги миела болните од лепра. Најпосле другите пошле кај неа и ја прашале:

-Да те прашаме, Кој е твојот Бог?
Само тоа ја прашале: „Кој е твојот Бог?“ И таа одговорила:
-Јас сум православна.
-Во кого веруваш?
-Во Исус Христос!
-Тој е вистинскиот Бог – ѝ рекле.
-А вие од каде знаете?
-Па не е можно ти да си таква и Бог, во Кого што веруваш, да не е вистинит!

Во наше време другите Го сфаќаат вистинскиот Бог на таков начин. Ова не значи дека догматски гледано Православието не е издржано, или загрозено. На пример: Ереста на Филиокве, или на протестантите, или на Јеховистите, или на било кој друг, не се издржани. А православните книги, изворите, цитатите од Светите Отци, не подлежат на сомнение. Но не е тоа она што го бараат луѓето за да се изврши промена во нивната душа. Тоа не е доволно, ниту е доволно твоето добро однесување. Што велеле за првите христијани? Гледајте колку се сакаат! Каков Бог е Тој во Кого веруваат? Ако Он е причина да се љубат толку, значи Он е вистинскиот Бог! И на тој начин – преку љубовта на луѓето – тие ја познале Црквата. Многу ми се допаѓа о. Гаврил којшто служи во храмот „Св. Андреј“ во Атина, еден неоспорно православен човек, со многу добро надворешно сведоштво. Во едно интервју тој кажа нешто многу важно: „Во оваа парохија сум многу година, во една многу малечка црквичка. Овде поминале десетици, стотици, илјадници луѓе, но никој никогаш не побара да им го објаснам догматот за Света Троица. Меѓутоа сите бараа од мене да им ја покажам догмата на Света Троица на дело. Што значи тоа? Љубов. Разбирање, прифаќање на различните мислења, бидејќи вета Троица има Три обединети Ипостаси, но Секој од нив си ги има Своите својства. Тоа практично значи дека те љубам и те прифаќам таков каков што си. Не те правам таков каков што сакам да си. Љубов, почит и Христос во секојдневниот живот. Ете тоа го бараа луѓето. Света Троица на дело“.

Продолжува