Катихеза кон оној кој сака да прими ангелска монашка схима ✤ Старец Даниил Катунакијски ✣ I дел

Старец Даниил Катунакијски
✤✣✤

Катихеза кон оној кој сака да прими ангелска монашка схима
(прв дел)

✤✣✤

„Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки, развратно го потрошив својот живот. Спасителу, не презирај го сега моето осиромашено срце, кое го упатува погледот кон непотрошливото богатство на милосрдието Твое! Зашто кон Тебе, Господи, во умиление викам: Згрешив, Отче, на небото и пред Тебе“.

Оваа трогателна прозба ја повторува секој од синовите на нашиот Отец Небесен, кој како блудниот син од Новозаветната парабола, заминал и се оддалечил од татковското благодатно огниште и многу години живеел немарно и развратно, па сега сфаќа дека го потрошил сето татковско наследство и најпосле завршил така што се изедначил со свињите, односно им се покорил на злобните демони.

Така осиромашен и духовно гладен, а немоќен да го задоволи својот глад, хранејќи се со слатк-горките желади, т. е. со сопствената волја, станува свесен во каква бедна состојба паднал: од славно изобилие и богатство доведен е до крајна беда и глад. Доаѓајќи си на себе вели: ќе се вратам повторно кај својот многумилостив татко, под чија закрила толку многу наемници и слуги си го задоволуваат гладот со леб, а јас, кој се нарекувам негов син, умирам од глад.
Значи, така покајувајќи се од сѐ срце заради својот развратен живот, тој брза трчајќи, па усрдно и со искрено покајание молејќи Го повикува својот Отец: „Згрешив, Отче, на небото и пред Тебе и не сум достоен да се наречам Твој син! Отвори ги, Те молам, повторно своите татковски прегратки и прими ме мене како еден од Твоите последни слуги“.

Повикувајќи, така, облеан со врели солзи, со скрушено срце и искрено покајание го повикува својот Отец секој кој во разврат го потрошил небесното богатство на татковската божествена благодат. Ако му се врати, покајувајќи се од сѐ срце, тој бива примен во топлите прегратки на татковското Синовство. Отфрлајќи ја, пак, според заповедта Божја старата облека на рамнодушноста, се облекува повторно во кошула на непропадливоста, се опашува со сила одозгора и на своите боси нозе „облекува сандали со спремност да го благовести на мирот“.

И се измива тогаш во купелот на вистинската исповед и срдечно покајание и се облекува во Отчевата „риза на спасението“. А Семилосрдниот Отец, „Кој не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да биде жив“ му го дарува поранешното синовство и за него го коли угоеното теле, радувајќи се со сите домашни. Ете за таква благодат ќе се удостоиш и ти, брате, кај својот Небесен Отец. Затоа отвори ги, возљубен мој, твоите уши и тоа не само телесните, туку и умните уши на својата душа и слушни го гласот на Женихот Кој ти вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј, 11, 28 – 29).

Во овие неколку зборови се наоѓа целокупниот поредок и учење на монашката, или подобро, ангелската заедница. Дојдете, вели нашиот Спасител, при Мене сите изморени и обременети. Ете, тоа е првиот призив со кој нѐ повикува да го наследиме Неговото Царство Небесно. Токму тој призив и тој глас е она што те навело да ги напуштиш своите најблиски и сродници, како и сета испразност на овој минлив и бесцелен свет и да се приброиш кон оваа монашка обител.

И си дошол овде да се измиеш и очистиш во купелот на подвизите преку вистинско и срдечно покајание и послушност и да го понесеш лесното бреме на нашиот Господ Исус Христос, Кој ветува дека ќе нѐ одмиори од испразните и бескорисни напори на овој минлив живот во Своето Небесно Царство, „каде што нема ни болка, ни тага, ни воздишки“, ниту тиранија на бесловесните страсти, „туку живот бесконечен“.

Дојдете при Мене, вели нашиот Жених, и Јас ќе ве успокојам. Да, ќе ве успокојам ако и вие Мене Ме успокоите, искрено исполнувајќи ги Моите божествени евангелски заповеди. Земете го, вели, Мојот јарем на себе. Земете и понесете го на своето рамо јаремот Мој, а тоа е Крсната смрт што Јас прв ја претрпев, за да би можел да ве воскреснам вас кои сте умртвени од пропадливоста на телесните страсти и да ви ја подарам непропадливоста на рамноангелскиот начин на живот.

Да се понесе чесниот крст тоа значи да се распнат своите земни членови, т. е. да се умртват телесните страсти кои ја умртвуваат нашата душа и да се искоренат умните страсти на нашата душа: вообразеност, гордост, лицемерие, надменост, суета, лутење, гнев, оговарање, клевета, осудување, многуговорливост, празнословие, сомневање, славољубие, себичност, властољубие, противречење, омаловажување, препирливост, дрскост, завист, злопамтивост, злонамерност, навредливост, исмевање, рамнодушност, немарност, мрзливост, многуспиење, многујадење, тајнојадење, лакомост, опивање и сите останати душевни и телесни страсти на кои им нема крај, оти раѓаат синови и ќерќи, а ќерќите потоа раѓаат и внуци.

Нѐ поттикнува, значи, да ги умртвиме сите горенаведени свои душевни и телесни страсти и успешно да ги очистиме своите срца со вистинско покајание и одрекување од светот, со чиста сеопшта исповед и со дејствително исполнување на заповедите Господови.

Но како ние, бидејќи телесни и секаде се движиме во страсно тело, би можеле некогаш да постигнеме толку многу, што да ги победиме нескротливите пориви на своите телесни и душевни страсти? На тоа Спасителот наш вака ни одговара: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши,
И еве, тоа се двете најсилни и непобедливи оружја со кои нас, како Свои војници нѐ наоружува Небесниот Цар, Царот над царевите: кротост и смирение. Нивна мајка, пак, е круната на сите добродетели – љубовта.

Чистата и пламена љубов, најпрвин кон Бога, а потоа и кон ближните, го прави оној што ја има во себе најкроток и најсмирен во искушенијата што го снаоѓаат по Божјо допуштение и тој од љубов се плаши од Бога и трепери пред Него, само да не биде лишен од Неговата љубов и да не го уништи богатството на Неговата божествена благодат.

Исто така чистата во Бога љубов кон ближниот го прави оној што ја поседува кроток, благ и смирен кон ближниот и се грижи низ евангелските поуки и светоотечкото мудрољубие да го усовршува во правењето добрини на ближниот.

Таквиот човек внимава на тоа како се однесува кон ближниот, за да не ги жалости, гневи и злослови не само оние што го сакаат, туку ни непријателите што го мразат. Секогаш се однесува благо, кротко и крајно смирено, бидејќи благодарение на тие добродетели тој многу лесно достигнува до најголемото совршенство. Зашто оној што ќе успее да ги здобие тие три најголеми добродетели, љубовта кон Бога и ближниот, кротоста и блаженото смирение, заедно со нив го добива и севкупното богатство на сите добродетели. Оној кој Го љуби Бога секогаш се труди да ја твори волјата Божја и внимава со страв и трепет, колку што е тоа можно, да не прекрши ниту една од Неговите заповеди и да не Го разжалости.

Преку љубовта кон Бога и ближниот тој секогаш се труди кон секого да се однесува љубезно и пријателски. На повисоките од себе и на постарите им се потчинува како на отци, со браќата се однесува со почит, а со пониските од себе исто како постар брат, не дрско и грубо, туку грижливо и со братска љубов.

Тој никогаш не се противи на приговорите, не само на браќата што се над него, туку и на оние кои му се потчинети, секогаш одговара кротко и смиреноумно. Од неговата внимателна уста никогаш не излегува остар збор, ниту навреда, ни хула, ниту, пак, било каков неполезен израз, кој би можел да го нажали или навреди неговиот постар или помлад брат, туку секогаш смирено и мирољубиво ги спречува соблазните, шири околу себе мир, љубов и слога во својата монашка обител.

Наведените добродетели не може да ги здобие оној кој во себе има себичност и гордост, зашто тоа се страсти што раѓаат непотчинување и противење, гнев и лутина кои го распалуваат човекот. Оној што е во нивна власт станува дрзок и груб, склон кон омаловажување, човек кој и кон постарите и кон потчинетите се однесува невоздржано, грубо, бесчувствително и со предрасуди. Ваквите манифестации се показател дека тој во себе има скриена себичност и гордост, кои не само што не му допуштаа на човекот да напредува кон добродетелите, туку го фрлаат во други страсти, несовладливи и достојни за осуда Божја.

Продолжува