Катихеза кон оној кој сака да прими ангелска монашка схима ✤ Старец Даниил Катунакијски ✣ II дел

Старец Даниил Катунакијски
✤✣✤

Катихеза кон оној кој сака да прими ангелска монашка схима
(втор дел)
✤✣✤

Поради тоа, возљубен мој, ти, кого никој не го присилува, кој по сопствена волја и произволение бараш да се облечеш во големата и навистина ангелска схима, добро внимавај и внимателно слушај ги страшните зборови на својот завет, и условите на кои ќе се обврзеш. Бидејќи ќе ги дадеш своите завети не само пред лицето на служителот на Севишниот и пред присутните сведоци, туку и пред лицето на сите оние кои во таа прилика невидливо се присутни: пред Спасителот Христос и ангелските сили кои ќе ги запишуваат твоите завети, а Сам Христос од тебе ќе бара тие да останат непрекршени и беспрекорни, во оној страшен и непоткуплив суден ден.

Замисли ја, значи, таа преголема чест и благодат, тоа непотрошливо богатство на оваа голема тајна за која те удостоил Господ! Си се удостоил, благодарение на неа, повторно да станеш Негов син и наследник на Неговото Небесно Царство. Зашто она што ќе го чуеш од устата на служителот Божји е најголем залог на Божјата промисла, тоа е божествен и небесен дар, призив.

„О, каков нов призив! О, каков таинствен дар! Второ крштение примаш денес брате, со изобилие на дарови од човекољубивиот Бог: се очистуваш од своите гревови и син на Светлината стануваш, па и Христос Бог наш ти се радува заедно со светите Свои ангели, колејќи го угоеното теле заради твоето покајание. Дојди, затоа, ти кој си се удостоил за тој призив, откажи се од острастеноста кон ништожни нешта. Замрази ги желбите што надолу те влечат, и сиот свој копнеж кон небесата управи го. Не се свртувај назад за да не станеш солен столб како Лотовата жена и да не бидеш како она куче што се враќа на својата блувотина, и за на тебе да не се исполни зборот Господов: ’Никој што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад не е достоен за Царството Божјо‘ (Лука 9, 62). Не е мала опасноста што ти се заканува тебе, кој сега ветуваш дека ќе се придржуваш кон сѐ она што претходно беше речено. Ако се случи подоцна да го занемариш ветувањето и повторно се вратиш на претходниот живот, или да се одвоиш од Старецот и браќата со кои се подвизуваш, или, пак, дури и да останеш но со немар и без почит ги проживееш своите денови, твојата вина ќе биде многу потешка отколку порано, бидејќи сега многу повеќе благодат уживаш покрај страшниот и неизмамлив Христов свет Престол. Подобро е, како што се вели, да не се заветуваш отколку да се заветуваш, па да не исполниш (Проп. 5, 5). Немој ни да помислиш дека дури пребиваш овде ќе можеш успешно да се избориш со невидливите непријателски сили. Подобро знај дека веројатно ќе ти следуваат поголеми борби отколку што беше твоето досегашно борење против него (непријателот). Нема никогаш да биде посилен од тебе, ако те затекне утврден со силна вера во Оној Кој те води и со љубов кон Него, како и со спремност на секаква послушност и смирение. Затоа нека бидат подалеку од тебе непослушноста, противењето, гордоста, спорењето, пакоста, зависта, гневот, викањето, богохулењето, тајното јадење, дрскоста, пристрасноста во пријателствата, многуглаголивоста, препирањето, роптањето, заговарањето, силната желба за стекнување на нешто ништожно и сите други облици на злобата, што го предизвикуваат гневот Божји против оние кои така постапуваат, и тогаш во нив доаѓа да се всели погубителот на душите. Наместо сето тоа подобро е да се стекнуваат добродетели какви што им доликуваат на светиите: братољубие, тихование, благочестие, размислувања за зборовите Божји, читање, одржување на срцето чисто од нечисти помисли, работа според можностите, воздржание, трпение до смрт, на што и најпрво се завети, и најпосле откривање на скриените тајни на своето срце, како што нѐ учи Бог. Се крштеваа, вели, и ги исповедаа своите гревови (Матеј, 3, 6)“.

Најмногу обрати внимание на најзначајното од она што е наведено горе во поуката, односно на овие зборови: „О, каков нов призив! О, каков таинствен дар! Второ крштение примаш денес брате…“, итн., зашто овие зборови се најдостојни за нашето внимание. Преку овој нов призив на Божјата и неискажлива промисла ти повторно се обновуваш и стануваш нов човек, со душа чиста како новороденче кое излегува од купелот на Светото Крштение.

А во текот на Светото Крштение, кое е најголема Тајна, оној што се крштева во име на Света Троица ветува преку кумот дека ќе Му биде верен на Христа и дека ќе живее подобно, праведно и православно. Голема е веројатноста, сепак, дека крстените деца нема правилно да бидат подучувани за овие нешта ниту нивните родители, а ни кумот. Затоа што ни тие не се доволно учени кога е верата во прашање, па кога ќе пораснат тие лесно можат да паднат во лошо друштво, да ја отфрлат ризата на крштението, да останат лишени од Божествената благодат и така да се оттуѓат од синовството и небесното наследство.

Кога ќе се најде во таква ситуација, човекот може и да се смета достоен за прошка, изнесувајќи го како свое оправдување тоа дека не се нашол човек да го поучи и посоветува како да ги чува заветите дадени на светото крштение. Но кога благодарение на добрината и благоста Божја ќе се удостои да го прими и тоа второ крштение, крштение преку Тајната Покајание, крштение кое не го прима како она првото како новороденче, туку како возрасен човек, какво оправдување ќе има ако повторно ги погази страшните завети кои ги дал пред Бога и пред луѓето и тоа не во потполно незнаење, туку со полна свест и своеволно?

Затоа ти, возљубен мој, кога веќе си се удостоил на така благодатен дар, осигурај ја и добро утврди ја својата душа и тело од подмолните стрели на душегубната змија која сега ќе те напаѓа со уште поголема јарост и завист, само за повторно да ја симне од тебе оваа нова, од Бога исткаена риза на второто синовство.

Нека стражар и чувар над твојот ум секогаш биде оваа страшна Тајна, која му се откри на светиот и велик отец наш Антониј. Кога неговата душа придружувана од светите ангели, минувала низ воздушните митарства и кога демоните со најголем бес барале од неа да положи сметка за своите дела во животот, светите ангели одговориле: „Сите прегрешенија направени пред одрекувањето од светот, веќе се потполно простени преку тајната покајание и примање на ангелоподобниот живот, кој е единствен во христијанството. А, ако имате нешто за осуда во текот на неговиот подвижнички живот, тоа вие покажете го“. Бидејќи немале ништо да прикажат што би било за прекор и не нашле ништо за осуда, демоните посрамени се повлекле.

Затоа од тебе се бара голема будност и внимание за да би можел тоа толкаво богатство, какво што е овој божествен дар, да го сочуваш од нападите на невидливите душегубни разбојници. А, Оној Кој те повикал, „семилосрдниот и многумилостив Бог, Кој пречистото срце на несфатливата Своја добрина го отвора на секој кој Му доаѓа со желба и топла љубов, и Кој рекол: ’Ако и жената го заборави својот пород, Јас нема да те заборавам‘, Кој и твојата желба ја знае и на твојата намера ја приложува Својата моќ за исполнување на Неговите заповеди, нека те прими, и прегрне и штити, и нека ти биде силна тврдина против лицата демонски, камен на трпение, причина за утеха, дарител на цврстина, стекнување на благодушност, помошник во храброста, Кој ќе легнува и станува со тебе, засладувајќи и радувајќи го срцето твое со утехата на Светиот Дух Свој, удостојувајќи те и за уделот на светите и преподобни отци наши: Антониј, Евтимиј, Сава и сите останати преподобни отци, кои во монаштво Му угодија на Христа; нека со нив и ти го наследиш Царството Небесно во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава и власт, царство и сила, со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во век и веков. Амин“.