Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме – II дел

Демоните не можат да ја подражаваат таа добродетел, дури и не можат да го изговорат зборот смирение, тоа е вистината – кога сме жестоки и немаме смирение, многупати црпеме „вдахновение“ од лошиот дух, тврдоглави сме и не се поправаме.

За смирението многу ни помага тоа што го правиме во моментот. Имено: собрани сме заедно, седиме еден до друг и слушаме. Свети Јован Лествичник вели дека кога коњот е сам, се заборава, цвили, и ако има убава грива, мисли дека е најдобриот коњ на светот, вообразен е. Кога, пак, ќе стават и други коњи до него, тие се споредуваат помеѓу себе и се разбира дека тоа не е најдобриот коњ, има и други коњи коишто се силни, брзо трчаат и се исто така убави како него. Така и ние, кога сме сами, се чувствуваме добро. Кога сме дома, чувствуваме дека сме добри христијани, но кога ќе се собереме во црква сите заедно да се помолиме, и треба да го понесеш братот до тебе, кога ќе го видиш другиот како крева рака за време на проповед да го каже своето мислење, кога ќе го видиш лицето на другиот и познаеш дека има смирение, кога ќе видиш некој како смирено пристапува и со благоговение се причестува, тогаш се поучуваш и велиш – во краен случај не сум само јас христијанин, има и многу подобри од мене!

Тоа истото го вели и Св. апостол Павле – не ги напуштајте собранијата што ги правите, зашто тоа помага во смирението – едниот се споредува со другиот, се смирува и се поправа. Дури и Св. Исак Сирин им вели на своите монаси – затворници, кои живееле осамени во пустината,: „Од време на време излегувај од својата ќелија и оди да се дружиш со други подвижници, бидејќи таму ќе видиш до каде си стигнал“. Кога си сам чувствуваш дека си добар, дека си духовен човек, но кога ќе го споредиш животот со оној на другите, тогаш всушност ќе видиш дали си постигнал нешто. И така продолжуваш напред.

Многу жени, а и мажи, за време на исповед велат: „Кога сум сам дома ми е многу убаво, ниту се гневам, ниту се нервирам, имам желба да се молам. Но, кога децата ќе влезат и ќе започнат со викање или мажот ми ќе се врати од работа, тогаш не знам што ми станува, нешто ме обзема!“ Не те обзема – си го имал, сега само излегло на површината. Тоа треба да ти помогне да сфатиш дека и ти имаш страсти и немоќи.

Едно е да си се молиш дома, друго е да дојдеш во храмот да се помолиш и таму да го видиш соседот кого не го поднесуваш многу, да не се преправаш дека не си го видел, туку да му кажеш „добар ден“, да го направиш првиот чекор и да го поздравиш – така се смируваш и поправаш.

Сум гледал многу учени, образовани луѓе, кои можат да прават многу поубави беседи од другите проповедници, но одат и ги слушаат, зашто тоа го смирува нивниот дух. „Ќе отидам да слушам, ќе станам ученик, зошто и јас да не станам ученик, зошто и јас да не научам нешто од тебе, иако имаш помалку знаење и помалку дипломи од мене“. Тука не бараме дипломи, туку смирението, кое ни е целта. Денес не сме дошле тука за да чуеме нешта што не ги знаеме – ги знаеме, но кога Бог ќе види дека утрото си станал и си рекол: „Боже мој, денес ќе појдам на таа беседа за да научам нешто – од 50 нешта што ќе ги кажат може едно да ми се допадне и да ме утврди“. Ете тоа е смирението за твојата душа. Тоа ти помага повеќе од нештата што ќе ги чуеш.

Знак за тоа дека сме почнале да имаме смирение е кога ќе престанеме да се фалиме со нашите природни дарови. Следниот стадиум е да не се гордееме дури ни со духовните, а последниот е да не се фалиме за ништо, туку да Го љубиме Бога. Кога Го љубиш Бога, ти Го прославуваш и не те допираат ниту пофалбите, ниту твоите дарби, ниту било што друго. Кога оној кој се смета за убав, не го вели тоа, дури и не чувствува нито особено заради тоа – ова е знак дека се смирил малку; или имаш убав глас, зборуваш добро, добар писател си, т.е. имаш природни дарби од Бога, но ти расудуваш вака: „Бидејќи е природен дар, тоа значи дека не е мој, туку Божји дар кон мене. Бог ми го подарил тој природен дар, не е од мене. И бидејќи е Божји дар не треба да се фалам со него“. Прв чекор за да започнеме во нашето смирение, е да не се гордееме со нашите природни дарби кои се од Бога. Смирениот човек не ги потценува другите, не ги осудува, не бара првенство, не бара прво место, не сака да биде во првиот ред, туку во последниот, сака да биде во последните кога се причестува, сака да стои по назад во храмот, да не отиде прв во црквата за да го видат сите, оти тоа не му се допаѓа.

(Продолжува…)