Ќе страдаме, сѐ додека не се смириме – IV дел

Св. Доротеј вели: „И јас еднаш видов смирен човек во еден манастир, кој на никого не му одвраќаше; сите го прекоруваа, а тој премолчуваше и си реков: ’Овој ќе да е многу свет!‘ Отидов да ја дознаам неговата тајна и се разочарав. Зошто? Го прашав: ’Отче, како така не се гневиш и имаш такво смирение и сѐ поднесуваш?‘ И знаете ли што ми одговори? ’Да – да! Немам друга работа па ќе седам и со нив ќе се занимавам! Нека си зборуваат што сакаат!‘ Колку жално – си реков – јас мислев дека има добродетел, а тоа било од презир“.

Презирот не е смирение. Ни велат нешто и во себе си велиме: ’Не ме интересира!‘ – Но, тоа не е смирение. Напротив егоистично е и знак за дури и поголем егоизам и несмирение отколку да му одвратиме на некого со збор.

Архимандрит Ефрем Филотејски раскажува дека додека живеел со својот Старец, Јосиф Исихаст, не помни дали и десет пати го кажал по име во тие десет години, велејќи му: “Отче Ефрем, дојди тука“. Почесто му се обраќал на друг начин. Како? Пишува уште во самиот вовед на книгата:

-Ми велеше: „Ела бре тука, мрзливец!“ Или: „Дојди тука, никаквецу!“ Или: „Дојди бре, непрокопсан еден!“ И јас никогаш не почувствував одбојност кон него, не го обвинував, ниту се нервирав, туку го сакав како да е Светија, и душата навистина ми стекна полза и се изми од секаков егоизам и фрустрација.

Старец Порфириј исто така вели: „Тогаш (На Света Гора) бев уште мал, а Старците се однесуваа многу сурово со мене. Во тоа време немаше специјални третмани, а јас сепак ги сметав за Светии и во душата смирено ги љубев“. И тој станал она што е сега. Ние сакаме да достигнеме повисоко од него, но по други патишта и начини, а такви патишта нема.

Св. Јован Лествичник кажува нешто многу интересно: „Оној кој сака да стане смирен, бара начини, бара слова, причини, мисли, молитви, сѐ додека коработ на својата душа не го оддалечи од бурното море на гордоста“. Тоа значи, дека треба да најдеме начини, методи, слова, молитви и да направиме нешто за да стекнеме смирение.

Еднаш отидов на Света Гора и поставував прашања за смирението. Сакав да видам што ќе ми кажат монасите со коишто разговарав. Во скитот „Света Ана“ прашав на еден мој пријател, познат подвижник:

– Отче, кажете ми нешто за смирението. Вие коишто сте поминале преку тоа. Што ви направија за да се смирите?

– Што да ти кажам, не сум смирен, но минуваш низ многу нешта за да станеш смирен, тоа се  чудни нешта кои понекогаш те изненадуваат.

– Ќе сакате ли да ми кажете едно такво искуство?

Тој рече:

– Еднаш на грешка скршив топломер, ми беше во рацете и го испуштив. Духовникот кога го виде тоа ми рече: „Врзи си го на вратот со едно јаженце и остави го да виси на твоето расо. Така ќе одиш 4 дена. Што и да правиш, кој и да те гледа или ти се смее, или те праша зошто е тоа така, ќе велиш: ’Скршив топломер‘“.

– И направивте ли така?

– Направив.

Тој имаше дипломирано на Универзитет со највисоки оценки. Каква и одговорност да добиеше, тој со точност ја исполнуваше. Но сега, кога ќе застанеш пред тој човек, лицето му има таква благост и сладост, што се прашуваш: „Како станал таков?“ Таков станал од ударите на смирението.

Најпосле Старецот продолжи:

– Еднаш на Света Гора дојде еден убав младич што сакаше да стане монах, но беше преокупиран со тоа да изгледа убаво. И што направи нашиот Старец? Зеде катран од дното на тенџерето во кое готвевме на дрва и му рече: „Ела бре тука, убавецу, те гледам убаво и добро дете си!“. Му го намачка лицето и му рече: „Немој да си се миел, јас ќе ти кажам кога ќе се измиеш! Така ќе одиш некое време“. И тој се смири. Духовникот, пак, ми кажа дека кога како мал отишол да стане монах, многу си ја сакал косата, се грижел за неа, а имал долга и здрава коса. Неговиот духовникот му рекол: „Ела тука!“ Зел ножици и почнал да сече како што ќе му дојде. Но – се присеќаваше мојот Старец – како да го отсечам својот егоизам? Го прифатив тоа што ми се случи, но се срамев. Појдов и се криев во храмот за да не ме гледаат луѓето.

Неговиот духовник го забележал во храмот и му викнал: „Што стоиш бре таму, дојди тука!“ И го поставил пред свеќите, така што секој што влегувал го гледал. „Тогаш тоа беше мачење“, заклучи мојот духовник, „но помина и ми донесе духовна полза“. Така човекот се смирува и станува добар.
 

Ќе страдаме, сѐ додека не се смиримеАрхимандрит Андреј Конанос
I дел
II дел
III дел
IV дел
V дел