Меланхолијата – II дел

Прекрасно е да имаш луѓе што ги сакаш, не велам да немаш. И не ја потценувам болката од разделбата, што те доведе до депресија, но не би требало да чувствуваш таква потреба од било кого, што без него да го губиш разумот. Биди со него, радувај му се, насладувај му се, но биди подготвена, доколку го изгубиш, да ја знаеш тајната што ќе ти ја донесе радоста која си ја имала кога тој човек бил покрај тебе.

Во секој миг треба да си во состојба да кажеш:

„Се радувам што те имам. Среќна сум во твојата близина, црпам убави нешта од тебе, но да знаеш дека и без тебе нема да се срушам. И без тебе ќе издржам. Сум открила во себе едно копче и кога ќе го притиснам ја оживувам надежта, своето достоинство, љубовта кон Бога и се чувствувам добро. Тој не ме сака повеќе, ме напушти, ме предаде. Ама Бог ме сака, се чувствувам добро и копнеам, се молам и си замислувам убава и силна иднина. Не е крај на сѐ, ќе го надминам ова.“

Тешко е, зашто чувствуваш голема болка. Болно е, зашто поради тоа отцепување од другиот крвариш. Слично се случува и кога на пример ќе те отпуштат од работа. Тогаш имаш не само финансиска зависност, туку и својата вредност си ја црпел од таму. Кога ќе те отпуштат, си велиш:

„Сега не вредам. Не сум полезен повеќе.“

А како тоа не вредиш. Зарем вредеше само затоа што беше таму? Секако вредиш, само бидејќи си се прилепил и си се сродил со работата, велиш:

„Јас и ти едно сме. За мене работата е сѐ. Јас сум мојата работа.“

Не си ти твојата работа. И Бог ти дава прилика да го сфатиш тоа. Тој како да ти вели: Ајде оддалечи ја малку работата од себе. За да можеш да ги видиш и останатите твои дарби. Ти си мислеше дека црпеш сили само од таму, но јас ти велам дека така само се потценуваше себеси. Сега си уште повеќе ценето, дете Мое!“

Затоа на почетокот зборував за подвижниците, кои немаат ништо. Дури и да им го земат тоа што го имаат, тие пак велат:

„Земи го! Не сум поврзан со тоа толку, што да црпам од него неопислива радост. Имам нешто убаво во собата, едно убаво пенкало за пишување. Земи го!“

Можеби си читал за оној подвижник што трчал по крадците но не за да ги фати, туку за да им го даде она што заборавиле да го украдат. Им викал:

„Заборавивте нешто, деца! Земете го!“

Тие се трогнувале и велеле:

„Прв пат гледаме вакво нешто! Друг да беше веднаш ќе нѐ пријавеше во полиција, а овој трча по нас да ни даде и други работи!? Зошто!?“

Бидејќи тој подвижник можел да биде среќен и без тоа.

Многу е тешко тоа, разбирам. Затоа и не ти велам да ја надминеш својата депресија и меланхолија денес или утре. Потребно е време – месеци, може и години. Треба да ги усвоиш лекциите што Христос ти ги предава преку животните удари и разделбите – како кога ќе си ставиш ханзапласт на раната и потоа, одлепувајќи го, велиш: „Оф, не можам да го одлепам“, бидејќи се залепил за кожата и треба да го одлепиш, а тоа ти причинува болка. Но треба да го одлепиш.

Така е и во животот. Откако ќе се одлепиш од својот надворешен источник на радост, си велиш:

„Најпосле сфатив дека во мене постои голем источник на радост! Постои Христовата благодат, Неговата сила, присуство. Кога се причестувам и Го примам Христа во себе, кога се молам, се допирам до Него. Кога го призивам Неговото име, се обраќам кон Него. Кога ја барам Неговата благодат, Он ме покрива, ги испраќа Своите Ангели. Сето тоа се само зборови, но ќе дојде време кога ќе ги живееш тие зборови, ако посакаш да Му одговориш на Бога во својот живот, зашто може и да не Му одговориш…