Секое добро доаѓа од Бога

Марија Склодовска – Кири:
Секое добро доаѓа од Бога
✣✤✣

Марија Склодовска – Кири, една од најгенијалните жени на минатиот век е родена на 7 ноември 1867 год. во Варшава, во сложното семејство на професорот Феликс Богуски. Марија, која имала уште неколку имиња (Мања, Мањушка, Анчупечо) имала уште еден брат, Јозеф и три повозрасни сестри: Броња, Еља и Зосја, од кои последната се упокоила многу млада.
Марија, како и многу други деца, била немирно девојче. Уживала во игрите и во бесконечната убавина на природата, во која, кога пораснала, наоѓала вдахновение за своите најинтимни размислувања. Особено ја привлекувал селскиот живот, кој ѝ овозможувал посебно задоволство при редовните прошетки низ расцветаните ливади, покрај горските потоци и низ волшебно убавите дубрави, каде што се чувствувала како во некој величествен рајски храм.
Нејзината помлада ќерка, Ева Кири, во биографијата „Мадам Кири“, за својата мајка напишала: „Мања чувствува безгранична љубов кон мајка си. Ѝ се чини дека во светот не постои поубаво, подобро и поумно битие од нејзината мајка“. Марија, до крајот на својот живот била „под силно влијание на својата длабоко религиозна мајка“, а христијанската вера, која е најголемото духовно богатство на човекот, била длабоко всадена во нејзината младешка душа и негувана до последните мигови од нејзиниот живот.
Додека нејзината мајка лежела болна во постелата, Марија, на колена и со склопени раце Му се молела на Бога, за Он да го врати здравјето на мајка ѝ: „Боже, врати го здравјето на нашата мама!“ На 9 мај, 1878 год., во моментот кога гаснел животот на Мариината мајка, целото семејство се собрало околу неа и тогаш таа, со својата рака направила крстен знак во воздухот и со тоа ги благословила своите возљубени деца и својот прекрасен сопруг. Пред самото упокојување ги изговорила зборовите „Љубам“…
Марија била најдобар ученик во класот; особен интерес имала за часовите по вероучение. Ги читала само најдобрите книги и во посебна тетратка ги препишувала најубавите мисли од нив. На цели три страници од таа тетратка, имала испишано извадок од Ренановиот „Христов живот“. Во почетокот на тие страници било забележано: „Никој и никаде не ја поставил љубовта кон човештвото толку високо над суетните светски интереси, како што го направил тоа Христос“. На матурата, 12 јуни 1883 год. Марија добила златен медал за постигнатиот одличен успех. Таа сакала да се здобие и со универзитетско образование, но нејзиното семејство не можело финансиски да си го дозволи тоа. Од тие причини, таа почнала да работи како гувернанта во богатите семејства, а дел парите што ги заработувала ѝ ги испраќала на својата сестра Броња, која студирала во Париз. После три години работа, Марија се обратила кај сестра си барајќи ѝ да ја прифати во Париз, зашто имала намера да се запише на студии. Во писмото ѝ напишала: „Ете, и во Благовестието е напишано: „Чукајте и ќе ви се отвори!“ Тогаш Броња ја повикала Марија во Париз за да ги започне своите студии (1891). Така започнале нејзините студентски години; Марија Живеела во беден стан под самиот покрив на зградата; имало периоди кога била прегладнета, зашто се хранела само со леб, чај и малку кравја маст. Пари немала воопшто, а облеката ѝ била многу скромна. Но сепак, успеала да ги заврши студиите. Се омажила за еден прекрасен човек: французинот Пјер Кири.
Марија и Пјер живееле во љубов и слога. Плод на таа нивна љубов било раѓањето на двете прекрасни ќерки – Ева и Ирена. Неуморната работа на младите сопрузи, придонела тие да откријат два радиоактивни елементи: полониум и радиум. Во 1903 год., заедно со Анри Бекерал ја добиле Нобеловата награда за физика. На 19 април, нејзиниот сопруг Пјер, загинал во сообраќајна несреќа. Тоа била трагедија, со која Марија се борела сè до својата смрт. Но сепак, таа неуморно и совесно работела, иако знаела дека ништо не можело да ѝ ја надополни празнината која ја чувствувала поради загубениот сопруг. Интересно е тоа што Марија добила уште една Нобелова награда од областа на хемијата во 1911 год., и со тоа станала единствената жена – научник во историјата.
За нејзината лична и огромна вера во Бога, таа се изјаснила во својата книга „Мисли за младото девојче“, во која ги изнесува своите мисли за добродетелите кои треба да ја украсуваат вистинската христијанска девојка. За да ја разбие заблудата дека во Бога веруваат само простите, неуките и ограничените луѓе, таа напишала: „Еден голем гениј рекол: „Малото знаење, понекогаш го оддалечува човекот од Бога; но многуте знаења, секогаш водат кон Бога“. Вакво слично размислување, произнесол и Луј Пастер.
„Животот е Божји дар, кој секогаш има јасно определена цел и работна обврска. Тој ни е даден за да станеме повозвишени и посовршени…Да работиме и Бог ќе нè благослови!…Човекот треба да работи за да може да Му се моли на Бога, зашто работата е негова должност. Човекот е најблиску до Бога, кога исполнува некаква должност“. Последнава мисла упатува на латинската поговорка: „Ора ет лабра“ – Моли се и работи. Човекот не би смеел да се плаши пред тешкотиите и предизвиците кои произлегуваат од работата: „Бог, Кој ја гледа вашата храброст, ќе ви дарува сила и работата ќе ви биде пријатна“. Времето не смее да минува во правење глупости, зашто Бог никому не Му ветил време – ниту на децата, ни на возрасните“.
Марија подвлекува дека најголемата добродетел за секоја девојка е нејзината духовна и телесна чистота: „Поезија на една млада девојка е нејзината невиност, потоа нежноста, скромноста и љубовта кон Бога, кон нејзините родители и ближни. Невиноста најдобро се чува со самосовладувањето, односно со победата над сопствените страсти; Воздржувањето е првата добродетел на христијанинот, а особено на христијанката“. Иако во нејзино време порнографијата и жолтиот печат не биле масовно застапени, како што тоа се случува денес, кога во полн процут е една алчна индустрија, која им овозможува брзо збогатување на расипаните издавачи, Марија Кири, сепак, ги опоменува христијанските девојки: „Читајте само добри книги!“. Таа од нив бара да се дружат со природата: „Сакај ја прошетката низ полето кое Бог го разубавил заради Неговата огромна љубов. Природата е убава! Ние Му должиме признание на Бога…Никогаш не заборавајте дека секое добро доаѓа од Бога и дека за сè треба да Му благодариме Нему!“
Обраќајќи им се на младите, Кири пишува: „Љубете ги сите луѓе! Зашто Бог ги благословил сите Свои созданија и сите сме Негови деца. Во Неговото огромно семејство има и богати и бедни и слаби и силни – но сите се наши браќа, затоа, простувајте им ги навредите на сите. Вистинскиот христијанин ги заборава навредите. Зарем тоа не е голема жртва!? Да, точно е, но животот на христијанинот е жртва“.
Марија во својата книга набројува и други добродетели, кои треба да ги украсуваат и девојките и момчињата, но и сите други луѓе: Бидете простодушни како децата! Зар Христос не рекол: „ако не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно“. Внимавајте, зашто Он рекол „Ако не бидете“, значи – вие можете да бидете…Горделивоста, омразата, зависта и соперништвото, заслужуваат само презир. Благородно е да се биде простодушен, милосрден, великодушен и добар. Тоа се добродетели кои водат кон Бога и кон небото“.
Кири, особено ја подвлекува важноста на надежта: „Надежта е голема добродетел; Бог заповедал да имаме надеж. Тогаш кога мислиме дека сè е изгубено, кога мислиме дека е трагедија она што ни се случува – тогаш Бог, Кој го допуштил тоа испитување, ни подготвува среќа…Добриот Бог не ни допушта искушенија поголеми од нашите сили. Во Него нема неправда, зашто Он го казнува само гревот“.
За тоа каков треба да биде односот на христијанските девојки кон оние што не поверувале, кон оние кои немале можност да ја запознаат божествената убавина на христијанската вера, Марија, како исклучителен и искусен педагог, советува: „Не држете проповеди, не гледајте да го збуните неверникот; единственото нешто што треба да го кажете е: „Јас верувам и мојата вера ме прави среќна“.
И покрај многуте сурови бури во нејзиниот живот, покрај сите можни искушенија, тажни и несреќни периоди, Марија Склодовска – Кири, прекрасна жена, генијален научник и совесна мајка, не ја изгубила својата вера во Бога:
„Да ѝ се покоруваме на волјата Божја, зашто Он ќе го смири нашиот дух“.

Душан Хр. Константинов