Сладоста на покајанието (прв дел)

Со Христа сме насекаде. Преподобниот старец Порфириј вели: „Со Христос си насекаде, патуваш по небото, по ѕвездите, по Индискиот Океан, по краиштата на земјата, во срцето на земјата, во морињата, на дното“. Тоа се случува преку молитвата, преку Христовата љубов, преку Христовата благодат, која покрива сѐ, која дава живот на сѐ. Кога сме близу до Бога, близу сме до сѐ. Тоа е вселенскиот карактер на Црквата, светскиот карактер на Црквата, вселенскиот карактер  на Христијанинот. Нашата душа станува светска и се простира насекаде, влегува во вечниот поток на Божјата љубов, на Божјата благодат, на Божјата закрила и промисла, влегуваме во таа река и сите сме заедно. Нели тоа е убаво?  Ние сме православни Христијани близу до Господ, Он нѐ соединува и поврзува. И ти, да не се срамиме што не се гледаме, зашто се гледаме: Неговата Крв е нашата крв и сите сме соединети во таа општа љубов. Господ вели: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“.

Видете како човек стигнува до покајание. Дури и сега да не се каеш за своите гревови и да не си ги осознал, ќе дојде момент, кога самиот живот ќе те повика, со тек на времето, самите настани ќе те повикаат да се покаеш. Ќе разбереш, ќе созрееш, дури и да немаш учител до себеси, ќе бидеш самоук и богоук. Дури да си нетрпелив, Бог ќе те поучи во животот што значи трпението. Ако една жена забремени, девет месеци ќе покажува трпение, дури и да е нетрпелива, ќе се научи на трпение во самото тело. Не може поинаку. Ќе дојде некаков неуспех во животот, кога ќе се расипе твојот автомобил, сакал-не сакал, ќе треба да чекаш пет дена на сервис. Ќе се научиш дека не станува сѐ така како што ти сакаш, животот ќе те научи. Животот ќе те принуди да се научиш. Некој ми велеше: „Отидов да ги земам децата од училиште, жена ми беше дома, чекаше другото дете да се врати, одеднаш автомобилот ми се расипа, не можев да го поправам, ѝ се обратив на жена ми и таа требаше да отиде да го земе детето, да отиде на работа, а јас ништо не успеав да завршам. Децата во училиште не знаеја зошто доцнам, го оставив автомобилот на средина на патот, не викнав такси за да појдам да ги земам, не можев да се разберам со жена ми, зашто не одговараше на телефон. Хаос. Тоа знаете ли на колку многу нешта ме поучува? На трпение, љубов, великодушност, добри мисли, да внимаваш кога зборуваш со децата и со жена си, на тоа како ќе ги доближиш, за да ги утешиш кога и тие се изнервирани. Бескрајни лекции, бескрајни поученија, ако сакаш да го живееш тоа што го живеел пророк Језекиил, на кого му била дадена книга што тој ја проголтал, сакајќи да покаже дека го примил во себе Божјото знаење, волја, пророчки дар. Така и ти, сакаш проголтај, сакаш читај книги, и дури и да не читаш, животот ќе те натера да созрееш и да ги научиш твоите лекции. Ќе дојде момент во твојот живот, во кој ќе го научиш покајанието, вистинското покајание. Треба само да имаш добро расположение, да имаш добра душа, љубочестие, Бог ќе те посети, ќе ти го омекне срцето, ќе ти дари покајание, тоа за кое се вели: дарувај ми да ги видам своите прегрешенија. Тоа е дар од Бога, а не проклетство, казна, отстапување од Бога. Отвори ми ги портите на покајанието, Жизнодавче – тоа се вратите на покајанието кои те водат во прекрасен град, врати кои се отвораат и влегуваш во убав град. Покајанието не е тортура, не е затвор, не е нешто кое предизвикува глувост во душата. Тоа е облекување на душата, земање на воздух, воздишка, тоа е нешто што се подразбира, кое сите би требало да го имаме. Но да стигнуваме дотаму – ете, тоа треба да го бараме. Самата наша природа не води кон покајание, зашто правиме грешки, самата природа би требало да нѐ води кон смирение, зашто сме многу глуви, неважни луѓе, но не ја живееме таа природна состојба и сме стигнале дотаму да сметаме дека е чудо да видиш смирен човек што се кае, додека пак, тоа е природната состојба, тоа е нашата природа – проста, од која сме создадени. Ние сме немоќни, но немаме покајание, немаме понизност, немаме смирение, немаме сознание за гревовите.

Еднаш отидов во еден манастир чијшто игумен зборуваше со еден друг старец, т.е. таму беа двајцата игумени. Тоа се случи пред Страсната Седмица. Игуменот домаќин го прашал игуменот гостин: „Како така дојдовте во нашиот манастир пред оваа недела? Зошто не си седите во вашиот манастир? Нели и вие сте игумен? Не исповедате ли, не доаѓаат ли луѓе кај вас?“

Тој одговорил:

– Старче, верувајте ми, престанувам да исповедам овие денови, зашто не издржувам да ги слушам луѓето коишто не се исповедаат, не се покајуваат, а само идат и ми зборуваат. Ми натежна да слушам истории, случки, настани, дискусии, осудувања, љубопитства, но не сум видел луѓе што се покајале. Доста време не сум видел луѓе што се покајале. Таму каде што исповедам, има пакет со салфети, понекогаш некои луѓе спонтано земаат од салфетите и си ги бришат солзите. Но, да знаете, дека повеќе пати пакетот си стои така, како што сум го оставил. Долго време не сум слушнал гревови, туку слушам осуди, љубопитства, коментари… Не знам, нешто се случува, не постојат многу луѓе што се покајуваат околу нас, ги нема, малку се тие кои вистински се каат.

Игуменот му одговорил:

– Да покажеме трпение, да не судиме, не ја знаеме Божјата волја, не знаеме што се случува во срцето на другите, не го знаеме крајот, уште не дошол, може во последниот момент некој да се покае, да се случи нешто и душата да му се покае, срцето да му се скруши, да признае дека го побркал животот и да се промени.

Се разбира, човекот нема да го започне животот од почеток и одново да се жени, одново да бара професија, да гради дом, но ќе постави почеток во својата душа, за што се доволни пет минути да го направи тоа и после тоа оди при Бога и се спасува, променувајќи  го животот. И она што го велат некои: „Ах, да бев млад! Бев млад и остарев! Да бев млад да го започнам животот одново!“ Не, започни го сега. На 70 години ли си? На 80? На 20? Времето важи оттука натака. Кога ќе се покаеш, ти се отвора нова страница и нова перспектива во животот, колку години и да си, Бог го заборава старото и го гледа новото. Тоа е многу убаво. Покајанието е ќерка на надежта, треба да имаш доверба во Бога, дека Он ќе те засака, ќе те прими, да чувствуваш во себеси дека суштествува Оној Кој те очекува, те сака и ништо не е загубено. Тогаш започнуваш да се надеваш дека ако се покаеш, ако признаеш дека не си здрав духовно, Бог ќе те засака и нема да те остави.

Ако отидеш да се исповедаш кај некој духовник и го покажеш своето покајание, солзи, скверноста на твојата душа, кажеш кој си, да ја видиш вистината – не кажувај лаги, не кажувај дека си лош ако не си, не кажувај дека си крадел ако не си крадел, дека си направил нешто а не си направил, туку вистината – кога ќе ја видиш вистината очи в очи, другиот не може да не те засака. Ако си вистински пред другиот, не е возможно тој да не се трогне од тој вистински образ на твоето јас – иако тој образ е ранет – зашто е образ на Бога. Образ во кој се огледува Христос, тој образ во кој длабоко суштествува благодатта на Светиот Дух, суштествува печатот на Светиот Дух, печатот кој сме го добиле при нашето Крштение. Во таа душа, која сега е поразена и се тегоби од различни проблеми, суштествува Божјата благодат. Затоа, кога ќе се покаеш, таа автоматски ќе еруптира и ќе се појави.

Еден човек рече: „Отидов кај духовникот, му кажав сѐ што сум сторил, плачев пред него, се грижев и стравував дека ќе ме погледне чудно, ќе ме критикува, ќе ме отфрли, ќе ми се скара, а тој ме сакаше уште повеќе. Неговите очи ми се видоа насолзени како моите и му реков: ’Отче, ништо ли нема да кажете? Нема ли да ме осудите?‘ ’Дете мое, како да те осудам? Ти се покаја, а јас да ти се лутам? Ти се смири, падна ниско, а јас да те фрлам уште подолу? Сега кога самиот се доближуваш до Бога и ја призна вистината? Јас не те осудив кога ги направи гревовите, та со нив сега ли да те осудам, кога стана нов човек?‘“ Тоа е големо, таа љубов, која човек ја чувствува до Бога и до Божјите луѓе, кога се покајува. Некој ме праша, таква ли треба да биде љубовта? Таква треба да биде, секогаш треба да има некој до нас, кога се покајуваме во нашата исповед, којшто ќе нѐ прифати со љубов, како да нѐ прима Бог. Кога некој се покајува пред тебе, дури и да не си духовник – ти си татко, мајка, брат, сестра, пријател, роднина, колега, ќе дојде момент во твојот живот кога некој ќе дојде со тебе, ќе сака да си го отвори срцето и да го најде твоето срце отворено, за да си ја каже болката. Да се покае за нешто, да ти го каже тоа, да ти ја открие својата мака, грижа и тага за своите гревови пред Бога, пред себеси, да каже кој е, зашто има такви луѓе, пред да појдат на исповед, пред да го побараат Бога, Црквата, патот на Црквата, свештеникот, посетуваат прво некој човек. Не знаат каде да појдат и одат при некој пријател и му кажуваат сѐ.

Прашањето е дали создаваме ние благопријатна клима околу нас, соодветна за покајанието и исповедта на нашиот брат? Оставаме ли другиот да ни го открие своето срце? Не само да го каже тоа што и ние го велиме: „Како сте? Добро! Благодарам! А вие? Убаво! Ајде чао!“ Формални зборови. Не тоа, туку да си ја отвори душата и да каже две мисли, ама од срце.

(Продолжува)