Покајанието – слатка тага на душата ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ I дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Покајанието – слатка тага на душата (I дел)
✤✣✤

Најголемото знаење
✤✣✤

Доколку во нас има покајание тогаш сѐ би било поинаку. Па така, што е тоа покајание и што значи да си ги осознаеш своите гревови? Што значи тоа да жалиш поради своите грешки? За тоа ние постојано се молиме во храмот – за Христос да ни даде да го поминеме останатото време од нашиот живот во мир и покајание. Ние постојано се молиме за тоа, но тоа секогаш бега од нас. Покајанието бега од нас!

„Покајание“ – колку убав збор! Измена на мојот ум (грчкиот збор μετὰνοια), го менувам својот поглед на работите, го менувам своето мислење, своето настроение, срцето, односот кон животот, поинаку гледам на светот, на животот, станувам нов човек. Покајанието означува повторно раѓање, обновување на мојата душа, јас буквално се враќам назад во времето и ставам нов почеток, и станувајќи нов човек, јас одново станувам дете и отворам нова страница во својот живот, потполно нова. За таму да запишам нешто ново и да го избришам старото, да го фрлам од својот живот и да почнам да живеам одново.

Кон покајанието се стремиме и покајание бараме од нас самите. Господ нѐ замолил да имаме покајание, Он вели: „Покајте се!“ (Матеј 4, 17). За покајанието постојано зборуваше и Св. Јован Претеча: „Покајте се!“ – викаше во пустината. Тој пустиножител, подвижник, таа пустинска птица, тој крин пустински постојано зборуваше: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј, 3, 2). Изменете се, исправете се, сфатете ги своите грешки, согласете се дека сте грешни луѓе и прифатете го очигледното: дека покајанието ни е неопходно. Тоа го рече и Самиот Господ – Свети Јован Претеча си заминува од историската сцена, и доаѓа Господ во нашиот живот и ни го вели истото.

Ние сепак немаме покајание! Ние немаме покајание и дури сега, слушајќи го ова, ти си велиш во себе: „Што ти е, сега најде да ми зборуваш за покајание? Јас имам толку многу обврски, треба да трчам по децата, да ги соберам од училиште, треба да готвам, треба да испазарам, да одам по продавници, треба да се појде на лекар и уште колку работи имам на глава! Времето ми е сведено на минимум, не ми стасува, толку многу работи треба да направам, не успевам да го направам ни она најнеопходното. А ти ми велиш да се покаам – што да направам за да се покајам? Не можам да го сварам тоа да се покајам! Не сфаќам што ми зборуваш, што е тоа покајание?

Си спомнувам за зборовите на Св. Јован Лествичник, којшто вели дека тоа што ти никако не успеваш да го направиш, тоа за кое никогаш немаш време, тоа е она единственото што Христос ќе те праша дали си го направил; единственото за што ќе даваш одговор пред Бога; единственото кое Христос ќе го побара од твојата душа во Судниот Ден. Покрај љубовта, покрај сѐ што е добро и што Господ го бара од нас: смирението, добротата, милостината, сите добродетели, сите нешта што ја украсуваат душата и го оживотворуваат нашето битие, покрај сето тоа Он ќе побара да види и дали сме имале покајание: тогаш кога си направил грешки, кога си претрпел неуспех во сѐ што си сакал да постигнеш, (а ние, секако, сите трпиме неуспеси, никој совршено не го достигнал тоа што го сакал, никој не ја достигнал висината на којашто сакал да се искачи. Никој не може да има совршена љубов, совршено смирение, потполна и некористољубива самопожртвуваност, чистота на срцето, никој не може да го има тоа до степен на совршеност како што сака Бог). И Господ вели:

„Кога не можеше да ги достигнеш сите тие убави нешта што ги сакаше во животот, бидејќи беше слаб, па дури и она постигнатото го извалка со својата злоба и себичност, дали барем имаше во себе покајание? Дали покајанието ги пронижа сите страни од твојот живот, сите моменти од твојот живот? Ги украси ли покајанието, ги исправи ли? Ти беше грешен, нема да ти судам за тоа што беше грешен, бидејќи знам, како Бог, дека ти си грешен. Знам дека ти си земја, знам дека ти си прашина и не очекувам од тебе ништо подобро – јас знам дека ти сам ништо не можеш да направиш! ’Бидејќи без мене не можете да направите ништо‘ (Јован 15, 5). Ти не можеш да направиш ништо, го знам тоа и не се лутам кога ја гледам твојата немоќ, бидејќи знам дека ти си целиот една голема слабост, една рана“.

Да, човекот е една голема рана на Вселената. Бог го знае тоа и затоа нема да ни суди, нема да нѐ прекори за тоа што сме грешни, нема да нѐ прекори дури и за тоа што не сме достигнале големи цели во животот. А и не можеме да достигнеме некакви си големи цели, зашто сме луѓе мали и бессилни. Сето возвишено што може да се достигне Му припаѓа Нему. И сето она големо што произлегува преку нас, исто така Му припаѓа Нему. Он ни дава сила, благодат, крепост и дејствува преку нас.

Бог нема да ни суди поради тоа што не сме пошле по сите краишта на Вселената, да мисионериме, доколку Самиот не нѐ повикал на тоа дело. Бог нема да ми суди за тоа што не сум воскреснал мртовец, бидејќи не е мое да правам така. Не сум јас Животот, Патот и Вистината. Не сум јас Оној што кажа: „Кој верува во Мене, и да умре ќе живее“ (Јован 11, 25). Христос го кажа тоа. Христос може да воскресне мртовец, а не јас. За тоа Он нема да ми суди. Господ нема да ме прекори дури и за тоа што сум грешен, и за тоа што не сум ги нахранил сите бедни на светот, бидејќи сам не можам да го направам тоа.

„Знам, дете мое, дека ти си човек, ти си земја; дека под облеката што ја носиш, под расото што го носиш, криеш плот и таа плот е земја, и прашина, и пепел, која го бара сличното на себе и Јас знам кој си ти. Но има нешто што Јас го чекав од тебе“, ќе ми рече Христос, „нешто што и ти, како прашина, и земја, и Мое создание можеш да го направиш, и требаше да го направиш, и што Јас го чекав од тебе целиот твој живот. Чекав да го направиш тоа. А што е тоа? Да се покаеш! Барем да се покаеш. Ти не си свет, Јас знам. Но Јас дури и не видов дека ти се согласуваш со тоа. Јас не видов дека ти жалеше за себе самиот, дека ја позна својата мерка, дека го сфати очигледното. А што е тоа? Тоа дека си безначаен, мал, бессилен. Јас не видов“, ќе рече Христос, „дека ти се согласи со тоа, дете Мое. И те гледам крајно себичен, совршено неисправен, непопустлив, совршено тврдоглав, имаше голема доза на инает во тоа што го зборуваше, во тоа што го мислеше, во тоа што го правеше. Си стоеше на своето, не се покаја, срцето твое не го прими тоа, затоа што секогаш беше тврдо, секогаш остануваше непроменливо во своите желби, решенија, постапки. Не ја видов таа сладост на покајанието. А сакав да видам дека ти се согласуваш со тоа. Сакав да видам дека тагуваш, да видам да се приземјиш, и да влезеш во својата мерка, да ја разбереш својата мера. Сакав да го сфатиш тоа и да Ми кажеш:

’Господи, тоа сум јас. Толку мал, толку слаб, толку грешен. Гревови во мене има многу и јас ги знам, размислувам за нив, тагувам, душата моја страда, очите пролеваат солзи, плаче душата моја. Ако и нема солзи од моите очи, бидејќи се дар од Бога, во душата сепак, многу плачам. И доколку на очите мои нема солзи, барем воздивнувам, се мачам поради тоа, признавам и го велам ова. Се согласувам и велам: Ах, Боже мој, јас не сум таков каков што ме создаде. Не сум таков каков што треба да бидам, за да ме гледаш и да ми се радуваш. Кога ме создаде, кога ме изваја во рајот, кога со Своите пречисти раце ми даде живот, кога собра земја и го создаде делото на Твоите раце, човекот, мене, сиот свет – Ти не мислеше дека ќе дојдам до тука. Ти не сакаше да паднам до тој степен. А јас толку паднав. Се согласувам со тоа, воздивнувам, тагувам, се мачам‘“.

Ете тоа значи покајанието – тага на душата, но слатка тага. Тага која е придружена со надеж – надеж во Христа. Тага која е придружена со чувство дека постои Некој, Кој е пред тебе.

(Продолжува)