Покајанието – слатка тага на душата ✤ Архимандрит Андреј Конанос ✣ V дел

Архимандрит Андреј Конанос
✤✣✤

Покајанието – слатка тага на душата
(V дел)
✤✣✤

Ќе дојде часот кога ќе се каеме за изгубеното време
✤✣✤

Тоа е убавината на Црквата. Се каеме, се враќаме, паѓаме и стануваме – преовладува чувство на враќање! Тешко е чувството на пад, таа горчина во душата, тагата и унинието што нѐ опфаќа, но о друга страна се радуваме што имаме Отец, Го најдовме Месијата, Го најдовме Избавителот. Радувај се Ти, Која си Го родила Учителот на заблудените, радувај се Ти, Која си Го родила Избавителот на пленетите! Он е нашиот Избавител, а ние сме оние пленетите, заблудените. Доаѓа нашиот Избавител, имаме Патеводител, и тоа е нашата радост, а не тоа што сме лоши – тоа е тажно.

Во Црквата има многу надеж, многу оптимизам. Покајанието е натопено со солзата, којашто штом ќе почне да станува жална, веднаш се претвора во радост. И веќе не знаеш зошто плачеш – затоа што тагуваш или затоа што се радуваш! Има луѓе кои за време на исповед плачат, плачат, сум видел такви што плачат, и ги прашуваш: „Сега зошто плачеш? Нели Господ ти прости!“ И вели: „Не знам, плачам и за тоа што го направив, плачам и затоа што ја чувствувам прошката, што Господ ме облеа со Својата љубов. Почувствував една прегратка во срцето, кога Му ги кажав гревовите, почувствував дека ме прегрна! Мене, гнасниот, грешниот, непотребен Негов слуга – како може да ме љуби толку со таа моја смрдеа? Како ме прегрнува мене, неизмиениот?“

А како таткото на блудниот син си го прегрна своето дете коешто беше во партали, со недели наназад немиено, валкано? Тој пречист татко, како го допре откако син му беше презрен во очите на луѓето. И Таткото рече:

-Ако зборуваш така, значи уште не Ме познаваш. Ако Ме нарекуваш Татко, а Ме сметаш за таков, уште не си разбрал каков е Бог. Не си го сфатил океанот на љубовта Моја, на Моето човекољубие, на Мојата добрина, на Мојата „несправедливост“. Јас сум Бог, неправеден според твоите мерки, бидејќи ја немам твојата справедливост, ги немам твоите мерила, туку ја давам Својата прошка како што сакам.

И додека ти на твојата вага треба да ѝ поставиш соодветна тежина за да постигнеш рамнотежа, Господ балансира како што Он сака. Он му плаќа на работникот од последниот час исто толку како на оној што работел од утро до вечер. А овој, последниов, негодува и вели:

-Господи зошто вака? Јас работев од утро до вечер и Ти ми даде плата, а тој дојде и започна да работи од вечерта и има иста плата. Зарем не е несправедливо тоа што го правиш?

А Бог му вели:

-А тебе зошто ти пречи тоа? Зошто те иритира? Љубовта е несправедлива.

Љубовта онеправдува. За таа неправда треба да се фатиме цврсто и да се надеваме на неа па така да се спасиме. Ако Бог ми суди според правда нема да се спасам, но ако ми суди не по правда, туку со љубов, милосрдие и прошка, на божествен начин, тогаш има надеж за моето спасение. „Господи, ако гледаш на моите беззаконија, тогаш кој ќе постои Господи?“ Кој ќе издржи, кој ќе го истрпи тој суд. Ако гледаш на моите гревови нема начин да се спасам. Но Твојата милост ќе натежне, ќе натежне една солза.

А ти имаш ли една солза? Тоа е она што го нарекуваме Божја благодат, што го нарекуваме Христово допирање до нашата душа. Тоа е плод на Светиот Дух. Плодот на Духот е обилни солзи. За тој дар не пишува во Писмото, затоа што е скриен и ненадеен дар, бликнува наеднаш и доаѓа од Бога според Неговата волја, така Бог нѐ восхитува. Светиот Дух има многу дарови, не само дарот на солзите, туку има и бескрај други дарови, божествени смисли, возвишени мисли, единствени доживувања, Божествено сјаење околу нас, Христова благодат, солзи… многу работи ни дава.

И така, ја имаш ли таа солза? Ако ја имаш тогаш има надеж за рајот. Прекрасна е таа солза која се лизга и Бог ја зема, ја зема нашиот ангел, а ти си мислиш дека таа исчезнува. Бог ја зема и ја носи во рајот каде што таа станува дијамант. И наеднаш ангелите гледаат на небото силна светлина и Му велат на Бога:

-Што е тоа што блесна? Што е тоа што сјае денес меѓу нас, среде ова свештено собрание? Што блеска толку силно денес, Господи?

А Он одговара:

-Тоа е солзата на еден човек што се кае, едно Мое чедо се покаја. Едно мое создание плачеше денес, плачеше горко. Му ги зедов солзите и ги направив дијаманти, коишто ќе го очекуваат за да го украсат неговиот венец кога ќе дојде во Моето Царство.

Тие дијаманти ќе ни дадат убавина. Тогаш тие солзи ќе ја разубават и нашата душа и веќе нема да има солзи, „таму каде што нема да има ни болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен“. Живот бесконечен. Но треба да има една солза, барем една солза. Старец Ероним Егински – има книга за него, напишана од негово духовно чедо – вели: „Солзи имам многу, но очите ми се мали, не ги собираат. Не ми стасуваат очите, Господи, за да ги исплачат солзите што ги имам од љубов кон Тебе, од покајание за моите гревови и за гревовите на луѓето!“

Колку убаво нешто е да имаме покајание! Секогаш, а не само во Великиот Пост. Секогаш треба да имаме покајание. Зашто и во денот на Пасха ќе си допуштиме грешки, дури и на Пасха и на Успение Богородично можат да се случат недоразбирања – колку кавги стануваат заради јадењето, заради семејни проблеми, а празници се! Некој може да каже дека празниците се време на радост – Рождество Христово, Пасха, самото лето, кога одиме на море, патуваме, си го минуваме одморот, значи не се време за покајание. Но погледни, и таму каде што одиш децата твои ќе побараат сладолед, ти ќе почнеш да се нервираш што немаш пари и се лутиш на жена ти затоа што сака да запрете и започнуваат недоразбирањата. Ете нов повод за покајание. А како ќе се помирите? Така што ќе се покаете! За време на одморот, и во најубавото одморалиште, и на најубавото море, и на најубавите плажи ќе се појават поводи за покајание. Каде и да одиш треба да го носиш покајанието со себе, да го имаш постојано со себе. Тоа е многу полезно, многу неопходно, каде и да си, како кутијата за прва помош при патувања. Тоа ќе ти ги исцели раните на секојдневието, траумите – големи и мали. Тоа може да ги исцели сите големи душевни болки. Кога ќе се појават пред Бога, сите оние коишто се покајале, ќе имаат голема надеж за спасение. Останатите, коишто никогаш не сме се покајале, што ќе правиме?

Се сеќавам на еден случка од „Добрословот“ (Евергетинос), во него се зборува за еден мрзлив христијанин којшто безгрижно си го поминал животот без некогаш да се покае за она што го направил. Тој постојано правел гревови. Дошол крајниот час – и имал видение како Бог ја суди неговата душа. Таму бил и неговиот ангел чувар, даден на крштението, којшто барал да најде нешто добро за да може да каже „Господи, тој го направи ова“. Ангелот сепак не можел да види ништо добро во неговиот живот туку само егоизам, нервоза, измислици, гнев, оддалеченост од Бога. Сега што да прави, што да Му каже на Бога, сите тие работи со коишто се потсмевал, гледа дека се вистински. Што да каже тој човек пред Бога сега? Крај на лагите, крај на шегите. Тој си мислел дека вечниот живот е шега и велел дека само овој живот е вистински. Да јадеме, да пиеме, да го имаме она што е од овој свет, другото се измислици. И што гледа сега? Гледа дека она што го сметал за измислица е вистина, а тоа што го сметал за вистина е илузија. И заврши романот – во романите обично на крај луѓето поминуваат добро … а ние уште подобро. Да, но сега сфаќа дека не е подобро, туку полошо, дека тој воопшто не се подготвил за она другото што го очекува. Не поседува ништо и наеднаш почнал да размислува за својот живот. Тој видел како тасот на вагата натежнува под неговите пороци. Ангелот негов бил многу натажен и плачел, а ѓаволот се радувал. Наеднаш и тој започнал да плаче, и тој, немоќниот, којшто бил на умирање, започнал да плаче и да вели: „Што направив, Боже, цел живот, цел живот во глупости, цел живот падови, цел живот далеку од Тебе – тоа е најлошото, тоа е мојата најголема глупост! Мојот најголем грев. Не Го познав Бога! Живеев како кучињата, дури и полошо од нив, зашто тие умерено ги следат своите инстинкти, а јас ги следев само моите животински инстинкти, страстите и ништо друго. Не помислив дека Бог постои! Не мислев дали постои душата. Сега гледам сѐ“.

Тој човек го гледал целиот свој живот како на лента. Никогаш немал заплачено. Тој, толку тврдиот по срце, започнал да плаче и зел една крпа и си ги избришал очите. Вагата веќе била натежната кон неговите пороци, стрелката се спуштила до долу. Во последниот момент ангелот смислил нешто. Љубовта секогаш смислува нешто. Љубовта е инвентивна. Што направил ангелот? Тој ја зграбил таа крпа, тоа натопено од солзи крпче и го ставил на другиот крај на вагата со зборовите: „Господи, пред да донесеш крајна одлука види го ова крпче, овие солзи, зарем не можат тие да направат чудо. Види му го покајанието, макар и сега во последниот миг, две минути пред да се упокои. Ти си милосрден, Господи, и другпат си го направил тоа, на Крстот го спаси разбојникот во последниот миг“. Тој го поставил натопеното крпче и вагата натежнала на другата страна, Господ му простил.

Семоќна е таа солза, солзата на покајанието! Имаме ли такви солзи? Да најдеме време во нашиот живот, денес, утре, задутре, секој ден да се покајуваме по малку за тоа што сме го направиле и за тоа што имаме намера да го направиме. За тоа што го прават нашите ближни, и за кое никогаш не сме се каеле. А и тие никогаш не се покајале.

Да Го молиме Господа да нѐ допре со тој жезол со кој Мојсеј ја допре карпата и бликнала вода во пустината. Нека Господ ја допре таа карпа на нашето срце, тврдо како камен, и да потече таа животворна солза. Помолете се за мене, а и јас за вас. Амин.