Смирение е да знаеш кој си (I дел)

Ние можеби сме луѓе со добро однесување, можеме да бидеме љубезни и да изгледаме смирени. Кога ќе не прашаат: „Кои луѓе беа за празникот?“, ние одговараме: „Јана, Марија, Никола и јас“. Се поставуваме себе си на последното место, затоа што така пишува во книгите – дека не треба да се истакнуваме најпрвин себе си. Проблемот е сепак како да го заземеме последното место и во нашите мисли, т.е. како да почувствуваме во својата душа дека сме последни. Во себе значи не правиме така.

Малите деца од основно училиште се доста спонтани и си кажуваат сѐ што мислат или чувствуваат. Тие секогаш пишуваат: јас, јас, јас… „Јас, мама и тато отидовме на одмор. Јас имам количка!“, а учителките  коригираат со црвено: „Не пишувај постојано ,јас’!“

Од друга страна, пак, мајките и татковците мислат дека нивните деца се најдобрите и велат: „Јас го имам најдоброто дете“. Според нив тоа е најдобро и на предавањата во училиште, и во спортската сала, а особено ако одат на пијано, тие не пропуштаат да напомнат дека: „Учителката по пијано вели ќерка ми е најдобра! Се издвојува од сите!“ Сите родители го тврдат тоа. И овој дух тие му го предаваат на детето уште од најмали години и му сугерираат дека е најдоброто, бидејќи ако не е најдобро може да го снајде пораз. Така се култивира нашиот егоизам. Кога Канзаѕакис отишол на Света Гора, се сретнал со еден подвижник, отец Макариј Спилеот, кој живеел во пештера. На крајот на разговорот отец Макариј му рекол:

Разбуди се пред да биде доцна! Голем е твојот егоизам, егото твое ќе те изеде.

Канзаѕакис му рекол:

Не го обвинувај егото отче! Егото го одделило човекот од животните.

А подвижникот му одвратил:

Грешиш, егото го одделило човекот од Бога. Кога сме биле смирени во рајот, сме биле заедно со Бога, возљубени и во единство, но кога рековме Јас! – се одделивме, избегавме и од рајот и од Бога и од себе си и од другите.

Има само еден случај кога можеме и треба да велиме Јас! – тоа е кога се обвинуваме себе си. Тогаш можеш да кажеш: „Јас сум виновен, јас го направив тој грев, јас згрешив, јас посакав и го направив“. Во тој случај – да, но за жал тоа се единствените случаи во кои не велиме Јас.

Постои едно списание кое се нарекува „Его“. Во анализата на психоаналитичари за начинот на кој луѓето се забавуваат, пишува дека од моментот кога човек ќе почне да се подготвува за некаква забава, кога се дотерува, става парфем, избира соодветна гардероба, итн. потсвесно во душата му се изобразува токму зборот Јас: јас да се покажам, мене да ме видат, што ќе речат за мене, за мојот изглед, убавина, облека, парфем. Тоа его постојано се пројавува во современите форми на забава. Потсвесно човекот постојано мисли на своето его, затоа што него го претворил во центар на својот живот.

Но така сме многу далеку од вистината. Господ ни вели дека дури и кога исполните сѐ што ви е заповедано, дури и тогаш речете: ,Ние сме слуги негодни’ (Лука 17,10). А ние што правиме? Честопати дури ни добар почеток на животот не сме поставиле, а се сметаме за важни и големи.

(Продолжува…)