Смирение е да знаеш кој си (II дел)

Смирението не е меланхолија. Некои така го сфаќаат – дека тоа е нешто депресивно и значи да се чувствуваш немоќен, слаб, интровертен на штетен и нездрав начин. Не е така. Смирението е вистинска, правилна состојба. Тоа значи да знаеш кој си, кое е твоето место во светот, да ја знаеш сопствената немоќ, да Му благодариш на Бога, Кој ти прави добрини и покрај тоа што си таков. Смирение значи да живееш во вистина и да не се предаваш на лагите што ги создава нашето време. Еднаш имав можност да слушнам аудио снимка на која што св. Јаков Цаликис читаше молитви за изгонување на демон над некоја жена и се слушаше гласот на лошиот дух. Секако не треба да слушаме такви работи, но ете се случи и тогаш слушнав нешто што го кажуваше лошиот дух:

Бидејќи си свет, зошто не го велиш тоа? Кажи дека си свет! Признај го тоа! Бидејќи знаеш дека ме победи! Кажи го тоа гласно!

И се слушна како Старец Јаков смирено и решително му одговори:

Лажеш! Јас сум прав и пепел и се поклонувам на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица единосуштна и неразделна!

Да го бевте слушнале гласот на демонот, колку силно викаше и завиваше … си го помислив она што сите го знаеме, имено дека во краен случај основна цел на ѓаволот е да нѐ направи егоисти. Тој сака да се чувствуваме егоисти и да велиме дека сме важни, додека Господ сака да се чувствуваме смирени и да покажуваме смирение во нашето однесување. Смирение е да го примаш бесчестието што ти се случува со голема радост, тешкотиите и неволјите што идат на тебе да ги примаш со отворени раце и со мисла дека така ќе се смират твоите душевни слабости, болести и големи гревови. Кога ќе настапат тешки мигови и се смируваме, треба  токму тоа да го мислиме – дека на тој начин Бог ни ја мие душата од она што сме го направиле порано или сега, или, пак, нѐ запазува од нешто што ќе се случи во иднина.

Една жена имаше направено абортус, но исповедта не е доволна, не е доволно само да го кажеш, туку треба да се смириш и да се покаеш за тоа што си го направил. Смирението не се зборови, туку дела. Зборовите се слатки. Нашата душа може да се трогне и да биде во умиление од зборовите, да почувствуваме сладост. Но додека слушањето е слатко, вкусот на смирението е многу горчлив, реже на дело; во проповедта звучи убаво, но во пракса е многу горчлив. Отец Георгиј Карслидис, познат духовник од Северна Грција, вака и рекол на таа жена што направила абортус, а таа била убава, богата и од аристократско потекло:

Слушај што ќе направиш! Ќе се облечеш во партали, на никого нема да кажеш која си, и ќе појдеш во тоа и тоа село, што ќе ти го кажам. Цела една седмица ќе просиш милостина и нема да му кажуваш на никого за твоето минато, сегашност, дури ни името нема да си го кажеш. Тоа понижување ќе ѝ помогне на твојата душа вистински да се смири и да се очисти од злото што си го причинила на таа мала душа, која си ја тргнала од овој свет, пред да успее да се роди – твоето детенце.

Таа жена навистина постапила така и го почувствувала тоа што не го почувствувала дури ни за време на исповедта, т.е. олеснување. И така се поправила.

Кога ќе тргнеме по патот на смирението, ќе видиме дека во нас се појавува првото искушение – тоа се нарекува суета. Кога сакаш да се смириш, ќе ти дојдат суетни мисли. Што ќе ти рече суетата? Да направиш нешто добро и тајно во себе да се гордееш за тоа. На пример, постиш и ти доаѓа помисла и си велиш: „Браво! Затоа што постиш не си како другите! Се издвојуваш! Се разликуваш!“ или на пример се облекуваш скромно, што е добро, но ти доаѓа суетата и за тоа добро што го правиш те тера да пројавиш арогантност и самопофалба, велејќи ти: „Гледаш ли какви се другите? Светот пропаѓа, сите се облекуваат ексцентрично, а ти се разликуваш. Браво!“ Тоа браво, кое го слушаме во себе за секое добро дело што сме го направиле, се нарекува суета. Тоа е искушение што ќе го среќаваме секогаш кога ќе решиме да направиме нешто добро, зошто во нас нешто се накрева и нѐ тера да мислиме: „Браво за мене! Го направив ова скришно!“ Но сепак си велиме браво и се гордееме. Тоа во најмал случај покажува дека сме започнале да се подвизуваме.

(Продолжува)