Смирение е да знаеш кој си (III дел)

Смирениот има стремеж да научи. Кога имаш смирение, не велиш – Сè знам!, туку го прашуваш својот сопруг, сопруга, дури и твоето дете, а не да велиш – Сè знам! Колку голем  впечаток му оставило на св. Јован Лествичник, кога во еден манастир видел белобради старци како го прашуваат својот духовен раководител, кој бил 40-годишен. Тие биле дедовци, монаси кои се стопиле од борбата и молитвата, а смирено го прашувале помладиот од себе. И денес се случува истото. На Света Гора има игумени кои се помлади од многу монаси. Но и покрај тоа што е игумен тој оди и ги прашува постарите за да не го прави тоа што го сака, туку да се смирува. Тоа е добро за нашата душа. Да не велиме „ Сè знам! Нема ти да ми кажуваш што да правам!“, бидејќи тоа се одразува на семејството, па и на сите со кои општиме.

Постои сепак случај, кога христијанинот може да се постави со вознемиреност кон она што се случува и на своевиден начин „егоистично“ но без да има вистински егоизам во душата. Кој е тој случај? Кога треба да ја заштитиме нашата вера, можеме и треба да сме покатегорични и построги, но тоа нема да биде вистински егоизам, туку наше исповедање на верата. Кога го обвиниле св. Агатон, клеветејќи го за разни нешта, тој прифаќал сè – го нарекувале порочен, несправедлив, егоист, такви работи. Но кога некој го нарекол еретик, тој кажал:

– Види сега, за сето друго што го кажа, имам надеж дека ќе се поправам, но ако ме наречеш еретик и го прифатам тоа, ми нема надеж за спасение! Ако сум еретик не можам да се спасам. Не се согласувам со тоа што го велиш.

Светиите така го објаснуваат однесувањето на Господ во храмот. Кога зел камшик и ги изгонил продавачите и купувачите, Господ не се разгневил внатре во својата душа. Тој не чувствувал злоба кон никого, во оној миг Он имал целосна контрола над своите постапки и држење. Затоа кога ги превртел масите, монетите и стигнал до гулабите, кои биле во кафези и служеле за принесување на жртва, Он рекол: Земете го ова оттука! Да беше изгубил контрола над себе си, ќе фрлеше сè на земјата. Затоа толкувачите велат дека бидејќи гулабите со ништо не заслужиле да ги удри, Он ги запазил. Следствено, Христос не бил нервозен, немал егоизам, туку тоа го направил од вистинска љубов кон Божјиот Закон, и желба да го заштити храмот. Христијанинот кој сака да има смирение, не се гневи ниту се противи.

Еден послушник на Старец Пајсиј на Света Гора ни кажуваше:

– Каков и грев да му исповедавме на Старец Пајсиј, тој го примаше со големо смирение, љубов и човекољубие и ни велеше: „Е, и ти си човек. Ќе го поправиме“. И никогаш не нè караше. Имаше само еден случај кој страшно многу го огорчуваше, имено тогаш кога ќе видеше дека горделиво се противиме и имаме егоизам. Само тогаш ни велеше: „Сега чедо не можам да ти помогнам!“ Кога постапувавме така, тој се чувствуваше длабоко ранет во душата. Зашто во тоа гледаше егоизам. Да згрешиш е човечки, но да имаш егоизам не е човечки, туку демонско.

Лесно може да се поправи смирениот човек. Лесно е и да му се помогне да се промени. Не знам дали сте помислиле зошто после исповедта не се менуваме. За жал го гледам тоа кај себе, а и кај други луѓе – одиме да се исповедаме, се враќаме, но не се поправаме толку многу, што да можеме да речеме дека во последните 5 години значително сме се промениле. Зошто не се менуваме? Затоа што не сме смирени. Не му дозволуваме на другиот да ни го оформи карактерот. Кога на некој ќе му кажеш: „Од сега па натаму ќе постиш!“, тој треба да има смирение за да каже: „Ќе постам и нема да јадам месо“. Тој напротив вели: „Е како да не! Тој ли ќе ми каже дали да постам? И во колку часот да одам во црква, дали да правам го правам ова или она?“ Егоистот не прифаќа друг да го раководи, но сепак некој управува со него – неговите страсти. Тој само не го прифаќа раководството и воспитанието на Црквата.

(Продолжува…)