Смирение е да знаеш кој си (IV дел)

Во еден псалм се вели: „Спомни си за нас, Господи, во нашето смирение и избави нѐ од непријателите наши“, а Светиите надополнуваат: „И од нашите страсти, скверности и слабости“. Кога Бог ќе види смирен човек, Он го избавува од секакво искушение и немоќ. Смирениот не ги испитува неискажливите Божји тајни, туку ги живее во простодушност. Тој има едноставна мисла, размислува едноставно како децата. Кога ќе видите човек чијашто мисла и расудување се многу збркани, да знаете дека неговата душа тешко ќе се смири. Некои луѓе одат и на Старците им поставуваат некакви чудни прашања, кои го покажуваат степенот и нивото на нивното духовно растење. Одат двајца кај свети Порфириј и смирениот поставува смирени прашања за своето спасение, а другиот, чијашто душа е збркана од егоизам, прашува: „Дали ќерка му ќе се омажи за скоро, дали ќе добие мотор…“ Некој дури барал од Старецот да се помоли да добие на лотарија, т.е. нешта кои не се суштествени за нашето спасение.

Наместо да погледне во себеси, егоистот се занимава со другите, цело време е преокупиран за тоа кога ќе дојде антихристот, кој е неговиот број итн., а не гледа што се случува во него. А какви, пак, прашања поставувале древните Старци? Во Старечникот постојано се спомнува за тоа како некој човек отишол кај некој Старец и му рекол:

– Геронда, кажи ми како да се спасиме? Како да се поправиме, за да се спасиме, за да Го засакаме Христос! Како да ги победиме своите немоќи и страсти?

Тоа се прашања што треба да си ги поставуваме и себеси, и на нашиот духовник, и на било кој друг богопросветлен човек, кога ќе ни се даде таква можност. А не прашања од љубопитство, зашто тие ја покажуваат нашата егоистична склоност да се занимаваме со другите, а не со себеси. Тоа што ви го кажувам не е апстрактно. Кога учениците Го прашале Христа: Господи, малку ли се оние што ќе се спасат? А Он рече: Потрудете се да влезете низ тесната врата. Он не одговори на прашањето, туку сетете се што рече: Потрудете се да влезете низ тесната врата. Едно Го прашале, а Он друго им одговорил. На прашањето колку ќе се спасат, Он им кажал: Вие гледајте да се подвизувате, тоа е тоа што треба да ве интересира, а колку ќе се спасат, не ве засега вас. Господ нѐ приведува кон смирение.

Христос истото му го кажал и на светиот апостол Петар. После Воскресението, Христос му рекол: Иди по Мене. А тој го прашал за свети Јован Богослов, што ќе стане со него, ќе дојде ли и тој со нив? И што му одговори Господ: Тебе што ти е? Што те интересира тебе тоа. Ти следи Ме! Што ќе правам со свети Јован и каков е неговиот животен пат е моја работа. А ти гледај си ја својата душа за да си помогнеш, па да помогнеш и на други. Тоа не е егоистично, туку ни ја покажува единствената одговорност што ја имаме за развивањето на својата душа, т.е. да ја преобразиме во покајание и смирение. Нема да бидеме судени од Бога, вели свети Јован Лествичник, за тоа што не сме богословствувале, што не сме вршеле чудеса, што не сме биле мисионери да преобразуваме цели племиња и народи, туку за тоа дека не сме имале смирение, покајание и плач за сопствениот душевен свет, за сопствената состојба.