Неколку мудри совети за семејна среќа

 

Постои голема можност бракот да биде среќен, но не треба да се заборави можноста за негова пропаст. Само правилен и мудар живот помага во бракот да се достигнат идеалните сопружнички односи. Прва лекција која треба да се научи и кон неа да се придржува е трпението. Во почетокот на семејниот живот се откриваат, како доблестите на карактерот и наравот, така и маните, навиките, вкусовите, темпераментот за којшто другата половина не ни помислувала дека постојат. Понекогаш се чини дека е просто невозможно да се навикнеш еден на друг, дека ќе има вечни и безнадежни судири, но трпението и љубовта победуваат сѐ, двата животи се слеваат во еден – многу поблагороден, посилен, поисполнет, побогат, поцелосен, па тој живот продолжува во мир и спокој.

Втора тајна на среќниот семеен живот е меѓусебното внимание. Мажот и жената мораат постојано еден на друг да си покажуваат знаци на најнежно внимание и љубов. Животната среќа се состои од посебни моменти, од малечки задоволства кои брзо се забораваат: од прегратки, насмевки, добар изглед, искрени комплименти и безброј мали, но добри мисли и искрени чувства. И на љубовта исто така ѝ е потребна нејзината секојдневна храна.

Уште еден важен миг во семејниот живот е единството на интересите. Ништо од женските грижи не треба да се чини премногу безначајно, дури и за гигантскиот интелект на најголемиот маж. Од друга страна, пак, секоја мудра и верна жена ќе биде искрено заинтересирана за работата на мажот. Таа сака да дознае за секој негов нов проект, план, тешкотија, сомнеж. Таа сака да знае кој негов потфат успеал, а кој не и да биде во тек со сите негови секојдневни активности. Нека обете срца ја поделат радоста и тагата. Нека го преполоват товарот на грижите. Нека сѐ во нивниот живот биде заедничко. Тие треба заедно да одат во црква, заедно да се молат, заедно да го принесуваат пред Божјите нозе бремето за своите деца и за сѐ друго што им значи. Зошто еден со друг да не ги споделуваат своите искушенија, сомнежи, тајни желби, зошто да не си помогнат еден на друг со сочувство и охрабрувачки зборови? Така тие ќе живеат еден живот, а не секој својот поодделно.

Водете сметка да не дојде ни до најмало недоразбирање или отуѓување. Наместо да се воздржат, сопружниците изговараат непромислени, невнимателни зборови и ете меѓу двете срца кои дотогаш биле една целина, се појавува мала пукнатина, и таа се шири, и шири, до степен на потполно одвојување еден од друг. Сте рекле нешто импулсивно? Веднаш побарајте прошка. Ако се појави некакво недоразбирање, не е важно чија е вината, не дозволете ни за момент тоа да остане меѓу вас.

Воздржувајте се од расправии. Не одете во постела задржувајќи го во душата чувството на гнев. Во семејниот живот не смее да има место за гордоста. Никогаш не треба да се препуштаме на чувството на повредена гордост, и педантно да се анализира кој треба да побара прошка. Тие кои навистина љубат не се оптоварени со овој причинско-последичен однос. Тие се секогаш спремни да отстапат, да побараат прошка.

Останува како заклучок дека зборовите „те сакам“ не се доволни за семејна среќа – потребна е постојана работа над себе, заснована пред сѐ на христијанскиот поглед на светот. Само хармоничните здрави односи помеѓу сопружниците можат да послужат како залог за морално воспитување на децата.