Споредба помеѓу царот и монахот II дел

Споредба на царската власт, богатство и превосходство со монахот кој живее во највистинското љубомудрие според Христа

в. Доколку, пак, посакаме да го испитаме и ноќното време, монахот ќе го видиме украсен со служба кон Бога и со молитвите, пеејќи Му на Бога многу порано од птиците, сожителствувајќи со ангелите, беседејќи со Бога, насладувајќи се со небесните блага; а оној кој стои над многу народи, области и војски, кој владее со многу земја и многу море, ќе го видиме како, спрострен на креветот, цврсто спие. Зашто, навистина, првиот се храни со такви јадења, што нема да побараат од монахот длабок сон, додека овој раскошната храна го принудува да спие, а пиењето го држи в кревет дури до самиот ден. Така значи, монахот има умерена облека и трпеза чиишто соучесници се подвижници на добродетелта; а за царот неопходно е да биде разубавен со скапоцени камења и злато, да поставува сјајна трпеза и да има сотрпезници, ако е неразборит, достојни на неговата порочност, а ако има ум и е скромен, можеби чесни и праведни, но, сепак, коишто многу заостануваат зад добродетелта на првите.

Па така, царот дури и да е мудрољубив, ни малку не ќе може да се доближи до духовната убавина и добрина на монахот*3. Зашто во патувањата тој е тежок за своите поданици, тежок е и кога во град пребива, и кога со мир се насладува, и кога со војна се зафаќа, и кога даноци бара, и кога војска собира, и кога заробеници води, и кога победува, и кога поразен бива; зашто кога поразен бива, тој со сопствените несреќи и подвластените ги исполнува; но и кога победува, тој неподнослив станува; разубавувајќи се со трофеи и гордеејќи се, на војниците им дава дозвола да пљачкаат, грабаат, патниците да ги повредуваат, градовите залудно да ги опсадуваат, домовите на бедните да ги опустошуваат, од оние што ги примиле да го бараат секој ден тоа што ниеден закон не го дозволува, под изговор на некаков древен обичај, противзаконски и неправеден. Притоа, царот ништо не му наштетува на богатиот со таквите зла, туку на бедниот му нанесува зло, како навистина да е усрамен пред доброимотните.

А монахот не постапува така, туку штом се појави, тој доаѓа носејќи некоја благодат и за богатите и за бедните, подеднакво и за едните и за другите, облекувајќи се во една одежда преку целата година, пиејќи вода со поголемо задоволство одошто другите пијат некое чудесно вино; и за себе тој од богатите не бара никаква, ни мала ни поголема милост, а за оние што се во сиромаштија – многубројни и постојани милости, што принесуваат полза и на обете страни, и на тие што даваат и на оние што ќе примат. На тој начин тој е заеднички лекар и на богатите и на бедните подеднакво, ослободувајќи ги едните од прегрешенијата преку добар совет, и избавувајќи ги другите од сиромаштијата.

Царот, пак, дури и кога заповеда даноците да бидат полесни, им донесува полза поскоро на богатите, одошто на сиромашните; а правејќи го спротивното, им штети на оние што малку поседуваат. Зашто на богатиот може малку да му наштети тежината на даноците, но домовите на сиромашните, пак, таа како поројна река ги однесува, исполнувајќи ги селата со лелеци; а ниту кон староста сострадание имаат собирачите на даноци, ниту кон вдовството на жените, ни кон сиротството на децата, туку лудуваат цело време, како некои општи непријатели на областа, барајќи од земјоделците такви работи, какви што земјата не произвела.

г. Ајде сега и тоа да го испитаме – што монахот, а што царот им дарува на своите послушници. Несомнено, едниот злато, а другиот благодат на Духот; едниот избавува од сиромаштија, доколку е добар, но другиот, пак, со своите молитви ослободува души завладеани од демони. И ако се случи некому да биде притеснет од такви несреќи, тој поминува покрај царот како покрај бездушен предмет и прибегнува кон обиталиштето на монасите, токму како некој којшто бега од волк и прибегнува кај човек – ловец, којшто држи меч во раката; зашто она што е мечот за ловецот, тоа е молитвата за монахот. Впрочем, и не е толку страшен за волците мечот, колку што се страшни за демоните молитвите на праведниците. Затоа, не само ние кај светите монаси во нуждите прибегнуваме, ами и самите цареви кај нив прибегнуваат во страшни прилики, токму како што просјаците за време на глад прибегнуваат кон домовите на богатите.

Не ја имал ли Ахав, царот јудејски, својата надеж за спасението во молитвите на Илија? (Сп. 3 Цар. 17-18) Не прибегнал ли Езекија, кој ја имал истата власт и господство, кога бил болен и готов да умре, гледајќи ја смртта пред него, при пророкот, како од смртта посилен и на живот дарител? (Сп. 4 Цар. 20, 1-11) Исто, кога избувнала војна и Палестина била во опасност да биде разрушена до основа, јудејските цареви, откако ја распуштија војската, и пешадијата, и стрелците, и коњаниците, и военоначалниците, и заповедниците, прибегнаа кон молитвите на Елисеј, зашто сметаа дека слугата Божји ќе им замени многу илјади војници (Сп. 4 Цар. 3). Исто така направил и цар Езекија кога настапила Персиската војна и кога градот бил подложен во најголема опасност во поглед на неговите темели, и тие што биле на бедемите трепереле, се плашеле и се треселе, како при очекување на грмотевица или серазурнувачки земјотрес; тогаш молитвите на Исаија царот ги спротивставил на многуилјадните Персијци. И не се излажал во надежта своја (4 Цар. 19). Зашто штом пророкот ги подигнал рацете кон небото, со стрелите од небо Бог ја прекратил Персиската војна, поучувајќи ги царевите да ги сметаат Неговите слуги за општи спасители на земјата, за да се поучат, наведени од праведните на секое добро и човекољубиво дело, да ги уважуваат нивните совети и да се повинуваат на добрите напомени.

Понатаму, не само од тоа може да се види разликата меѓу обајцата, но уште и ако се случи и овој и оној да паднат – едниот да се лиши од добродетелите, а другиот од царството – првиот лесно ќе може да си дојде на себе, и брзо, откако преку молитва, солзи, покајничка тага и грижа за бедните ќе ги очисти прегрешенијата, повторно лесно се искачува на претходната височина. А царот, пак, кој паднал, од многу сојузници ќе има потреба, и од многу војници и коњаници, од коњи и пари, а бездруго ќе има и големи опасности! И тој својата надеж за спасението целосно ја полага во другите, а на монахот штом има желба, ревност и промена на мислите, веднаш ќе му следува спасението. „Зашто Царството небесно, вели, е внатре во вас“ (Лк. 17, 21).

Еве, дури и смртта за царот е страшна, а за мудрољубивиот безболна. Зашто за оној кој го презира богатството, задоволствата и раскошот, поради коишто многумина сакаат да живеат, за него неизбежно ќе биде лесно и да се пресели оттука. И кога навистина би се случило и овој и оној да бидат убиени, монахот ќе привлече опасносни поради благочестие, трудејќи се за бесмртниот и небесен живот преку смртта; но царот како свој убиец ќе има некој тиранин, љубител на власт, и ќе постане тажен и страшен призор после убиството; а да се види монах убиен поради благочестие е пријатен и спасителен призор. И згора на тоа, тој ќе има многу љубители и подражавачи на неговите добра и многу ученици што ќе се молат да се покажат на него рамни. А оној (т.е. царот – б.п.) многу зборови во молитва би потрошил, просејќи од Бога да не се појави ниеден љубител на царската власт. Освен тоа, никој не би се осмелил да го убие монахот, сметајќи дека е нечестие кон Бога ако посегне по таквиот; а против царот многу убијци, љубители на тиранија, востануваат. Поради тоа царот се заштитува со војници, додека монахот градови утврдува со молитвите, неплашејќи се од никого. Царот постојано живее во страв и очекување на убиство, зашто тој има опасно користољубие, а монахот сигурно спасение.

И така, ми се чини дека доволно беше кажано за нештата од сегашниот живот. Но и кога би посакале да го испитаме идното поприште, едниот ќе го видиме сјаен и славен, грабнат во облаци на средба со Господа во воздухот, како водич и учител на тој спасителен начин на живот и на секоја добродетел. А царот, пак, дури и кога би се покажало дека справедливо и човекољубиво управувал со власта (а тоа е многу ретко!), ќе се здобие со помало спасение и чест. Зашто не е исто, не е исто добар цар и монах којшто целосно се предава на служењето на Бога. А кога царот би се покажал порочен и ‘лев’, кој ја исполнил земјата со многу зла, тогаш кој би возмогнал да ги искаже несреќите со коишто ќе биде притеснуван – со оган изгоруван, бичуван, измачуван, кој претрпува такви страдања што ниту со збор се искажливи, ниту на дело се подносливи?

Бидејќи размисливме и научивме за сите овие нешта, не треба повеќе на богатите да им се восхитуваме, зашто оној кој се покажува како нивни господар (т.е. царот) не може ни малку да се доближи до добродетелта на монахот. Затоа, кога-годе видиш богат човек, кој со одежда е украсен, со злато разубавен, на кочии носен и кој со сјајни поворки излегува, немој блажен да го наречеш тој човек! Зашто богатството е привремено и она што се чини убаво пропаѓа заедно со овој живот. Но кога ќе видиш монах да поминува сам, смирен и кроток, тих и благ, ревнувај со тој маж, покажи се подражател на неговото љубомудрие, помоли се да постанеш рамен на праведниот. Оти „барајте, вели, и ќе ви се даде“ (Мт. 7, 7). Зашто, навистина, овие нешта се прекрасни, спасителни и трајни, преку човекољубието и промислата на Христа, Кому слава и власт во веки веков. Амин!

*3‘Убавина и добрина’ (καλοκαγαθία) бил традиционален опис на благороден характер.
(„Споредбата помеѓу царот и монахот“ на светиот отец наш Јован Златоуст е преведена според изданието на J. P. Migne, “Patrologia Graeca”, Tomus XLVII, Parisiis 1863, 387 ̶ 392.