Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел

Можеш ли да го направиш тоа? Да го оставиш твоето дете, својот сопруг, сопругата, да ги оставиш сите спокојно да си го направат својот избор, да ги донесат своите одлуки, без да ги притискаш или провоцираш. Твојот најголем проблем е тоа дека никој не ти е виновен што не си ја пронашол својата среќа, никој не ти е виновен за негодувањето што го пројавуваш, за празнотијата што ја носиш во душата и си велиш: „Ова е причината, оној е виновен!“ Ти си виновен. Ти си виновен и јас сум си виновен. Проблемот е мој, ме засега најдиректно и како би можела мојата среќа да зависи од тоа што ќе направи детето, или сопругата, или сопругот или мојот сосед? Треба ли сите околу мене да се променат за јас да станам среќен? Не. Секој си е одговорен за своите одлуки, својот избор, зрелост, за своето време. Треба да си коректен со себеси, но ете, тебе ти е тешко да признаеш дека: „Не е виновно моето дете, не е виновен сопругот, сопругата, јас самиот сум виновен, затоа што немам добра врска со себеси, со својата душа, со мојот Бог, немам добра заедница со Бога и сакам другите да се променат за јас да бидам среќен“. И ми велиш: „Направи го тоа за да те видам и да се израдувам!“ Ќе се израдуваш ако ме видиш да се променам на сила? И што сакаш да имаш покрај себеси, што ти е другиот – една играчка што ја земаш одовде и ја преместуваш на друго место и велиш: „Ах, колку е поубаво сега! Сега повеќе ми се допаѓа, го преместив мебелот, го земав одовде и го пренесов таму, си правам со нив што сакам и си креирам свој простор“. Да, но твоето дете и сопругот не е твој простор, и тие имаат свој идентитет и сопствена независна душа. Сфати го тоа и не ми вели: „Да, тебе ти е лесно да зборуваш вака зашто немаш свои задолженија. Затоа си и толку спокоен“. Не. Не е заради заради тие причини, туку затоа што сум видел многу сопружници кои живеат така. Сум гледал мајки и татковци кои многу ги љубат своите деца, силно го посакуваат нивното поправање и промена, но бескрајно ги почитуваат. Не можеш да го промениш другиот со викање. И да го промениш, таа промена ќе има во себе нешто потиснато, и тој притисок некаде ќе избие. Луѓето не се менуваат така. Остави го своето дете, кажи му како што треба и потоа остави го; секако немаш друг избор: ќе му кажеш еднаш, двапати, трипати и што ќе правиш после тоа? „Не, јас сакам да го видам да се промени!“ Добро, прифати тогаш дека ти си тој кој има потреба од тоа, тоа е твоја желба. Ти сакаш да ги направиш луѓето онакви какви што би сакал да бидат. Значи, ти имаш проблем. „Ама, сериозен ли сте? Детето ми се навлекло на наркотици“. Да, и што ќе направиш сега? Ќе го избавиш од наркотиците? Детето знае што е правилно, но нема доволно сила. Знае дека тоа што го прави е грев, блуд, опасност, добро го знае тоа, умот му е свесен, но нема сила да се промени. Можеш ли да му ја дадеш таа сила? Можеш ли да направиш чудо во неговата душа? Таму е вистинското место каде што треба да дејствуваш. Колку деца имаш? Три, четири? Можеш ли секој ден да упатуваш по петнаесет минути молитва за секое од нив? Петнаесет минути во љубовта, во милоста, во светлината Христова, да го оградуваш и заштитуваш твоето дете во молитвата, оставајќи го спокојно да се реализира во животот и општеството. Не ти да го следиш, туку да го следи силата на твојата молитва, ако ја имаш. А ако ја немаш, тогаш што се мачиш со обични зборови? Зарем зборовите ќе ги променат луѓето? Со зборови ли се менува човек? Има книги, има слова, беседи, ете стануваат, говорат, но така ли се менуваат луѓето – со зборови? Ако паралелно со зборот не се акумулира и божествениот извор на енергија, Божјата благодат, Христовата милост, како ќе се промени човек? Ако не почувствува дека нешто омекнува во него, го преобразува, го облагородува?

Последниве години ја сфатив таа голема вистина и се радувам и многу Му благодарам на Бога и на луѓето за тоа што ми помогнаа да разберам дека треба да го уважуваме другиот, но не можеме да го промениме. Сега во исповедта, во општењето со луѓето, со децата во училиште, со познати и пријатели, застанувам и повеќе не ги советувам со конкретни упатства што треба секој да прави. Едноставно, ги советувам да се молат, да влегуваат во допир со Изворот на животот, на вистината, на мудроста, т.е. со Бога. Дојдете во допир со Бога и Он ќе ве просветли, не чекајте од мене да ви кажам што треба да правите.

(Продолжува)

Тешко ни е да се довериме на Бога – I дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – II дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – IV дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – V дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VI дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VII дел