Тешко ни е да се довериме на Бога – V дел

Така ќе се промени човек, ако воопшто се промени, зашто може и да не се промени. Добро, во краен случај тебе не те интересира многу што ќе се случи со секого, не сметам дека толку многу гориш за спасението на твоите луѓе, колку што ти е битно да стане онака како што ти сакаш. Бидејќи ако некој Го разбере Бога, и особено ако ја разбере оваа парабола, првото и најсуштественото што може да го направи е да се успокои, да замолчи, да најде мир во душата, и да има апсолутна доверба во Бога. Ако дури и за миг се посомневам дека Бог не може да направи сѐ за да ги спаси луѓето па и мојот човек, ако дури и за миг се посомневам дека Божјата љубов не е поголема од мојата, е тогаш крајно е очигледно дека всушност ревнувам не толку за мојот човек, колку да си го остварам своето. Добро, продолжи така, измачувај се себеси, мачи ги и другите, продолжи со истите грешки, тепајте се, карајте се, раскрвавете ги носовите, правете како што сакате –но тоа не е етосот што произлегува од оваа парабола.

Забелешките не се убаво нешто, престани да им правиш забелешки на другите луѓе, кој што прави, остави ги луѓето на мир. Пред извесно време беседев на таква тема: „Остави го своето дете на мир!“ Остави го, веќе си го полудела со „добрите“ поуки што му ги кажуваш, со проповедите што му ги изнесуваш, со притисокот –тоа знае што е правилно. Направи го чудото што ти го кажав претходно, промени му го животот со твојата молитва, поглед, благост, љубов, слобода. Нели е подобро така? Ако сакаш помогни му на таков начин и никогаш не го оставај на мир: Со љубовта и молитвата непрестајно „вознемирувај“ Го Бога, не луѓето туку Бога. Можеш ли преку ноќ да се будиш и да се молиш за децата во целиот свет, па и за твоите? Прави го тоа. Но остави го детето на мир, и ако сакаш смени го твојот речник и остави го на мир твојот сосед, сопругата, сопругот, кој и да е. Да не ги дразниме другите со она што ние го сакаме. „Но нели Бог рече да вршиме мисионерски дела!“ Тоа мисионерство за кое ти зборувам е најтешкото, бидејќи е мисионерство на лична светост, на лично помирување и спријателување со Бога, на лична молитва и благодат која ќе зрачи од твојот живот и нема да дразни. Ги гледаш ли моштите на светиите? Дали тие дразнат некого? Кога некој светија ќе се упокои и замине од овој свет, ние со посебна љубов пристапуваме кон неговото тело, кое го нарекуваме мошти. Тоа дразни ли некого? Не.

Многу луѓе врват низ Халкидон, по патиштата на Евија, одат нагоре-надолу, таму е свети Јован Руски, таму се неговите исцелителни мошти, тој ги љуби сите луѓе – грешни, болни, добри, лоши. Тоа е таму и никого не вознемирува, туку е како една прегратка која што ги очекува сите. И ти можеш да станеш таков, да станеш живи свети мошти, бидејќи жив си и ако ме послушаш да постапуваш на таков начин, ќе го привлечеш другиот. Односно ако сака тој, а ако не сака – немој да го присилуваш. Како и да е тој ќе сфати дека го љубиш, и резултатот што го очекуваш, може да дојде и по твојата смрт. Прво ти ќе се упокоиш, а потоа другиот ќе се промени, ако е по Божја волја. Сакаш да видиш резултати – добро, човечки е да сакаш, но што да правиме не секогаш Божјиот план се совпаѓа со нашиот. И животот на другиот не секогаш се совпаѓа со нашиот така како што ние сакаме.

(Продолжува)

Тешко ни е да се довериме на Бога – I дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – II дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – IV дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – V дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VI дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VII дел