Тешко ни е да се довериме на Бога – VI дел

Пред неколку дена имавме Света Литургија и вечерта спроти неа еден ученик ми кажа: „Отче, утре нема да дојдам на Света Литургија. Утредента ќе излезам со една моја пријателка и ќе појдеме да пиеме кафе. Тоа е единствената можност што ја имаме во целата седмица да се видиме!“

 Во тој миг автоматски ми дојде на ум она што треба да го кажам, но потоа ми дојде една друга мисла и си велам: дали тоа што треба да го кажам е она што Бог го сака? Бидејќи тоа „треба“ е она од придобиената импулсивност во животот, од поучувањата, проповедите, порекнувањата, забелешките. И се прашав: Боже мој, така ли сакаш да се однесувам? Да кажам: Дете, тоа што го правиш е грев! Но, потоа си реков: тоа момче ме знае уште од кога имаше три години, има ли смисла да му кажам дека тоа што го прави е добро или лошо? Си знае. Ако му кажам да не оди, зарем нема да отиде? Ќе отиде. Една друга мисла ми велеше: да, но ако кажеш ти ќе си бидеш во ред. Односно, јас ќе си сум си спокоен дека сум правилен свештеник кој воопшто нема да стапне на својот авторитет, и ако неговите родители, соседите дознаат за ова, ќе ми речат: „Браво! Строг, прав свештеник! Го кажа правилното!“ Да, но правилното го знае и тоа момче. Јас не му кажав дека тоа што го прави е совршено. Туку во тој миг се запрашав дали во краен случај сакам да се запазам себеси, да не му наштетам на својот сопствен образ, или да му помогнам на тоа дете? И реков: Боже мој, просветли ме! И во тој час ми дојде еден одговор и му реков:

– Ви посакувам да си поминете многу убаво! Поздрави ја пријателката од мене и кажи ѝ: Мојот духовник ми рече да ти пренесам поздрав, дека ќе се моли за нас и ни посака да си поминеме убаво!

Тој рече:

– Да ѝ пренесам поздрав од вас?

– Да, зошто? Лошо ли е тоа?

– И што да ѝ кажам?

– Да ѝ го кажеш тоа што ти реков: поздрави!

– Добро, жалам отче што не можам да дојдам.

– Што да правам сега? Добро, штом така си решил.

По неколку дена дојде тоа момче и го прашав:

 – Како поминавте?

– Отче, поминавме добро, но кога ѝ пренесов поздрави од вас, таа занеме.

– Зошто?

– Зашто за прв пат ни пренесе поздрав еден црковен човек, додека ние му велиме дека одиме на кафе во времето кога треба да сме во црква! И таа се трогна кога ѝ го кажав ова и ми рече: „Прашај каде можам да го најдам!“ Сака да дојде и да зборува со вас.

Сфаќате ли? Тоа не значи дека сигурно станала некоја поразителна промена, но кој е тој што ќе ги проценува промените на луѓето? Во секој случај едно нешто знам – дека во оваа конкретна ситуација не изгубив контакт со овие луѓе, второ, не кажав лага, не ја осквернив својата вера, детето си ја знае вистината дека тоа што го прави не е совршеното; од друга страна, ја стекнав довербата, љубовта, врската, контактот, слободата таа да тропне на мојата врата, да се јави по телефон, да се види со мене, да зборуваме и да не чувствува дека „тој човек стои со подигната рака, со камшик во раката, и чека било каков збор од мене за да ме искара и да ме поправи!“ Тоа е татковската љубов што за жал до сега ја препишувам од Светиите за кои читам, од еден Старец, од друга Старица. Се надевам дека ќе дојде момент кога нема да ги препишуваме овие нешта, туку ќе излегуваат од нашите срца. Но, сето тоа бара ризик, смелост, како да кажам – бара вистинско единство со Бога, во краен случај, да стекнеш од квасот Божји, а не од луѓето. И да го правиш она што Христос го прави. Богочовекот така се однесува кон нас, на толку човечен начин, со такво разбирање и затоа кај Него оделе блудници, и Он ги љубел, им проштевал, им велел: Оди и не греши повеќе! Оди си со мир!  А не само да велиме: „Грев е тоа што си го направил!“ Да, дете мое, знам, и ти знаеш, но прашањето е не само да кажам дека е грев, за да се успокојат некои. „Да, но не рековте дека тоа е грев“ Односно целата мака е да го кажам зборот „грев“. Убаво велиме: „Грев е!“ И потоа? Дали човекот ќе се промени ако едноставно му кажеш дека делата му се полни со гревови. И зошто да не го кажеш она другото што Христос го рекол: Ѝ се проштеваат многу гревови зашто многу Ме возљуби. – И „бидејќи дури и кога грешеше, всушност, бараше љубов. И јас го знаев тоа“, – вели Христос – „И затоа те очекував. Затоа те разбирав, ти сострадував, сочувствував со тебе, сега те прегрнувам и не се гнасам од тебе!“

(Продолжува)

Тешко ни е да се довериме на Бога – I дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – II дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – III дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – IV дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – V дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VI дел

Тешко ни е да се довериме на Бога – VII дел