Tоа од Мене доаѓа

 

Овој текст отец Серафим Вирицкиј го адресирал на едно свое духовно чедо – епископ, кој се наоѓал во затвор. Во нега се гледа одблесокот од најдлабоката молитвена тајна, откриена во беседата на Бога со човековата душа. Ова е духовно наследство на старецот, оставено на сите нас.

Дали некогаш си размислувал дека сè што те засега тебе, ме засега и Мене?
Зашто, тоа што те засега тебе, ја засега и зеницата на Моето око.
Ти си Ми драг во Моите очи, непроценлив, и Јас многу те засакав,
И затоа за Мене претставува особено задоволство да те воспитувам.
Кога ќе те нападне непријател и ќе те снајдат искушенија, како река, сакам да знаеш дека

TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

На твојата слабост ѝ е потребна Мојата сила, и сигурноста твоја
е во тоа да Ми дозволиш да те заштитувам.
Ако се наоѓаш во тешка неприлика,
среде луѓе коишто не те разбираат, и не водат сметка
за тоа што ти е тебе пријатно, и коишто те отфрлаат –
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Јас Сум твојот Бог, Кој располага со приликите,
и ти не си случајно на ова место –
тоа е токму она место што Јас ти го определив.
Нели ме молеше да те научам на смирение?
Па ете, Јас те поставив токму во онаа средина,
во она училиште во кое се изучува таа лекција.
Твојата средина и оние што живеат во неа само ја исполнуваат Мојата волја.
Ако ти недостигаат пари, и ако тешко сврзуваш крај со крај, знај, дека
TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Зашто, јас располагам со твоите средства, и сакам да Ми се обратиш
и да знаеш дека од Мене зависиш.
Моите извори се неисцрпни.
Јас сакам да се увериш во Мојата верност и во вистинитоста на Моите ветувања,
за да не се случи, во твоите неволји, да ти кажат:
„Не Му верувај на твојот Господ Бог“.
Си ја поминал ноќта во тага?
Одвоен си од блиските и од оние што ти се драги на срцето? – знај,
И TOA ТИ Е ПРАТЕНО ОД МЕНЕ.

Дозволив до тебе да се допре тоа разочарување, за да разбереш
дека твојот најдобар пријател е Господ.
Јас сакам сите нешта Мене да Ми ги принесуваш и да Ми се доверуваш.
Ако некој те наклевети, препушти Ми го тоа Мене, и приклони ја твојата душа
поблиску до Мене, твоето прибежиште, за да се засолни од злите јазици,
и Јас ќе ја изнесам правдата твоја и судбината твоја на светлината на денот.
Се урнаа твоите планови, ти потклекна со душата и ги изгуби силите?
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Ако си подготвил некаков план, и ако имаш свои намери, изнеси ги пред Мене,
за да ги благословам. Јас сакам да Ми препуштиш
да располагам и да раководам со приликите на твојот живот,
зашто ти си само орудие, а не лице коешто може да дејствува.
Ако ти се случат ненадејни животни неприлики,
и ако тагата го обзеде твоето срце, знај
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Зашто Јас сакам твојата душа и твоето срце секогаш да бидат огнени пред Моите очи,
и секоја малодушност да ја совладуваат со името Мое.
Ако долго време не добиваш вести од блиските, од оние што ти се драги,
и во малодушноста своја и во маловерието свое почнуваш да негодуваш и да очајуваш, знај
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Зашто, преку тоа измачување на твојот дух ја испитувам силата на твојата вера
во безусловноста на ветувањата и во силата на твојата молитва за твоите блиски,
зашто, нели и сега ги принесуваш на Покровот на Пречистата Моја Мајка?
Ако те снајде тешка болест, привремена или неизлечива,
и заради тоа си врзан за својата постела
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Зашто Јас сакам уште подлабоко да Ме запознаеш во своите телесни слабости
и да не се жалиш за искушението што ти е пратено
и да не настојуваш да проникнеш во Моите планови
за спасение на човечките души на различни начини,
туку безпоговорно и покорно да ја приклониш главата пред Мојата добрина за тебе.
Ако си мечтаел да направиш некакво особено дело за Мене,
Но наместо тоа си паднал во болничка постела и си изнемоштил
И TOA ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Зашто, тогаш си бил задлабочен со своите дела,
и Јас не Сум можел твоите мисли да ги привлечам кон Себе,
а Јас сакам да те научам на Моите најдлабоки мисли и лекции,
за да можеш да бидеш во Мојата служба.
Сакам да спознаеш дека без Мене си – ништо.
Некои од Моите најдобри синови се оние коишто се одвоени од секојдневната активност,
за да научат да владеат со оружјето на постојаната молитва. Ако ненадејно си повикан да се нафатиш на некаква одговорна и тешка задача, препушти Ми се Мене. Јас ќе ги преземам тие тешкотии, и за тоа ќе те благослови Господ Бог твој во сите твои дела, на сите твои патишта, и Господ Бог твој во сè ќе ти биде раководител и Наставник.
Во овој ден, чедо Мое, во рацете твои ти го давам овој сад со осветен елеј, ползувај го слободно.

Постојано сеќавај се дека секоја неприлика, секој збор што те натажува, секоја клевета и осудување, секоја пречка во твојата работа којашто би можела да предизвика кај тебе чувство на здодевност, разочарување, секое сознание за својата сопствена слабост и неспособност, ќе биде помазано со овој елеј, зашто тој – ОД МЕНЕ ДОАЃА.

Имај постојано на ум дека секоја пречка е Божје поучување,
и затоа внеси го во срцето свое ова слово, коешто ти го објавив во овој ден
ЗАШТО ТОА ОД МЕНЕ ДОЈДЕ.

Чувај го, и знај и споменувај си– секогаш, каде и да си,
дека секоја острица ќе се изгуби кога ќе научиш во сите нешта да Ме гледаш Мене.
Сè е испратено од Мене за усовршување на твојата душа.
СЕТО ТОА ОД МЕНЕ ДОАЃА