Во нашите вени тече крвта Христова – IV дел

Словото Божјо е живо, и тука се случува дијалог на Бога со нашата душа

Поинаку се чувствува на светата Литургија оној кој од неодамна го започнал својот семеен живот, а поинаку ученикот кој се подготвува да оди на испит, така што сѐ зависи од нашата внатрешна состојба. Сето ова ни покажува дека Словото Божјо е живо и дека постои дијалог на Бога со нашата душа. Но тоа многу зависи од нашата подготовка. Еден Светија се молел вака: „Господи, дај да се разбудат, да ни оживеат срцата за да Те славословиме Тебе!“ Старец Пајсиј му рекол на некој човек што го посетил: „Дете мое, твојата душа е во униние, треба да се разбуди. За да можам да зборувам со тебе и ти да ме сфатиш, најпрвин треба да се разбудиш. Треба да го исполнуваш духовното правило, редовно да одиш на Литургија, ако можеш барем три пати во месецот, а ако одиш секоја недела, уште подобро. И малку по малку умот ќе ти се отвори, срцето ќе се смири, и потоа ќе можеш да ме разбереш. А сега и да ти зборувам, попусто е, зашто душата ти е потоната во мрзливост, рамнодушност и униние, и нема да ги почувствуваш Божјите дела“.

Некој друг, пак, што имал многу проблеми, му се обратил на старец Пајсиј:

– Отче, се чувствувам вака и вака. Што да правам?

Старецот го прашал:

– Одиш ли на Литургија?

– Не одам.

– Отсега ќе одиш секоја недела.

– Добро, но што со моите проблеми? –посакал тој да ја смени темата.

– Направи го тоа што ти го кажав и ќе видиш.

– Да, но што да правам со проблемите за кои што ви кажав?

– Само ти прави како што ти реков, и ќе видиш!

Малку вознемирен тргнал накај дома, велејќи си во себе: „Јас толкав пат поминав, а старец Пајсиј ми кажа нешто што веќе си го знам! И што? Зар требаше да дојдам кај него за да ми го каже тоа? Но, ајде, ќе направам како што ми рече“.

Почнал да оди на Литургија и проблемите што ги имал со неговото семејство и на работа постепено почнале да се решаваат. Тоа многу го изненадило. А година и половина подоцна, откако многу нешта се поправиле, тој одново отишол на Света Гора. Тогаш старец Пајсиј го прашал:

– Одиш ли на Литургија како што ти кажав?

– Одам отче, и се сè среди. Кажете ми како е можно тоа?

Старецот тогаш му кажал:

– Дете мое, кога одиш на Литургија, ти всушност, се помируваш со Бога, а кога ќе се помириш со Него, Он ти ги дава сите Свои дарови. Зарем не ти е јасно тоа? Пред да дојдеш кај мене, ти немаше никаков однос со Бога, Му се противеше, беше далеку од Него. Јас ти го кажав коренот на сите твои проблеми: Помири се со Бога, а сѐ останато малку по малку ќе се реши. Ти ме послуша и затоа Бог ги реши твоите проблеми.

Спасението е многу едноставна работа. Тоа е тука, до нас, во  нашите домови, и сѐ што всушност, ни треба е Господ да се допре до нашите души, да нѐ разбуди, но ние претходно да Го возљубиме и посакаме.

Кога на Литургијата чувствуваме радост поголема од секоја друга радост, тоа значи дека нашата душа се буди за другиот живот – почнуваме да го предвкусуваме она што ќе го чувствуваме во вечноста.

Го молам Бога, нас, телесните луѓе, кои сме потонати во суетата и во лажниот свет, да нѐ направи способни да го возљубиме вечното и неменливото.

Така, дилемите во врска со светата Литургија се надминуваат со учеството на самата Литургија.

Превод од руски: Момчило Куфојанакис и Зоран Митрески