Во нашите вени тече крвта Христова – III дел

Еден старец ги почувал своите духовни чеда: „Кога пристапувате кон Причест, молете го Бога за да Он ве удостои со дар во тој момент. Кога Светата Причест ја примате во вашите усти повторно помолете Го Бога“ – притоа овде мислел на некаков духовен дар. Некого го советувал да испроси од Бога дар за молитва, за Бог да го научи како да се моли. А на друг му велел:

„Моли Го Бога да те спаси од тврдоглавост, чревоугодие, и да ти дарува смирение.“ Ете такви се молитвите, духовните молби.

Некој негов познаник кој не знаел да се моли како што треба, во моментот кога се допрел до Телото Господово за да се причести, почнал усрдно да се моли за тоа и во тој момент умот му се отворил. Истиот миг тој разбрал што е молитва и почувствувал што е духовно воскресение. И оттогаш секој пат кога ќе ја видел Светата Причест се сеќавал на тој дар и плачел од умиление.

Така големи се чудата од светата Причест што посакувам и ние да ги доживееме во својот живот и да ги почувствуваме. Има луѓе кои што живеат само со причеста. Еден човек после причестувањето со вера и благоговение, не чувствувал глад ни по неколку денови. Тој се чувствувал себе си така заситен, како да јадел, како што веројатно се чувствувале тројцата апостоли на Тавор, кога рекле: „Господи, добро ни е да бидеме овде“ (Мат. 17,4). Едноставно се чувствуваш толку добро што не чувствуваш глад. Тоа чувство е од светата Причест.

 

Ние не се подготвуваме за Причест и затоа не ја чувствуваме

Ние не се подготвуваме за причест и затоа не ја чувствуваме, не сме спремни во тој миг да го доживееме сето тоа. Кога некој вечерта седи и гледа телевизија и потоа утредента оди да се причести, што очекуваш да разбере? И наместо да си рече: „Колку сум недостоен, а се причестив“ тој вели: „И сега кога се причестив, зошто ништо не се случува?“ А што треба да се случи? И како може да се случи ако ти не си спремен? Ти едноставно не си подготвен да го почувствуваш тоа.

Некои велат: „Светата Литургија ме заморува“. Но, за нешто да те замори, треба најпрво да го доживееш на себеси, па потоа да се чувствуваш заморен. А ти што доживеа? Може ли нешто да се доживее во апсолутна мера? А бидејќи светата Литургија е Христос, значи тебе Христос те заморува? Тогаш не знаеш што правиш, не знаеш што зборуваш, и никогаш не си Го почувствувал Христос. Но доколку вистински Го почувствуваш, Он никогаш нема да те заморува.

Ангелите никогаш нема да престанат да Го воспеваат Бога, тоа е нивното дело. И рајот ќе биде една постојана света Литургија. Светата Литургија ја побудува нашата душа кон славење на Бога, ја поттикнува да се угледа на небесните дела и да ги подржува ангелите за кои се вели дека непрестајно Го славословат и воспеваат Бога и никогаш не им се здосадува од тоа.

Ангелите Го слават Бога со една неизменета желба, бодрост, живост, восхит, како во оној миг од почетокот и тој нивен восхит постојано се зголемува. Зошто? Затоа што тие секогаш гледаат нешто ново во Бога. Бог им открива еден нов аспект на Својата светост, нова страна на Своето величие, светлина, додава мир на нивниот мир, љубов на нивната љубов, ликување на нивното ликување. Ангелите постојано се восхитуваат и кога сакаат да го изразат својот восхит и да се израдуваат на Бога, Бог, уште пред да се израдуваат, им покажува нешто ново, уште попрекрасно, и тие уште повеќе се радуваат и тоа никогаш не завршува.

Така ќе биде во вечниот живот, за кој некои прашуваат: „А каква ќе биде светата Литургија во Рајот, како ние ќе живееме во Рајот, какви ќе бидеме ние таму?“ Таму постојано ќе Го прославуваме Бога, бидејќи таму ќе гледаме нешто што нема никогаш да нѐ засити, затоа што таму нема презаситеност и крај. Таму ќе Го гледаме Самиот Господ и Неговата љубов.

Истото се случува и на светата Литургија, и секоја света Литургија е посебна, се разликува од другите. Поинаку ја доживуваш кога твојот сопруг лежи во болница. Тогаш вознесуваш една поинаква молитва и Евангелието поинаку те трогнува. И мајката која неодамна го изгубила своето чедо поинаку го прима Евангелието. Кога ќе го слушне евангелското четиво како Господ го воскресна синот на вдовицата од Наин (Лука 6,11-16), во тој миг евангелскиот текст ја допира подлабоко, затоа што таа го преживеала тоа, и знае што значи да го изгубиш сопственото дете.

(ПРОДОЛЖУВА…)

Превод од руски: Момчило Куфојанакис и Зоран Митрески