Во нашите вени тече крвта Христова – II дел

Еден свештеник ми раскажа нешто за себе си. Работел како болничар во болница, и дури замолил да го преместат на катот, каде што лежат прикованите за постела, сѐ со цел подобро да се грижи за нив и им помага. Тој сакал да го прави тоа додека е млад, затоа што прочитал некаде дека ако човек се грижи за оние прикованите за кревет од болест, ако чисти зад нив, или пак, ако дома има стар човек за кого исто така е потребна нега, ако за сите нив се грижи, ги преоблекува итн., т.е. ако се допре до нивните рани, тогаш се допира до Самиот Бог. Ако некој може да се приближи до болниот, без притоа да се згрози од него и неговата болест, тој се приближува и допира до Бог.

И така тој барал да му се даде оваа милост и можност да помогне, и неговата молба била исполнета, затоа што ретко кој од младите болничари се пријавувал за таа работа која воопшто не е лесна. Лесно е да се зборува за сето ова, но тешко да се исполни.

И еднаш отишол на богослужба, се причестил, а потоа се вратил во болницата, за да ги измие своите болни, неподвижни старци, да им ја смени постелата и да си замине дома. Влегол во собата кај некој дедо со отворени рани на грбот. (Јас не знаев што се тоа отворени рани. Но оваа година на Пасха на Света Гора видов еден таков болен старец. Страшна глетка)

Болничарите секогаш работат со ракавици, но овој човек, затоа што се причестил, ништо не зборувајќи ги измил раните со голи раце. Тогаш дедото му рекол:

– Да те прашам нешто, дете мое? Беше во црква?

– Да дедо, бев и се вратив за да те измијам и да станеш чист и добар.

– Ти завидувам, си бил и си се причестил. Ти навистина се причести, нели?

– Да.

– Ти завидувам, јас исто така посакувам да можам да појдам да се причестам…

– Деде, не грижи се. Следен пат ќе викнам свештеник за да те причести и тебе.

– Добро ти благодарам!

Младиот човек го измил и него и другите старци што имале потреба од тоа. Но додека му ја чистел устата на првиот си ја исекол раката, затоа што тој во забите имал некаква протеза. Ја исчистил својата рака со памук, а бидејќи туку што се имал причестено, го ставил памукот во џеб, за потоа да го изгори.

Нешто подоцна се вратил кај првиот дедо за да види дали е се во ред со него и видел дека треба повторно да го измие. Дедото му рекол:

– Ништо страшно дете мое, не ме чисти сега. Дојди утре.

– Но што зборуваш дедо?? Не можам да те оставам неизмиен!

Го исчистил, го измил, и додека го вртел, го фатил за раката и видел дека му тече крв. Наеднаш му дошла мисла: «А што ако го допрам својот раскрвавен прст до неговата рана – денес се причестив! Во себе го примив Господ. Ќе биде ли нешто??!»

Ништо не зборувајќи, ја допрел својата рака до неговата рана и продолжил да го мие.

Дедото во тој момент почувствувал сила и кажал:

– Дете мое ме изми по втор пат?

– Зашто?

– Јас почувствува толку сила и имам таква бодрост во душата!

– Ах дедо, да знаеш што ти направив! Но другпат ќе ти раскажам што сторив и зошто така се чувствуваш!

Тој едноставно се допрел до болниот со својата рака од која течело крв, а во неа била и крвта Христова. И се случи чудо, допуштено од Господ.

Светата Причест очистува, таа не пренесува инфекција. Како што и Светиот Дух нѐ очистува нас. Пробајте да ставите нешто валкано на сонце, и ќе видите дека тоа не се влошува од сонцето. Напротив, се очистува од секаква скверност и нечистотија.

Затоа статистиката сведочи дека свештениците се најдолговечните луѓе на земјата. Ретко може да се забележи свештеник да се упокои млад. Само доколку Бог го допушти тоа, но тие по правило се упокојуваат во поодминати години. Постојано се причестуваат, постојано ја употребуваат светата Причест и живеат многу години, а логично и научно тоа не може да се објасни.

Нам на свештениците не ни е дозволено да испитуваме дали некој е болен од сида, дали некој има рана во устата, туку ги причестуваме сите и потоа и самите ја употребуваме светата Причест. Тоа докажува дека светата Причест навистина е Таинство над таинствата и голема тајна, кои ние не можеме вистински да ја разбереме.

Старец Јаков кажуваше дека кога се причестувал во светата Причест видел капки човечка крв. А во друга прилика, пак, видел зрак светлина како излегува од светата Причест, и тогаш разбрал дека тие што се причестиле вистински се подготвувале за неа.

Свети Андреј Критски, авторот на Великиот покаен канон, како дете долго време не можел да зборува, и се исцелил, односно јазикот му се одврзал на светата Литургија после причестувањето.

Свети Јован Кронштадски бил голем човек, кој направи многу чуда преку светата Причест. Тој исцелувал болни, и со таква вера ги причестувал, што кога болните го примале Христос, оздравувале. Но не само во него, туку огромна вера имало и во верниот народ.

А ние, за жал, знаете ли кому сме слични? Ние наликуваме на мали деца кои си играат со скапоцени брилијанти, а не се ни свесни какво богатство држат во своите раце. Ако ние подготвени пристапуваме кон светата Литургија и светата Причест, тогаш би го измениле не само својот живот, туку и животот на својата фамилија.

(ПРОДОЛЖУВА…)

Превод од руски: Момчило Куфојанакис и Зоран Митрески