Вoздвижение на Чесниот Крст Господен – II дел

Ако те натераат да решиш некоја равенка, за неколку минути ќе заборавиш како се прави тоа. Ако си ученик и те прашаат за лекцијата, која ти ја предавале пред неколку дена, ти нема да ја паметиш. Ти кој имаш толку мал, оскуден, немоќен, ограничен ум, сега сакаш да го разбереш недостижното, да ги разбереш тајните, да го разбереш тоа што не можеш да го разбереш. Нема да ги разбереш, не те засегаат. Она единственото што можеш да го разбереш, ако сакаш, е дека Бог е љубов. 

И како да го кажеш тоа, кога Он е толку суров во твојот живот? Затоа што ти велиш дека Бог е суров во твојот живот и како да го наречеш Тој Бог љубов?

Еднаш во училиштето каде што предавам, дојде еден учител. Во тоа време се случи земјотресот на Хаити, при што загинаа стотици илјади луѓе, мали деца, притиснати и смачкани. Тој дојде во канцеларија и ме праша со шепот за да не го чујат другите и да не се соблазнат:

– Што ќе им кажеме сега на децата кои не прашуваат за Бога? Што да им кажеме? Што да им кажеме во врска со сето ова? Што прави Бог? Како може Бог да биде таков?

А јас го прашав:

– Зошто шепотиш?

– За да не нѐ слушнат!

– Но тоа е целото прашање! Дури и мое! Без разлика што сум свештеник. Дури и големите светии го прашале Бога за тоа, и тие ја чувствувале оваа огромна недоумица како можат да се усогласат љубовта со болката, милосрдието со тагата, добрината со крвта, Божјиот мир и спокој со земјотресот кој уништува се. Како се совпаѓаат овие две работи? Како тие се усогласуваат, како се поврзуваат? А? Што се случува?

Тој ми кажа дека децата ќе се соблазнат и веќе многу од нив го прашале што прави Бог? Јас го прашав:

– Што им одговараш?

– Го дискутирам тоа со нив, се правам филозоф, а ти што кажуваш?

– Што да кажам? И јас кажувам различни работи, разговарам, но всушност не одговарам. Им кажувам:

„Не знам. Не знам! Деца да се молиме за сите овие работи, да ја претвориме болката во молитва и да ја искажеме пред Бога, и да почекаме малку, за подоцна да разбереме многу нешта.“

После извесно време, по неколку децении, кога ќе помине, се разбира дека ќе гледаме многу поладнокрвно на нашите работи. Не ги знаеме проблемите на другиот. Во секој случај знам дека кога сме поминале низ големи маки, и децении подоцна, гледаме кон минатото и си велиме: „Се сеќаваш ли, тогаш кога мислев дека она што го доживеав е најстрашното нешто, на крајот сепак се покажа како голема добрина. Во краен случај тоа ме направи позрел, стекнав полза, закрепнав, душата ми се освети, се исчисти, исчезнаа разни тежини што ги имав во себе, разни болни состојби, пристрасност, страсти, слабости, душа ми заблеска преку таа болка. Тогаш јас не го разбрав тоа, и мислев дека не можам да издржам, дека е невозможно, ќе се срушам, но на крајот издржав“.

Се сеќаваш ли како една жена многу пати велеше: „Ако ме остави сопругот, нема да се снајдам во животот, бидејќи можам само заедно со него…“

Нејзиниот сопруг замина и си поминаа годините, и веќе три – четири децении таа гледа на животот на многу поинаков начин. Тогаш тоа и изгледаше како огромна болка, и навистина беше таква. Тоа и изгледаше како крајот на светот, но не беше крајот на светот.

(Продолжува…)