Вoздвижение на Чесниот Крст Господен – IV дел

Старец Софрониј од Есекс кажува нешто многу убаво, имено дека кога чувствуваш болка, најчесто се затвораш во себе, и чувствуваш дека се осамуваш, дека сега си сам и имаш некакви маки и проблеми итн. Но, покрај овој затворен, меланхоличен пат, постои и друг начин. Можеш да си помислиш и на нешто друго, имено дека во истиот тој час, милиони луѓе на планетата Земја – не знам каде се сега, може да се во соседниот стан, на горниот кат, во куќата отспротива, во блиската населба, во друг град, во соседната земја, на друг континент, во целиот свет, на целата планета има милиони луѓе – кои го имаат истото тоа искушение што го имаш сега ти, а и други многу пати поголеми искушенија. Тоа не е некаква лажна утеха, не е лага, туку е вистина. Сега, дури зборувам, не кажувам лага, има авиони што летаат. Ако помислиш на тоа, може да се помолиш за оние кои патуваат во воздухот. Тоа не е некоја психолошка теорија, туку реалност – имено, дека сега летаат авиони и одат некаде. На истиот начин, можеш да размислиш за тоа што ти го кажав. Сега, кога плачеш, постојат многу луѓе кои не ни слушнале за радиото, „Црквата на Пиреја“[1], дури и не знаат каде да најдат утеха, не знаат кому да се обратат, со кого да зборуваат, на кој телефон да се јават, каква молитва да упатат, не знаат ни кој е Бог, дали Он постои, како се вика, на која врата да тропнат, и седат и страдаат. Во тој миг само да си помислиш, добиваш голема утеха, срцето автоматски ти станува пошироко и попространо и излегуваш од твојот осамен крст, повторувајќи „Носам крст, се мачам и се затворам во себе!“. Така автоматски стануваш пријател на оние милиони луѓе, на непознатите, но многу познати на твоето срце. Ако срцето ти стане меко, нежно и чувствително како цвет, тогаш ќе ја разбереш целата таа болка на луѓето, ќе се утешиш, може ќе најдеш и малку сила наместо да се жалиш, да се помолиш за овие непознати кои страдаат како тебе, кои страдаат повеќе од тебе. Тоа го читав кај Старец Софрониј, кој вели дека срцето на човекот се отвора, станува пошироко и тој го чувствува она што и тие го чувствуваат. И сега јас, кој страдам, сфаќам како се чувствуваат.

Со други зборови, Бог ме зема и ме шета, ме води на „обиколка” низ болката на вселената, низ сеопштата болка на луѓето и тоа е чест за мене – да ме стави во допир со заедничките преживувања на целото човештво и од мене – едно осамено суштество која живее во својата куќичка –  прави сеопфатно суштество кое може да ја прегрне целата вселена и болката на целиот свет, на сите луѓе. Бидејќи болката е заедничка, тагата е заедничка. Кај тебе може да се нарекува  жалост, кај другиот развод, кај третиот болест, кај други психолошки проблеми, кај друг осаменост – тоа сепак е болка која има различни форми. Тоа нè збогатува исклучително многу и нè прави вистински богати, чувствителни, значајни, и кога ќе го сфатиш тоа, болката веќе нема да те затвора во себе, во твојата школка, туку ќе те тера да патуваш, да се молиш, и ти да се прилагодиш на бранот на молитвата, на молитвата во Гетсиманската градина, која Господ ја упатил од Маслиновата Гора. Оваа молитва на болката, на големата болка, кога во оној час Господ Ја примил во срцето Свое болката на целата земја – од Адам до последниот човек пред свршетокот на овој свет. И ти го примаш бранот на Господовата молитва во тебе, ја прегрнуваш целата земја и ги живееш зборовите „плачам со оние што плачат“, можеш да плачеш со тие што плачат, и да ја разбереш болката на оној другиот. Тогаш велиш: „Што е мојата болка во споредба со таа на другите? Не е толку страшно и трагично – и јас страдам, но знаеш ли другите што носат? Знаеш ли колку е големо, тоа што го трпат?“

(Продолжува…)


[1] Оваа беседа е дел од циклусот беседи на Архимандритот на споменатово радио, предавањето се вика:  „Αθέατα περάσματα“ –  „Невидливи премини“; забел. превед.