Вoздвижение на Чесниот Крст Господен – V дел

Кога ќе стигнеш до тоа да кажеш дека другите страдаат повеќе од тебе, тоа значи дека си напреднал, дека си созреал, дека си се утврдил ,дека болката успеала да ти ја предаде својата лекција, да те научи на љубовта, да те научи на големината на твојата душа, да те научи да проштеваш на сите, да те научи на молитва, на благодарение и славословие, да славословиш, ако можеш, во оваа болка и крст, да благодариш, да излезеш посилен и да кажеш: „Така ќе живеам!“.

Така ќе живеам! Не постои момент кога сето ова ќе престане; има само промена – еден бран исчезнува, доаѓа друг, кога веќе живееме во морето, што очекуваме, да нема бранови? Нема такво нешто. Знам дека кога ти ги кажувам овие работи, ти размислуваш за нив; дека понекогаш се трогнуваш и плачеш, и знам дека сигурно се прашуваш и велиш: „Добро, на зборови е така, но на дело што да правам?“.

На дело прави го тоа, што ти доаѓа. Еднаш ќе се растрепериш, друг пат ќе ја загубиш малку верата. Добро, Бог те сака и кога ќе ја изгубиш својата вера, Бог те сака повторно. Еден човек ми рече:

Ја изгубив верата од крстот што го понесов.

Му реков:

– Добро!

-Како добро? Што да правам сега?

– Ќе ја најдеш повторно!- Но, не верувам!

– Тоа не пречи! Дали сакаш да разговараме?

– Ама…

– Ако ти кажам низ што сум минал или што доживувам во такви моменти, ќе се почувствуваш ли подобро?

– Секако дека ќе се почувствувам подобро!

– Добро, ќе ми зборуваш како со пријател. И ако не ми веруваш како на Божји човек и свештеник, ако не веруваш и се двоумиш од сето ова, не пречи, доаѓај си да разговараме како да сме двајца пријатели. Просто пријатели.

– Ти благодарам што не ме отфрлаш и не ме караш!

– Ама како да те карам, кога знам дека се мачиш и страдаш? Никој не бара од тебе да се принудуваш по секоја цена да чувствуваш нешто, ако тоа не доаѓа само од себе.

– Добро!

– Ќе помине и ова и друго, ќе  ти помине и животот, и после тоа ќе дојде нешто друго, кое ќе биде вечен мир, радост и ликување. Колку луѓе страдале и каде се тие сега? Не се меѓу живите, заминати се. Ниту плачат, ниту викаат од болка.

Непресушливиот извор на пријателството…

Во моментот кога се случуваат овие работи, мислиш дека се крајно трагични и навистина се трагични, но потоа доаѓа воскресение. Во еден миг, ќе дојде и воскресението. Не може да не се случи. Животот има болка, но има и радост, има и светлина, има и надеж, и нема да не обземе депресија до степен да пропаднеме. Поминуваме низ сето ова за да се смириме, за да се возљубиме, за да почувствуваме единство меѓу нас. Големо нешто е во мигови на болка да имаш човек со кој ќе разговараш. Големо нешто е во болката да се фатиш за Бога и да Му зборуваш, бидејќи ти ми кажа дека токму тоа ти е болката, тоа што немаш човек да ти прави друштво, да му кажеш два збора, да ја споделиш болката. Бог ти дава една друга многу важна лекција. Тој ти вели: „Чедо, дури и ако сите те напуштаат, сакам да ти покажам колку голема сила сум вложил во тебе! Знаеш ли која е таа? Силата да стоиш исправен без помош на луѓето! Ќе ти го докажам тоа!

Одеднаш ги губиш сите пријатели, познати што ти биле поткрепа, остануваш сам и излудуваш. Христос ти вели: “Не плаши се! Сега ќе видиш каква сила ќе процвета во тебе! Затоа и го правам ова, за да видиш дека можеш!

И наеднаш гледаш дека немаш потреба од другите, дека си можел да се потпреш на Христос и да одиш како раслабениот, на кого Он Му рекол: „Стани!“. „Но, како да станам, кога сум парализиран“.

– Стани и оди! Јас ти велам!

– Но, други ме држеа исправен!

– Остави ги другите! Другите ли ќе ти дадат сила и достоинство? Јас ти давам достоинство, јас ти давам сила, јас ти давам животворни сокови, јас ти давам светлина, за да ти ја покажам убавината што сум ја всадил во душата твоја!

Ова се таинствени нешта, тајната на Крстот. Прекрсти се, добро е што не правиш така,  т. е. да Го молиш Бога, да Го молиш и да Му велиш:

– Зошто Господи? Не ме тера егоизмот да дознаам, но кажи ми зошто? Ако сакаш, кажи ми! Сакам да Те слушнам!

И Он ти вели:

-Чедо, знаеш ли зошто? Бидејќи мојата љубов кон тебе сака да те научи на ова – да ти каже едно „затоа што“…

– Зошто Господи?

– Затоа што …

Сакаме да знаеме, но знај дека повеќето прашања „Зошто?“ нема да добијат одговор во овој живот. Има толку многу прашања во овие тајни што душата ќе замине со доста празнини, зошто. Земи ги, на пример, малите деца. Одиш во болница и гледаш болни мали деца и прашуваш зошто. 

Зошто им се случува тоа? Зошто другите немаат деца? Зошто? Зошто толку многу крстови?

Затоа што не сме во рајот, туку на оваа земја. На оваа земја, каде што има тага и болка. Болка додека некој расте, болка и кога стигнува до староста.

Една жена ми рече: „Сите зглобови ме болат, цела сум во болки!“

Годините минуваат и чувствуваш болки. Кога си бил млад, си чувствувал болка за едно, сега, пак – за друго. Затоа, кога некој ќе се упокои, пееме: „каде што нема ни болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен“. Таму нема крст. Нема болка. Во овој живот има. Што да правам? Прегрни ја болката, целивај го крстот, држи го својот венец, гордост, украс и убавина и моли Го Христа да ти ја открие Неговата тајна. Зошто се случуваат сите овие работи? Па, кога ќе се изнемоштиш, ќе се наведнеш. Ќе паднеш на колена. Господ тргнал на Голгота и во еден момент паднал на колена. И ти ќе паднеш на колена. Добро, стани пак. И да си кажал нешто тешко, ќе се исповедаш. Ќе речеш: „Господи, повторно моите нерви,  повторно Ти роптав, се нервирав и го заборавив Твоето ветување и Твојата љубов“.

Крст. Еднаш раздавав цвеќе од Светиот Крст во храмот и на крај не остана многу за последните од редот. Им реков: „Ви давам малку, и како што јас ви дадов малку, така мал да биде и вашиот крст!“

Еден човек ми рече: „Добро, зборовите се убави и желбите се убави и лесни, но не се остваруваат толку многу“.

Нема човек кој минува низ малку страдања во животот. И најбогатите, дали знаете што им тежи на срцето? И тие имаат свои маки, немој да мислиш дека немаат. Имаат свои семејни проблеми, маки, воздишки, неисполнети соништа, напнатост и стрес. Па, сите имаме нешто.

И така, да се чувствуваме обединети со Христос преку болката, соединети меѓу себе преку болката, да покажуваме разбирање кон другите, да разбираме, т.е. ако јас сум имал свој крст во животот, да го разберам другиот – и тоа е добро; да имаме распнати наставници, професори, свештеници, родители, бидејќи ако ние сме распнати и сме чувствувале болка, и другите ќе ги разбираме подобро. Оној кој имал тешка младост, подоцна нема постојано да му држи проповеди и поуки на своето дете, туку ќе го поддржува. Тој разбира. Разбирање – тоа е голем збор! Те разбирам, бидејќи сум поминал низ тоа – сочувствувам, страшен збор. Без крстот не можеш да го почувствуваш тоа – сочувството, милосрдието, благоутробието, да чувствуваш сострадалност кон другите, да се поставиш на нивно место, да не бидеш рамнодушен. И така живот ќе помине. Еден ќе поддржува друг, рака за рака ќе одиме напред. И ако рацете кои ги држиме нè пуштат, и ако рацете што ги држиме ни подадат трн и се повредиме, ќе ја допреме раката на Христос. Едната рака треба да биде слободна за да го фати Христос, Чија рака никогаш не те предава и никогаш нема да нè напушти!

Кажуваме познати и тешки работи. И тоа е болка, да слушаш нешта, кога секој си го кажува своето. Ајде биди на моето место. Е, не можам да бидам на твоето место, како што и ти не можеш да си на моето место. Тоа е твојот крст. Твојата чест, твојата убавина, тоа што ќе го земеш на својот грб.

Се молам Христос да ти даде храброст, сила, да те избави, ако може, од она што ти тежи и срцето твое да се разубавува за да оставиш  благоухание таму каде минуваш, како босилек. Кога влегуваш во храмот и се слави Светиот Крст, си велиш: а, мириса на босилек – тука го празнувале Воздвижението на Чесниот Крст. Така и ти да станеш една света, исполнета со болка, но и воскресната личност!