За Велигденскиот концерт ✣ Климент Епископ Хераклејски

За Велигденскиот концерт
✣✤✣
Минатиот четврток, заедно со многумина го проследив Велигденскиот духовен концерт. Веднаш би сакал да го споделам со вас моето мислење за тој настан. Она што се случи таму, таа вечер, пред очите на нашата црковна и севкупна македонска јавност, ни најмалку не беше обичен пренос и трансфер на традиционалната култура и на духовното наследство од минатото. И покрај некои журналистички коментари и укажувањата дека се потребни дополнителни мислења и консултации со византолошки авторитети за да се оцени настанот, за да го доживеам овој цитат кој реферира на древното византиско музичко наследство (кое, колку за потсетување од Отците нам ни е оставено во неукрадливо наследство), а кој грижливо беше вкотвен во современиот музички израз, искрено, не ми се потребни ничии сугестии. Веќе го изградив својот став и ќе го споделам со вас.
За мене Велигденскиот духовен концерт беше вистински исчекор и смел успешен обид за вдахновување од чистите извори и источници кои ги формираа и обликуваа христијанските етос и култура во Македонија. Тоа креативно го направија монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот Рајчица, со благослов на нивниот и наш отец Партениј. Нивната духовна зрелост и влог ги гледам во излегувањето на кратко од манастирот на нивното покајание, само за да се сретнат со нашиот современик и преку источниот милозвучен духовен напев, да стапат во пријателски дијалог со него за да се пројави милоста на Распнатиот и Воскреснатиот Христос. Вистински образец на богољубие и човекољубие во Христа. Таа вечер овие чудесни монашки души ни приготвија Пасха пред Пасха.
Благодарен од нивното сведоштвото и охрабрен дека монасите во македонските манастири ги споделуваат созреаните плодови од таинствениот монашки живот, се вратив во моето Зрзе, подготвувајќи се за Благовештение. По пат размислував што се случи таа вечер во Универзалната сала. Тогаш се сетив на зборовите на еминентниот богослов Јагазоглу, кој оспорувајќи ја употребната концепција на византиската уметност, вели: „Уметноста е разговор на човекот со Бога. Таа е покажување или истакнување на убавината на тварта преку личноста, преку творештвото на човекот. Единствено човекот е кадарен да ја изрази таа убавината на материјата која во црковната уметност, всушност е убавина на личноста.“
Се согласувам со овие негови мисли, а ги издвоив затоа што имав можност да бидам сведок на процесот на отелотворување на идејата во дело. Имено, овој концерт пред да се реализира беше во умот и родителското срце на отец Партениј. Разгорен од копнежот да го пренесе умилителниот тон на црковните химни, неколку години вложи многу труд, па заедно со неговите духовни деца Ламбе и Касијана, обдарени со прекрасни гласовни хоризонти, (кои заради искреноста и љубовта кон отецот успеаја да го иконизираат она што на многумина тешко им поаѓа од рака и е речиси невозможно без отечки благослов), придружени од хорот на младите но надежни богослови, во соработка со пријателите и вљубениците во музичката уметност, г. Живојин Глишиќ (кој направи аранжман што може достинствено да застане раме до рaме со оние на Микис Теодоракис и на Митрополитот Иларион Алфеев, практика веќе позната кај православните Елини и Руси), изведен под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, и секако под раководство на почитуваната директорка на Македонската Филхармонија, г-ѓа Маја Чанаќевиќ која по разговорот со отецот наполно застана зад реализација на овој проект, го оствари одамна посакуваното и измоленото од Бога.
Ефектот е следниот: Концертот ја исполни својата посакувана цел бидејќи гидопре оние тенки и нежни струни на човечките богољубиви души, кои безусловно ќе рефлектираат во нашите секојдневни животи како силен патоказ на патот кон Дома. Доказ за ова тврдење не ми е френетичното ракоплескање и топлата атмосфера меѓу присутните туку молитвениот амбиент и светлите и просветлени ликови кои ме пресретнуваа при излегувањето. Во нивните лица ја видов и доживеав нашата Мајка Црква, која оваа година кога слави 45 години од својот автокефален живот го доби својот прв подарок од своите најверни чеда – македонските монаси и монахињи и нивните пријатели.
Драг отец Партениј, најпрво Вам а потоа на сите учесници и чинители на ова незаборавно дело, Ви благодарам од срце.

+ Климент Епископ Хераклејски
✣✤✣
Се одржа велигденскиот духовен концерт