1441

Свет и Велик Петок

Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован, та гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познаам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче Христе, слава на Твојот Крст и на Твоето страдање, Спасителу.

 

(Од Канонот на Утрената на Велики Петок)

 

Страшен и ужасен призор! Настани кои го збунуваат човечкиот ум, глетка од која замолкнува устата негова! Нашиот Господ, Кој дојде во светот за да го облече човекот во божество, сега во облека на потсмев е облечен и пред судот Пилатов стои; Распни Го! Громогласни и потресни извици кои срцата ги распаруваат се слушаат од устите на беззакониците, од оние чиишто зборови требаше срцата човечки да ги исцелуваат; шлаканици, плукање и смртна пресуда за Оној, Кој дојде нас, луѓето, од смртта да нѐ ослободи; со копје Го прободуваат Оној, Кој од Престолот Небесен се симна за Негови сонаследници да нѐ направи; се потсмеваат на оваа страшна глетка слепите јудејски водачи, не можејќи да ја разберат тајната која Јагнето Божјо прифаќа да ја изврши. Не, нема поголем ужас од тоа што бесловесната природа, гледајќи Го својот Творец како виси на крстот, покажува поголемо познание и чувствителност од помрачениот и бесчувствителен човек: сонцето пред страшното злосторство своите лачи ги сокрива и во длабок мрак потонува, а збунетата земја своите основи ги тресе. Горите затреперуваат, камењата се тркалаат, небото се помрачува, а верниот, пак, разбојник, распнат заедно со Него, во Него Божеството Го препознава и од крстот извикува: Спомни си за мене Спасителе, кога ќе дојдеш во Царството Твое.

Ах, денес на Крстот згаснува Светлината наша… Страдание пред кое трепери секоја човечка душа, која побрза во овој Велик и Страдален Петок да се свие под крстот што исправено стои среде Бигорскиот храм на Претечата и да Му се поклони на Распнатиот што на него виси. Прекрасно е да се биде овде, меѓу своите браќа и сестри монаси и заедно со својот Старец, чијшто лик во сите нас влева нови духовни сили. Сега заедно со него, поткрепувајќи се еден со друг, се вдлабочуваме во таинството на тие историски мигови и мисловно се искачуваме на Голгота. А таму, на Крстот, наместо трнов венец, на Христа Му плетеме венец од мирисни цветови и наместо со жолчка и оцет, со горки солзи Го напојуваме. Да! Сега на Крстот, во лицето на Господа страда и умира целото човештво. Раните кои во смрт Го одведоа се нашите гревови, нашите срамни страсти пред Неговата невиност и чиста љубов. Сѐ што Он претрпе, плукање, исмевање, рани и на крај распетие, сведочи за Неговата божествена љубов! Сѐ што изврши, изврши за ние да разбереме дека Он висеше на Крстот не само заради нашето спасение, туку и поради наша вина, за нас мртвите да нѐ оживи и спаси. Во Него го гледаме Божеството и небото кое Он со Својата смрт и воскресение го отвора. Молчиме пред Неговата доброволна жртва, која Он заради нас прифаќа да ја изврши. Го чувствуваме мечот што го корне срцето на Божјата Мајка и заедно со неа плачејќи, пееме: Тешко мене, Божествено чедо! Тешко мене, Светлино на светот! Зошто ги напушташ очите мои, Јагне Божјо? Сине мој, каде отиде Твојата убавина? Не поднесувам да Те гледам неправедно распнуван! Но, побрзај, стани, за да го видам и јас Твоето тридневно, од мртвите, воскресение.