Посета на Претседателот на Р. Бугарија и на двајца митрополити на БПЦ

Навечерие на Неделата на простувањето

Денес, во навечерието на Неделата на простувањето, по Божја промисла, Свештената Бигорска Обител беше удостоена со посетата на мошне високи и значајни претставници на бугарската држава и Црква. Имено, за прв пат во долгата историја на нашиот Манастир, денес во посета дојде првиот човек на друга држава – Претседателот на Република Бугарија, г-н Румен Радев. Негови сопатници и придружници до древното Бигорско Светилиште беа почитуваните архиереи на Бугарската православна црква, Н. В. Митрополит Пловдивски г-н Николај и Н. В. Митрополит Старозагорски г-н Кипријан. Високата делегација беше придружувана и од амбасадорот на Р. Бугарија во Р. Македонија, г-н Иван Петков, како и други државни и црковни службеници, клирици на Бугарската црква, новинари… 

Ценетите гости беа пречекани со најтопло гостољубие и торжественост, најнапред од нашиот почитуван епархиски архиереј, Н. В. Митрополитот Дебарско-кичевски г-н Тимотеј, старецот и игуменот на Обителта, Архимандрит г-н Партениј со своето монашко братство и сестринствата од манастирите во Рајчица, Пречиста и Кнежино, и многубројниот народ. По повод исклучителната посета, за високите државни и црковни достоинственици, согласно предвидениот манастирски и црковен ред, беше приредено свечено иподохи. Гостите беа пречекани и спроведени до храмот од манастирските сејмени и мијачката гарда, со препознатливите благороднички носии. Посебен украс на целокупното торжество му даде и ансамблот „Македонија“, кој на традиционален македонски начин го пречека Претседателот со погача и со песната: „Добре ни дојдовте, мили гости“.

Во храмот, пак, после тропарите и молититвословието, со поздравно слово на гостите им се обрати старецот, Архимандрит Партениј:

„Длабокоуважен Претседател на Република Бугарија, г-н Румен Радев,

Достојнопочитуван архипастиру на оваа богочувана епархија, митрополите г. Тимотеј,

Ваши Високопреосвештенства, Митрополите Пловдивски г. Николај и Митрополите Старозагорски г. Кипријан,

Преподобни отци, монаси и монахињи, возљубени верници, духовни чеда и посетители,

Ќе го започнам своето обраќање со една огромна, би рекол свештена благодарност кон предобриот наш Христос Бог, што ме удостои мене, најнедостојниот од сите, во овој историски миг да возвестам за величието и радоста на денешново собитие. И навистина, оваа исклучителна средба, овој несекојдневен, сечесен, торжествен собир, токму спроти Неделата на простувањето и почетокот на Чесниот Пост, е повеќе од очигледно дар од семудриот Бог Промислител, Кој го благословува и дарува заедништвото во името на љубовта Негова.

Особено сме почестени, а истовремено и благодарни кон Вас, благоверен Претседателе Радев, што токму Вие сте првиот Претседател на друга држава, којшто ја посетува илјадалетната Бигорска Обител. Ние веруваме дека оваа посета воопшто не е случајна. Едноставно, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој на своја служба нè повикал и нас последните и недостојните, измолил од Бога така – првиот човек на некоја држава, што ќе го посети неговиот древен Манастир, да биде токму од братска Бугарија. И ако добро расудиме, тоа едноставно не е случајност, туку се случува токму во годината кога Охридската архиепископија, чијшто прв Архиепископ беше ктиторот на нашата Обител, секогаш спомнуваниот отец наш меѓу Светиите, Јован Дебранин, ја слави својата илјадагодишнина. Ние цврсто веруваме дека оваа посета на Вашето Превосходство е јасно показателство дека најблискиот ни бугарски народ и неговото правителство ќе продолжат братољубиво да ги поддржуваат, како и досега, целовитоста, напредокот и благоуспевањето на Република Македонија и нејзините жители, не само на внатрешно, туку и на надворешно поле. Таквата несебична поддршка, во иднина ќе покаже уште појасно кои се вистинските пријатели и браќа на македонскиот народ и неговата држава. Всушност, во Вашето присуство овде, ние го гледаме братољубието на целиот бугарски народ.

Би сакал да ја искажам и нашата преголема благодарност кон Неговото Светејшество, Патријархот Неофит, и кон Светиот Синод на Бугарската православна црква, што благослови да ве испрати денес вас, Високопреосвештени отци, на наша сеопшта радост. А заедно се радува поради вас не само нашата Охридска архиепископија и нејзината паства, туку и душите на богомудрите ни предци, кои живееја и заминаа од овој свет со нескршлива вера дека духовното сродство меѓу македонскиот и бугарскиот народ ќе остане вечно. Токму затоа, богољубиви архиереи, наш заеднички свештен долг е да го продолжиме нивното вдахновувачко дело на љубов и единство. А најсовршен израз на тоа братољубие е, секако, единството во Божествената Евхаристија, во сослужението на Светите и страшни Христови Тајни, кои се оска и цел на нашето суштествување. Таквото заедништво бива благословено од Бога, така што нема никаква причина да се притеснуваме и да стравуваме, туку едноставно, треба само евангелско дело да извршиме, дејатели на Божјата љубов да се покажеме.

И најпосле, бидејќи за кратко започнуваат светите денови на Великата Четириесетница, во навечерието на Неделата на простувањето, јас, најмалиот и грешниот, би сакал од најскриеното место на моето срце да побарам од сите вас прошка за моите прегрешенија, а и удвоени молитви за моето смирено монашко братство. Но најмногу од сè, молитви и труд за она за коешто копнее секое православно срце во Македонија, верувам и во православниот свет – да се исцели големата рана на Православието и Охридската архиепископија, во годината кога го празнува своето илјадалетие, да го доживее своето признавање и да го добие местото во семејството на помесните Православни Цркви, со посебен Томос од „Мајката на сите Цркви“, светата Вселенска патријаршија, како што впрочем налага божествениот црковен ред.

Уште еднаш изразувајќи ја целодушната благодарност кон многуценетите гости од братска Бугарија, просам од Бога за сите добра и богоугодна Четириесетница.

Ви посакувам топло добредојде на сите!“


Како одговор на словото на Старецот, кон присутните од името на гостите се обрати Н. В. Митрополитот Пловдивски, г-н Николај, кој меѓу другото рече:

„Со благодатните слова на великиот псалмопевец, свети пророк и цар Давид, воскликнува и моето срце, исполнето со духовна среќа во овој миј, кон сеподателот Бог: ’Благословувај го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини‘.

Голема милост ни направи Господ, пред дверите на благопријатното време на нашето спасение – светиот и велик Пост; во времето на особена молитва, на покајание и воздржание, ние да дојдеме, да ги преклониме колената на своите души и срца во благодатта на оваа древна Света Обител, посветена на најголемиот меѓу родените од жена, Св. Јован Крстител; да се поклониме на оној кој го повика целото човештво кон покајание: ’покајте се, зашто се приближи Царството Небесно‘.

Имено во овие благодатни дни, јас ја имам духовната среќа да го исполнам послушанието и пријатното возложение од Неговото Светејшество, Бугарскиот патријарх и Софискиот митрополит Неофит, и Светиот Синод на БПЦ, заедно со мојот собрат, Високопреосвештениот Старозагорски митрополит Кипријан, да одговориме на љубезната покана на Претседателот на Република Бугарија, г-н Румен Радев и да бидеме соучесници во оваа духовна радост.

Ви благодарам за гостопримството, за љубовта, за благодушието со коешто нѐ примате и нѐ пречекувате. ’Колку е убаво и колку е пријатно кога браќата живеат заедно‘ – вели свети пророк и цар Давид. Ние ја живееме таа радост во овие благодатни мигови на духовно општење.

Ви го пренесувам првосветителскиот благослов на Неговото Светејшество, Бугарскиот патријарх Неофит, на свештената јерархија на Бугарската православна црква, кон сите вас – за здравје, за доброденствие, за благоуспевање и душевно спасение. Особено кон оваа Свештена Обител го упатувам архипастирскиот благослов и молитвен взор кон сеподателот Бог, за да испросам благодатни сили на сите, на отецот игумен и монасите, браќата на оваа Света Обител, коишто се посветиле на рамноангелскиот подвиг на монашкиот живот. Бог да ви ги укрепи силите, да ви дава благодат за достојно, поблагодатно и душеспасително служење на Светата Обител и Светата Христова Црква. Да пребива оваа Обител и богоспасуваната Дебарско-кичевска епархија во благоденствие, во здравје и благопреуспевање…“


Веднаш потоа, од свое лично име, на нашиот старец му се заблагодари и Претседателот Румен Радев, кој подарувајќи му пригоден дар по повод именденот, му соопшти: „За мене е исклучителна возбуда да бидам во вашата Света Обител. Бугарија високо ја цени улогата на Бигорскиот Манастир, како во минатото, така и во сегашноста, за зајакнувањето на нашата доверба и пријателство. Ве уверувам дека ќе си заминам оттука со најтопли чувства од вашето братство и пречекот. И ве уверувам уште во едно: си заминувам оттука и со чувство на долг – да работиме така што да има уште поголема доверба, уште поголемо пријателство, да си бидеме уште поблиски. Амин!“

Во продолжение, Претседателот и архиереите имаа можност да ручаат во манастирската трпезарија, да се насладуваат на народни православни песни, во изведба на Ансамблот „Македонија“, како и да се запознаат накратко со содржините, историјата и мисијата на Бигорската Обител. Митрополитот, пак, Николај, како израз на неговата љубов, благодарност и поддршка, му подари на нашиот владика Тимотеј една прекрасна панагија, а на старецот – архимандритски крст.