Соопштение по повод Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден

Во чест на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден, во свештената Раичка обител на светиот великомаченик Георгиј Победоносец на 26 септември 2017 г. (вторник),

❈ Ќе се отслужи свечена и празнична вечерна богослужба, со почеток во 18:00 часот. На крајот од вечерната богослужба, проследен од стиховите на празничниот тропар и раскошно украсен со цвеќе, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесниот Крст и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот.

❈ Следниот ден, среда во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба, а во 8:45 часот е предвиден пречек на нашиот многупочитуван надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, по што на крајот од утрената од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се вметнува крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. По чинот на Воздвижение на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос.

❈ Во 9:00 часот ќе започне архиерејската Литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.

 

Дојдете сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни.