РЕДОСЛЕД НА СТРУШКАТА ЛИТИЈА (ЕОРДИЈА)

Почитувани читатели,

Со особена радост ве известуваме дека големата торжествена струшка литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, и оваа година ќе ја благослови Струга и целата наша Татковина. Традиционално, и овој пат, во храмот на Великомаченикот во Струга, на 07 мај, со почеток во 16:00 ч. ќе биде отслужена  ктиторската Вечерна богослужба, после што ќе следи молитвената Литија.

Подолу го поместуваме редоследот на Литијата, која ќе започне после вечерната богослужба во 17:00 ч:

РЕДОСЛЕД НА СТРУШКАТА ЛИТИЈА

На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како символ на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. Во врска со тоа, апелираме до медиумите, овој костимиран редар никако да не се поврзува со историската личност на Александар Велики (впрочем, овој многубожечки владател нема никаква допирна точка со нашата христијанска цивилизација, а уште помалку со овој настан на чествување на Св. Георгиј), бидејќи, повторно ќе нагласиме, костимот е автентична реплика на римска воена облека од времето на Св. Георгиј Победоносец. На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што ќе бидат носени од страна на видни струшки граѓани, ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Ова претставува, всушност, обновување на оваа сердарска служба, којашто и порано постоела при Бигорскиот манастир и имала улога да го заштитува. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, исто така облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец. Оваа традиционална мијачка носија е, всушност, беспрекорно верна копија на раскошно везената зетовска носија од XIX век. Според иницијативата на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, облеките беа изработени од страна на нашата благородна долгогодишна пријателка и голем добротвор на манастирот, Елена Пандева, која за оваа цел, заедно со тимот од нејзината модна куќа „Елена Лука“, соработуваше со гостиварската работилница на семејството Јанкоски, со што се направи едно големо и многу важно историско дело.

Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија заради мноштвото народ, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е еден одличен начин достоинствено да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј.

Секој посетител што сака да земе молитвено учество во ова торжество е добредојден.