Покана за манастирската слава во Рајчица

На денот кога го славиме споменот на нашиот славен патрон и небесен застапник, Светиот великомаченик Георгиј Победоносец во неговиот свет манастир во Рајчица.

Празничната богослужба во навечерието на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј, ќе започне на 5 мај во 18:00 часот. За време на богослужбата, една од искушеничките на Рајчичката света Обител ќе ги положи монашките завети, и ќе биде причислена кон монашкиот собор.

Следниот ден, 06 мај, Утрената богослужба ќе започне во 07:30 часот, после што ќе следи и Божествената Литургија, која е предвидено да започне во 09:00 часот.

Воедно, уште една ве известуваме дека, на 7 мај, во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга, со почеток во 16:00 часот, ќе биде отслужена празнична ктиторска вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј. После завршувањето на вечерната и панихидата за ктиторите, следи свечената Еордија (литија) со светите мошти на Великомаченикот и неговата чудотворна икона.

Ве покануваме да бидете гости на нашата манастирска слава, како и да земете учество во древната струшка еордија (литија), најголемата во нашата татковина, со присуството на моштите на Св. Георгиј од манастирот во Рајчица, а оваа година ќе го има и благословот на чудотворната Крнинска Богородична икона. Дојдете, почувствувајте ја радоста и благодатта на овие торжествени настани и примете го благословот на славниот Победоносец Георгиј.