Соопштение по повод манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

Возљубени верници и почитувачи на Свештената Бигорска Обител,

Ве известуваме дека на денот кога го славиме сечесниот спомен на Рождеството на нашиот патрон и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован:

Во вторник, на 6 јули, во Бигорската свештена обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, на кое молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски и Игумен Бигорски г. Партениј.

Во среда наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе биде пречекан нашиот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј и почитуваниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот и со неа ќе чиноначалствува Високопреосвештениот Митрополит г. Тимотеј во сослужение со Високопреосвештениот Митрополит г. Јосиф и со старецот и Игумен г. Партениј.
За време на Божествената Литургија нашиот собрат, манастирскиот економ, јеромонах Доситеј, ќе биде ракопроизведен во почесното архимандритско достоинство, со право да носи надграден крст. Исто така, во текот на богослужбата нашиот собрат, јероѓакон Анатолиј, ќе биде ракоположен во свештениот јеромонашки чин.


Ве известуваме дека поради постојната пандемија на Ковид-19, а согласно мерките и препораките на Министерството за здравство, како и на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА, празникот на Рождеството на Свети Јован крстител на во Бигорскиот Манастир, ќе се празнува со строго запазување на предвидениот протокол за заштита, односно со држење на соодветно растојание, носење на заштитни маски. 

Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј игумен на Свештената Бигорска Обител