Соопштение за Струшката Еордија

Почитувајќи ги препораките на Владата на P. C. Македонија и Министерството за здравство, а истовремено сакајќи да им излеземе во пресрет на верните, заради благослов на градот Струга, со одлука на нашиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ве известуваме дека литијата ќе се одржи само со моштите и чудотворната икона на Светиот Георгиј, како и со Крнинската икона на Богородица. Во контекст на мерките, вечерната богослужба ќе се одржи во 16 часот и тоа надвор од храмот, односно во неговиот двор, а потоа и самата литијата во која ќе земат учество само дел од монаштвото и свештеничкиот клир, како и носачите на крстови, рипиди, бајраци, икони и мошти.

Се замолуваат граѓаните да не се приклучуваат на литијата, туку наместо тоа, на достоинствен начин да ги пречекаат и да им се поклонат на моштите и иконите совесно наредени на тротоарите, на кејот на реката Дрим и во чаршијата. Исто така, апелираме строго да се почитуваат мерките за носење на маски и одржување на социјална дистанца.

Нека ова поклонение ни биде за благосостојба на градот Струга, напредок на целата наша Татковина и на целиот свет.

Христос Воскресе!