Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки, во негов спомен.
Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.
Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата, од традиционално направените Лазаринки, со голема љубов и побожност.
Во истиот ден на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.
Ги печеме бадемите и лешницте.
Ги мелеме бадемите, лешниците, оревите и плазмата.
Ги цедиме портокалите.
Сувото овошје го потопуваме во топла вода и го оставаме да отстои еден час, а потоа го процедуваме и го блендираме. Доколку е потребно додаваме малку од водата во која стоеше овошјето за да добиеме кашеста смеса.
Состојките ги ставаме во сад, додаваме цимет и ванила, и мешаме сè додека не се соедини смесата и го добиеме потребниот фил.
Во сад за месење го ставаме брашното, шеќерот, маслото, таанот, сокот од портокал, водата, гризот, циметот и ванилиниот шеќер и се замесува сè додека не се добие прилично меко, сјајно и жолтеникаво по боја тесто.
Од тестото земаме 35-40 гр. и со оклагија (сукало) го расукуваме во елипсовидна форма.
Со мало лажиче ставаме од филот во средината по должината на расуканата форма.
Ги преклопуваме двата краја и ги затвораме со прстите.
Долниот крај го повлекуваме кон средината и го притискаме, а исто така и горниот, за да добиеме приближна форма на човечко тело.
Повторно земаме од тестото, го развлекуваме во форма на стапче за да ги формираме рацете. Ги правиме рацете да бидат во прекрстена форма на градите.
Редиме во плех за печење, откако претходно ќе поставиме хартија за печење.
Со чепкалка за заби ги формираме очите.
Печеме 21 минута на температура од 180°C, а потоа уште 4 минути на 240°C за да добијат румена боја.
Ги вадиме од плехот, ги завиткуваме во крпа и ги оставаме околу 3 - 4 часа да оладат.
За мерење користиме чаша од 250 мл.
https://bigorski.org.mk/magernica/