Lazarus bread or Lazarus dolls

Лазаринки

Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки, во негов спомен.

Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.

Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата, од традиционално направените Лазаринки, со голема љубов и побожност.

Во истиот ден на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.

Вид на јадење Десерт, Прилог
Кујна Бигорска, Манастирска
Време за припрема 30 minutes
Време на подготовка 1 hour 30 minutes
Автор Бигорски Манастир

Сосотојки

  • 1 кг. брашно
  • ½ чаша вода
  • ½ чаша масло
  • ½ чаша таан
  • 1 чаша сок од портокал свежо исцеден
  • 1 чаша шеќер
  • 80 гр. гриз
  • 200 гр. плазма бисквити
  • мелени ореви може и бадеми и лешници
  • суво грозје може и друго суво овошје
  • 1 м. лаж. цимет
  • 1 ќесичка ванила
  • 1 ќесичка пециво

Начин на подготовка

Подготовка на филот

  1. Ги печеме бадемите и лешницте.

  2. Ги мелеме бадемите, лешниците, оревите и плазмата.

  3. Ги цедиме портокалите.

  4. Сувото овошје го потопуваме во топла вода и го оставаме да отстои еден час, а потоа го процедуваме и го блендираме. Доколку е потребно додаваме малку од водата во која стоеше овошјето за да добиеме кашеста смеса.

  5. Состојките ги ставаме во сад, додаваме цимет и ванила, и мешаме сè додека не се соедини смесата и го добиеме потребниот фил.

Подготовка на тестото

  1. Во сад за месење го ставаме брашното, шеќерот, маслото, таанот, сокот од портокал, водата, гризот, циметот и ванилиниот шеќер и се замесува сè додека не се добие прилично меко, сјајно и жолтеникаво по боја тесто.

Правење „Лазаринки“

  1. Од тестото земаме 35-40 гр. и со оклагија (сукало) го расукуваме во елипсовидна форма.

  2. Со мало лажиче ставаме од филот во средината по должината на расуканата форма.

  3. Ги преклопуваме двата краја и ги затвораме со прстите.

  4. Долниот крај го повлекуваме кон средината и го притискаме, а исто така и горниот, за да добиеме приближна форма на човечко тело.

  5. Повторно земаме од тестото, го развлекуваме во форма на стапче за да ги формираме рацете. Ги правиме рацете да бидат во прекрстена форма на градите.

  6. Редиме во плех за печење, откако претходно ќе поставиме хартија за печење.

  7. Со чепкалка за заби ги формираме очите.

  8. Печеме 21 минута на температура од 180°C, а потоа уште 4 минути на 240°C за да добијат румена боја.

  9. Ги вадиме од плехот, ги завиткуваме во крпа и ги оставаме околу 3 – 4 часа да оладат.

Забелешка

За мерење користиме чаша од 250 мл.