Школка

Некои школки од надвор се мазни и сјајни, блескаат од боја, а некои неугледни, груби и рапави. Но под таа своја тврда коричка сите школки се нежни и ранливи. Токму како и луѓето во внатрешноста на своите души. Често се случува во школката да влезе некое особено неугодно зрнце песок, кое се заглавува во мекото ткиво на школката и таа никако не може да го исфрли. За некои школки тоа зрнце песок станува погубно: им ја разорува внатрешноста до крај.

Но има и школки кои поинаку се однесуваат. За да ја ублажат болката што им ја создава острото зрнце песок тие неуморно го заобиколуваат, обвиткувајќи го со тенки слоеви на мазен седеф. Така зрнцето песок полека станува бисер. Исто и со луѓето. Некои од своето зрнце песок прават животна драма од која никако да се соземат. Други, пак, своите зрнца песок ги претвораат во бисери.

Оние првите се незадоволни и постојано се жалат на тоа колку е суров животот. А вторите трпеливо ги создаваат своите бисери, сѐ додека болката не исчезне. Луѓето што  во себе носат бисери ќе ги препознаеш по блескавите насмевки.