Нови чуда на Свети Јован Крстител во Бигорски

На една недела до нашата манастирска слава во чест на Раѓањето на нашиот небесен Застапник, Свети Јован Крстител, решивме да објавиме уште неколку чуда на овој „небесен човек и ангел во тело“ кои се случија неодамна, како своевидно навестување и покана за неговото претстојно торжество. Зашто тој, во денот на своето Раѓање, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите вас!


Литијна икона на Свети Јован Крстител со сцени од неговото житие, 16/17 век, Бигорски Манастир

Свети Јован ослободува млад човек измачуван од зол дух


На 31 октомври 2021 година, во нашиот Манастир дојде и лично ни ја раскажа својата необична историја триесет и две годишниот В. Д. од Гостивар.

Според неговото сведоштво, тој подолго време имал чувство како да не се наоѓа во реалноста. Го измачувала мислата дека можеби има некое психичко пореметување. Во сонот чувствувал тежина, не можел да спие, на моменти страдал од парализа. Во текот на ноќта се будел 5-6 пати и тоа со силно вриштење. Викал, барајќи помош. Во себе слушал гласови да погледне настрана и гледал сенки или илузии на луѓе. Губел здив и фокус и никако не можел да ги сосредоточи своите мисли.

На 17 август 2019 година бил излезен навечер со другарите. Кога се вратил легнал да спие. Тој не бил корисник на наркотици, ниту, пак, страдал од прекумерна употреба на алкохол. Во текот на ноќта се разбудил целиот подивен и во несвесна состојба фатил со раце да ја гуши мајка си. За среќа, тука се погодил татко му го и го спречил. По телото бил целиот со модрици и со искинати алишта. Кога го прашувале што му е, обраќајќи му се по име, тој со подивен глас извикувал: „Јас не сум В., јас сум Л.!“ Бил сосема изгубен, а во собата сè растурено, изместено, ѕидот изгребан. Кога домашните запалиле темјан, тој почнал да се гуши и сакал да се фрли од тераса, но неговите го спречиле. Треба да се нагласи дека претходно тој посетувал и бајачи, кои му давале да пие некаква си уплавна вода, што, се разбира, е неблагословено, штетно и демонско нешто.

Гледајќи го во таквата тешка состојба, неговата братучетка го посоветувала да оди на молитва во Бигорски. Не бил воцрковен верник, но сепак верувал во Бога. Најпрво одбивал да појде, немал доволно вера дека тоа ќе му помогне, но накрај се согласил. Тој и претходно кога влегувал в црква, почнувал да се треси и да плаче. Истото му се случило и кога влегол во бигорскиот храм.

Тој ден беше празникот Преображение Господово, 19 август 2019 година. Службата беше пред крај, а тој цело време излегуваше и влегуваше во храмот. Кога појде да земе осветена нафора на крајот од Литургијата, некоја сила го одвраќала да го целива крстот, иако самиот тој сакал да го целива светиот симбол на Христијаните. Нашиот Старец, дедо Партениј, кој ја водеше службата, ја стави својата рака врз него и го праша како се вика и колку години има. Кога замина од редот, однатре му доаѓал некој дебел глас. Ја стиснал мајка си и сакал да избега. Гласот му шепотел да истрча од храмот и да скокне од тремот. Меѓутоа, нашиот Старец го пресретна со крстот и со љубезност и кроткост го поведе на молитва пред чудотворната икона на Свети Јован Крстител. Кога Старецот започнал да се моли, младичот фатил да се тресе како да бил изложен на температура од -50 ℃, ја искинал облеката во гнев и паднал наземи. Старецот се наведнал заедно со него, за да го придржи и поземе. Страдалникот почувствувал како излегува нешто од него и конечно почнал слободно да дише. Паднал на колена и прегрнувајќи го Старецот за нога, му рекол: „Помогни ми“. Старецот го кренал и го исправил. Бил сосема изнемоштен, но сега веќе целосно присебен и ослободен од злото. Започнал со солзи да му благодари на Свети Јован и на нашиот Старец за големото исцеление. Следната недела повторно дојде на служба во Бигорски. Плачел силно, со благодарствени солзи, исполнет со благодат и смирение. Оттогаш В. Д. редовно доаѓа во Бигорски и води светотаински живот во Црквата, кој вклучува: покајание, исповед, пост, молитва, Света Причест.


Свети Јован Крстител чудесно им дарува рожби на три брачни пара одеднаш


„Бидејќи и потеклото ни е од мијачкиот крај, поточно од преубавото село Лазарополе, таму најгоре, како што милуваме да го опишеме и раскажеме, така и Бигорскиот Манастир има посебно место во нашите срца. Уште од деца јас и мојата сестра го посетуваме Бигорскиот Манастир и уживаме во духовниот мир кој го нуди прекрасниот Манастир. По секое заминување од Манастирот чувството на мир и спокој во душата нè исполнуваше целосно.

По неколку години во брак со мојата сопруга Емче и по две неуспешни бремености, еден убав ден решивме да го посетиме Манастирот и да го помолиме Светителот Јован, со силна желба и ние да се израдуваме на пород. Со нас тој ден дојдоа и мојата сестра Елена и мојот зет Дарко, кои исто така, по неколку години од брак и една предвремено завршена бременост, со бебенце кое почина по неколку дена од неговото раѓање и ни донесе дополнителна тага во фамилијата. Заедно со нас беа и кумашините на мојата сестра и зет Наташа и Маријан, кои долги години заеднички живот имаа безуспешни обиди за пород.

Сите заедно ја кажавме нашата мака на Отецот Партениј и тој, полн со разбирање и милост во неговите очи, нè донесе до чудотворната икона на Светиот Претеча и ни рече помолете се вие со сета душа и на секој пар посебно ни прочита молитва пред чудесната Икона. Најпрво на мојата сестра и зет, па на мене со мојата сопруга и потоа молитвата ја примија и кумашините на мојата сестра.

Откако излеговме оттаму, почувствуваме како да се ослободивме од некој товар кој го имавме сите и како сонце да ни ја огреа душата. Месец дена подоцна мојата сестра дозна дека е во блажена состојба и сите се израдувавме на таа вест. Три месеци потоа, и јас и мојата сопруга дознавме дека ќе станеме родители и ги споделивме овие прекрасни вести во нашата фамилија. Но, чудото не престануваше тука: по неколку месеци и кумашините на сестра ми дојдоа со иста прекрасна вест дека ќе постанат родители. Се сетивме дека според редоследот како што Старецот ни ги читаше молитвите, по истиот ред нè радуваа вестите.

Во ноември 2019 година, мојата сестра Елена и мојот зет Дарко на овој свет ја добија преубавата Клара. Три месеци потоа, на 17 февруари 2020 година, со благослов од Господ и по молитвите на Светиот Јован, на свет ја добивме и нашата ќерка Јована, на која се израдувавме премногу со мојата сопруга Емче. Во јули 2020 година, кумашините на сестра ми, Наташа и Маријан, го добија нивниот син Дамјан и сите три дечиња благодарение на Бигорскиот Манастир се живи и здрави.

До крајот на животот ќе му бидеме благодарни на Светецот и на братството во Бигорскиот Манастир. Ова лето и со нашите дечиња дојдовме да му се заблагодариме на Светиот Претеча, а нашата Јована, благодарение на добиениот благослов од Владиката г. Партениј, го доби светото крштение и ја прими прими православната вера. Никогаш нема да престанам да го сакам и посетувам Бигорскиот Манастир и ова што го доживеавме ќе го раскажувам на идните поколенија.

Со почит,

Јовица Марковски

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса bigorskim@gmail.com на 10 ноември 2021 година)


Накрај, ги замолуваме сите кои и самите на себе ја почувствувале чудотворната моќ на иконата и моштите на Свети Јован Крстител, како и на другите Светињи во Бигорскиот Манастир, да ги споделат своите искуства на нашата електронска адреса: bigorskim@gmail.com. Исто така, ги замолуваме и оние коишто порано ни ги соопштиле своите сведоштва за чудодејствијата на Свети Јован, повторно да ни ги испратат на посочената адреса, бидејќи некои од нив се изгубени, а во пожарот од 2009 година изгоре и тетратката во која беа запишувани чудата. Притоа, би сакале да нагласиме дека сведоштвата нема да бидат објавени без согласност на испраќачот, а исто така, доколку некој не сака да стои целосното име и презиме, може да ни испрати само иницијали.

За сведоштво и слава на великиот молитвеник за нас пред Престолот Господов. Неговиот благослов да биде со вас! Ви благодариме!