Во благодатната прегратка на Бигорското светилиште, каде што молитвата и славословието со векови ги соединуваат земното и небесното, и годинава со особена духовна радост беше прославен светлиот спомен на Соборот на светиот архистратиг Михаил и на сите небесни бесплотни сили.
Празничното торжество започна со традиционалното свечено бдение, кога под сводовите на Претечевиот храм одекнуваа умилителните песнопенија во чест на небесните служители Божји. Во молитвената атмосфера, срцата на присутните се издигнуваа кон невидливиот ангелски свет, кој непрестајно го воспева Трисветиот Бог и со љубов го сопридружува човекот на патот кон спасението.
Круна на празничното славење беше денешната Божествена Евхаристија, со која тајноводеше нашиот возљубен Старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. Во молитвеното заедничарење околу светата Трпеза, земната Црква како да се придружуваше кон небесното славословие, според зборовите на херувимската песна, таинствено изобразувајќи ги ангелските чинови пред престолот на Царот на сите.
Особено духовно обележје на денешното торжество му даде вдахновеното пастирско слово на нашиот Старец, кој со својата препознатлива татковска љубов и духовна проникливост ги упати присутните кон возвишената поука на ангелскиот свет. Зашто светите ангели, тие верни служители на Божјата волја и грижливи чувари на човечкиот род, нè потсетуваат дека вистинското величие се состои во смирението, дека слободата ја наоѓа својата полнота во љубовта и дека највозвишеното достоинство е да Му служиме на Бога и на ближните. А повикот на великиот небесен Архистратиг Михаил: „Да стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме!“, останува живо напомнување за духовна будност, верност и непоколебливост во доброто, особено во нашево време на многубројни искушенија и расеаност.
Нека светиот архистратиг Михаил, заедно со сите небесни бесплотни сили, биде наш молитвен застапник, крепител во духовните борби и закрилник на патот кон Царството Божјо. А нашите срца, просветлени од благодатта Христова, нека станат достојни да се придружат кон она непрестајно славословие што ангелите вечно Му го принесуваат на Бога: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, полни се небото и земјата со славата Твоја!“































