Месната заедница од с. Кнежино испрати честитка до отец Партениј по повод неговиот избор за владика


Честитка до нашиот Старец, Архимандрит Партениј, по повод неговиот избор за епископ Антаниски, деновиве упати и Месната заедница од с. Кнежино, којашто ја пренесуваме во целост:



До

БИГОРСКИ МАНАСТИР „СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ“
с. Ростуше 1254 Маврово, Маврови Анови

– За Архимандрит ПАРТЕНИЈ, новоизбран викарен епископ Антаниски на Дебарско-кичевската епархија на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија



Со искрени чувства на радост, ентузијазам, оптимизам и пред сѐ, длабока благодарност, деновиве ја примивме благопријатната вест за Вашиот избор за епископ Антаниски на Дебарско-кичевската епархија на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

Во име на Советот на Месната заедница од с. Кнежино, каде што се наоѓа и манастирот „Св. Великомаченик Георги Победоносец“, како едно од четирите духовни светилишта под Ваше духовно раководство, Ви честитаме за новата црковна служба и истовремено Ви посакуваме добро здравје, трпение, спокојство љубов, но и елан и истрајност, во Вашите понатамошни активности и проекти кои ќе следуваат за добробит на благочестивиот христијански народ од ова подрачје и пошироко.

Истовремено се радуваме на претстојните закажани активности за Ваше востоличување и тоа: наречението за епископ, кое ќе се одржи во Претечевиот храм на Бигорската обител на 11-ти јули, како и хиротонијата, која е предвидена за наредниот ден 12-ти јули во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.

Најпосле, посакуваме продолжување и интензивирање на досегашната успешна соработка со цел заокружување на обновата на манастирскиот комплекс „Св. Великомаченик Георги Победоносец“ во с. Кнежино, Кичево, како наше христијанско светилиште со активен духовен живот уште од V век од нашата ера, кое го заслужува тоа.

На многаја лета, Владико !

Со длабока почит,

Совет на МЗ с. Кнежино,

Претседател Станко Китаноски

Кичево, 30.05.2020 година.