Кичевчани за отец Партениј, владиката на нашите срца!

На многаја лета, владико на срцата наши


Во своето свето Евангелие нашиот Спасител Господ Исус Христос вели дека макар и една човечка душа вреди повеќе отколку целиот свет. Затоа борбата за спасението на душите е борба со космички размери, борба со сето зло од овој свет, борба „против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ – како што вели Апостолот Павле. А човек да се бори за спасението не само за својата, ами за многу други души – е тоа е подвиг еднаков на Голгота, на секојдневно распетие за доброто на мнозина.

Таквиот крст, таквата борба, оваа апостолска саможртва, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, ги понесе на своите рамења уште пред 25 години. Четврт век апостолски подвиг, непрестајна борба, самопрегорна жртва – сето тоа до самозаборав. Со еден збор татковска љубов и саможртва. Колку души спасени, колку млади луѓе од смртта избавени, колку семејства склопени, колку бракови сочувани, колку дечиња на овој свет донесени… Дваесет и пет години светло сведочење на Евангелието и на љубовта Христова.

И ете, дојде ден целата таа саможртва, тоа евангелско татковство, да биде удостоено со свештено-апостолска благодат. По барање на нашиот возљубен надлежен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и со одобрение на сите архиереи од Светиот Синод на МПЦ-ОА, нашиот духовен татко, отец Партениј ќе го понеси и тешкиот крст на архиерејската служба. Дојде време, сите ние, кои духовно нè родил за Христа, ни дал духовен вид, ни отворил очи, нè воспитал и израснал, нè кренал кога сме биле паднати, ни простувал кога сме грешеле, нè вадел од амбисот на нашите гревови и страсти – да му возвратиме со нашата љубов и молитви, за добриот Бог да му дава благодатни сили во носењето на крстот за спасението на сите нас.

Бранители заедно со Отец Партениј во Бигорскиот Манастир

Кога многумина седеа дома покрај своите најмили и молејќисе за мир, тој прв застана да ја брани Бигорската светиња да ги храни со благодат нашите бранители кои знаеа од другата страна што ги чека но покрај својот Духовен татко Отец Партениј се чуствуваа бессмртни бидејќи знаеа дека ја чуваат Господовата светиња.

Отец Партениј слободно може да се опише во зборот ПАТРИОТ бидејќи самиот тој е поим за тој збор со делата што ги има направено за нашата татковина Македонија и нејзините најголеми Светињи: Бигорски, Пречиста, Рајчица, Битуше, Кнежино…

Неговата Љубов спрема нас неговите духовни чеда не може да се опише со зборови бидејќи секоја секунда помината со него е благодет од Бога што се пренесува во нас, моментите поминати со него во разговор за нашата напатена Македонија длабоко се врежани во нас.

Некои се дрзнаа да зборуваат и шират многу невистини и измислици за него но имаме едно да ви кажеме: Неговата неизмерна Љубов спрема нашата Татковина е поголема од сите вас и вашите ментори и кујни за ширење на лажни вести.

На сликата се нашите Бранители заедно со Отец Партениј во Бигорскиот Манастир….

На многаја лета, владико на срцата наши – стои во официјалните фејсбук статуси на г-дин Ѓорѓи Петрески и кичевска коњаница.