Кој е вечниот спомен?

Обраќање на Старецот, епископот Антаниски г. Партениј, на монашки синаксис во Бигорски, на Духовденската задушница, 2022 година.

Браќа мои возљубени, по милоста Божја, стасавме и до оваа Задушница. Помина Велигден, помина Вознесението и еве сме на прагот од Педесетницата. Денеска, пак, Црквата, мајката наша, ги собира пред Бога сите свои упокоени, до последниот заборавен и безимен човек, и ги изнесува со себе пред престолот на Животодавецот. Оти, Он Кој дојде на овој свет, дојде токму поради ова: да си го собере стадото Свое. Човекот што го создаде, а кој се распадна во лажни похоти, Бог дојде повторно да го собере; и Самиот стана човек, еден од нас, за да нè соедини и да нè направи причесници на вечноста. И слушнавме од Евангелието на панихидата што ни вели Спасителот за денешниов ден: А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сè што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден[1]. Слушате ли, чеда? Ништо да не се изгуби. Никој да не биде оставен надвор.

Но за да бидеме меѓу оние што Он ќе ги воскресне и нема да ги изгуби, треба најнапред да знаеме каде ни е битката. А таа, деца мои, не е надвор од нас. Нашиот непријател не е ниту светот, ниту човекот до нас; нашиот непријател сме самите ние, односно страстите на кои им допуштаме простор да дејствуваат во нас. Затоа, пред сè, треба да бидеме будни над себеси: да не дозволуваме да нè завладее некоја страст, та да ѝ станеме робови и таа да нè погуби. Трезвеноста, бдеењето над сопственото срце – тоа е првата работа на монахот, но и на секој христијанин.

А кога ќе ги смириме, со Божја помош, страстите во нас, тогаш ќе можеме да го сториме она заради што и сме создадени: да го издигнеме умот свој над сè што е чувствено и телесно во овој свет, и потоа да го спуштиме во срцето. Таму, во длабината на срцето, се спознава Бог. Не со логиката – таа многупати нè лаже, туку со оној возвишен, духовен разум, со умот на срцето што се соединува со Бога и ја прима светлината Негова.[2] Зашто и апостолите, додека се воделе по сувата логика, се сомневале: сетете се на Лука и Клеопа по патот за Емаус, како вели „се сомневавме“, а сепак, додека Господ им зборуваше, срцето нивно гореше во нив.[3] Ете го тој духовен разум! Таму, во распламтеното срце, да Го бараме Бога. Да се нурнеме во духот, да оставиме сè друго – сите лажни наслади, сите гласови, сите вести, сета шума врева на овој свет – и да Го најдеме Него.

И еве кон што нè води сето тоа: кон она што денес, на Задушница, го прославуваме. Денес пеевме „вечнаја памјат“, „вечен спомен“. Но, ајде да размислиме што значи тоа. Кој или што тука е вечно? Сите гледаме дека на земјата нема вечен спомен. Кој од вас го памти својот пра-прадедо? Едвај некој и прадедото го знае. Еве, се сеќавате, кога бевме во Тел Авив, сретнавме еден Евреин доктор кој го знаеше своето потекло од пред илјада години – родословие илјада години наназад! – оти го прашав зошто името му наликуваше на грчко, па ми раскажа дека неговите некогаш живееле, меѓу другото, и на Крит. И сепак, и илјада години да помни човек, и две илјади и три илјади – накрај тој спомен на земјата сепак завршува. Вечен спомен има само на едно место: во Книгата на животот. Затоа и дојдовме овде, во манастирот – да бидеме запишани во Книгата на животот.[4] Оти што е, во крајна линија, вечниот спомен? Вечниот спомен, мили мои, е Самиот Христос. Само во Него човек може да живее вечно и да биде вечно запомнет. „Вечна памет“ значи да влезеш во Божјото помнење, Он да те впише во Книгата на животот – зашто на земјата друг вечен спомен нема.

Затоа и се молиме за нашите упокоени – за да ги внесе Бог во Своето помнење. И да не помисли некој дека таа молитва е напразна. Уште свети Кирил Ерусалимски, пред шеснаесет века, поучувал дека кога над страшната и пресвета Жртва се спомнуваат заспаните, тоа им донесува „најголема полза на душите“ за кои се принесува молитвата.[5] А свети Јован Златоуст заклучува дека „не напразно апостолите заповедале во страшните Таинства да се прави спомен на умрените“.[6] Уште од апостолски времиња, значи, Црквата на секоја Литургија ги изнесува заедно имињата на живите и на мртвите, на едниот ист дискос, во едната и иста чаша. Зашто, откако Сам Животот беше причислен меѓу мртвите, ние веќе не ги нарекуваме мртви оние кои се упокоиле со вера.[7] А утре, на Вечерната на Педесетницата, кога ќе ги читаме коленопреклоните молитви, Црквата ќе се осмели да се помоли дури и за оние души што се држени во адот.[8] Какво мајчинско слободоречие, што не се плаши ниту од портите адови!

И со што нè храни Христос за тој вечен живот? Со Самиот Себе. Во рајот Бог засади дрво на животот, за да живееме од него[9]; а сега Самиот Он стана новото Дрво на животот, нашата нова храна.[10] Затоа и така почна Евангелието: Јас сум лебот на живототКој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.[11] Светата Причест не е обичен залак – тоа е, како што вели свети Игнатиј богоносец „лек за бесмртие, противотров за да не умреме, туку да живееме вечно во Исуса Христа“.[12] Тоа е храна на вечноста, залог за идниот свет. И затоа оние отци и браќа наши кои со вера се причестувале и заспале – тие не се мртви. Тие се живи во Оној Кого Го примиле.

Знаете ли, чеда, што се помолив вчера на Панихидата, додека кадев пред иконите на иконостасот? Реков: „Господи, ако трае овој свет и по нас, Те молам нека има монаси овде, нека има некој да се моли и за нас, како што ние денес се молиме за нашите претходници. Уште сега прости ни ги гревовите. А ако, сепак, не остане никој да нè спомнува, пак Ти спаси нè, и приброј нè од десната Своја страна.“[13] Ете, тоа е сета наша надеж и сето наше богатство. Друго ништо немаме.

Зашто привремено сме овде, мили мои. Ќе дојде часот, на сите ќе ни дојде, кога ќе треба да излеземе од овој живот. И ако дотогаш не сме Го спознале Господа, ако не сме се труделе да другаруваме со Него, ќе застанеме како странци пред вечноста – тажни, паднати во очај. Затоа, додека е уште ден, да Го бараме Господа со сите свои сили. А како? Кога ќе се издигнеме над целиот свет, кога нема да нè занимаваат световните нешта, кога ќе се претвориме во љубов кон сите, заради Бога Кого Го ставивме над сè. Тогаш ќе се очисти умот, ќе стане просветлен, и преку него ќе се приопштиме со Бога. И ќе станеме светлина, како што е Он светлина.[14] Оти, Истиот Тој Дух Животодавец што утре повторно ќе слезе меѓу нас, сака и нас да нè направи синови на светлината.

И тука, браќа, сакам пак и пак да ви нагласам со љубов дека нашата најважна работа во манастирот се богослуженијата; сè друго е од втор ред. Да трчаме на богослуженијата, да имаме чувство за соборност. Постарите браќа се сеќаваат, како порано знаевме една Литургија и едно „Иже херувими“ сите заедно да го испееме, и луѓето кога доаѓаа беа среќни оти слушаа гласови што пеат како една душа. Тука отсекогаш било така. Дајте да го чуваме и продолжуваме тоа предание. Вежбајте ги песнопенијата, пејте со дикција и со разбирање. „Несть свят якоже Ты, Господи Боже мој“ (Нема свет како што си Ти, Господи Боже моја)[15] – нека пее целата певница! Оти, кога ние овде пееме еднодушно, тогаш на најубав можен начин ги соединуваме небото и земјата: и кога ќе запееме „Со светиите упокој“, во тој миг нашиот хор се слева со хорот на сите упокоени и со хоровите на ангелите. Ете што е соборноста – таа не ги признава ниту ѕидовите, ниту вековите, ниту смртта.

Затоа ве замолувам да бидете ревносни на богослужбите. Кога типикарот ќе ви рече „читај“ – тоа е Божја заповед преку устата на послушанието; веднаш одете и читајте или пејте, со дикција, така што и последниот човек во ќошот на нартексот да ве слушне, а не да си читате како за себе. Доаѓајте навреме, на второ клепало, како што е редот. Чувајте се од лошите и од празните мисли, од сите оние фантазии од кои немаме никаква потреба. Зашто ако се занимаваме со ситни, минорни нешта наместо со Бога, тие ситници на крајот ќе нè погубат. Нека ни биде една и единствена преокупација: како да Му угодиме на Христа, Кој ни дава храна за вечен живот; ништо друго.

И така, браќа мои, на оваа Задушница да се помолиме: Господи, Ти Кој си нашиот вечен спомен; Кој рече дека ништо од она што Ти е дадено нема да погубиш, впиши ги во книгата на животот сите наши заспани отци, браќа и ближни; а нас недостојните, кога ќе ни дојде часот, приброј нè од Својата десна страна, меѓу заспаните во надеж, и удостој нè да станеме светлина во Твојата светлина!

На сите вас, отци и браќа, и на сите наши упокоени во Господа им посакувам вечен спомен и блажена почивка, оти тој вечен спомен, како што рековме, не е ништо друго освен Самиот Христос. Амин.


[1] Јован 6, 39.

[2] Св. Григориј Палама, Тријади во одбрана на свештеноисихастите I, 2. За враќањето на умот во срцето и за разликата меѓу умот (νοῦς) и расудивачката логика (διάνοια) в. и текстовите на свештеноисихастите во Добротољубието.

[3] Лука 24, 32.

[4] сп. Откр. 20, 12 и 15; Лука 10, 20.

[5] Св. Кирил Ерусалимски, Тајноводствена катихеза 5, 9–10 (= Огласителна беседа 23), PG 33, 1116–1117.

[6] Св. Јован Златоуст, Беседа 3 на Посланието до Филипјаните, 4, PG 62, 203.

[7] Св. Јован Дамаскин, Слово за оние кои во вера се упокоиле (Λόγος εἰς τοὺς ἐν πίστει κεκοιμημένους), PG 95, 247–278 (сп. кол. 257).

[8] Коленопреклони молитви на Вечерната на Педесетницата, трета молитва на св. Василиј Велики, во која Црквата се моли и за душите што се држат во адот; в. Пентикостар.

[9] Битие 2, 9.

[10] сп. Откр. 22, 2.

[11] Јован 6, 35 и 54

[12] Св. Игнатиј Антиохиски, Послание до Ефесјаните 20, 2 (PG 5, 661): φάρμακον ἀθανασίας, ἀντίδοτος τοῦ μὴ ἀποθανεῖν – ’лек за бесмртност, противотров за да не умреме‘.

[13] сп. Матеј 25, 33–34.

[14] сп. Матеј 5, 14; 1. Јован. 1, 5.

[15] сп. 1 Цар. 2, 2.