Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на светите 318 отци од Првиот вселенски собор и на светите браќа Кирил и Методиј, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен на Рамноапостолите, на 11/24 мај 2026 лето Спасителово
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Возљубени мои, ете нѐ повторно собрани околу едната Чаша на бесмртниот живот, во ден кога Црквата Божја ни приготвила двојна гозба: споменот на светите богоизбрани учители Кирил и Методиј, сесловенски учители и рамноапостолни просветители, и споменот на светите богоносни Отци од Првиот вселенски собор во Никеја.[1] Колку благодарни треба да Му бидеме на семилостивиот Бог, што и оваа година нѐ удостои да го славиме нивниот спомен – ние, кои сме плод на нивната проповед, нивни деца по слово и по вера!
Неслучајно евангелските четива што денес ги слушнавме говорат за богоизбраноста – и на Никејските отци, и на рамноапостолните Солунски браќа. Оти Господ Исус Христос, пред чашата на Своето страдание, во својата Архиерејска молитва говореше за Своите ученици: Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.[2] Истото го направиле и светите браќа Кирил и Методиј: го откриле името Господово на луѓето коишто Бог им ги доверил.

Светите отци, богоизбрани, просветлени луѓе – како денешните наши славеници – се потврдата дека Евангелието е дадено на сите народи и дека Христовата сила нема да згасне низ вековите. И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот – вели Самиот Он.[3] Апостолството продолжува, до ден-денешен. И токму затоа светите Кирил и Методиј ги нарекуваме со оној свештен епитет – Рамноапостолни. Тие се ѕвезди на духовното небо, кои од Бога ја прифатија истата светлина што горела и во апостолите Петар и Павле, во Андреј и Тома, во Тит и Тимотеј и во сите први апостоли.
Многу народи го примија словото Христово токму преку нив. Затекнувајќи ги словенските народи неписмени, тие создадоа писмо за нив.[4] Сотворија азбука, за да можат народите кои не го разбирале ни грчкиот, ни латинскиот, ни еврејскиот јазик, да го читаат, да го слушаат и да го разбираат светото Евангелие на својот мајчин јазик. Зашто Господ Христос е Слово Божјо. И како што Бог Словото се воплоти заради нас, така и Неговото слово морало да се „воплоти“ во буквите на секој народ, во гласовите на секој јазик, за да допре до секое срце. Светите Браќа им донеле на Словените нов начин на постоење, ново око, нов поглед. Им го разотвориле умот, како што Господ им го отвори умот на учениците по Своето Воскресение, „за да го разбираат Писмото“[5].
Така, овие рамнопостолни Отци наши ги прославуваме и како основоположници на образованието. И затоа, во земјите што го празнуваат нивниот спомен, образовните институции, министерствата за образование и научните институции го празнуваат денешниов ден како Ден на словенската писменост и просвета.
Но, возљубени, кога би ги празнувале светите Кирил и Методиј само како основоположници на писменоста и на школството, тогаш многу би ги онеправдаме. Оти образованието не е само суво знаење, не е само информација, како што денес, за жал, повеќето во светот мислат. Во денешно време, образованието е сведено само на средство, на процес за стекнување информации и вештини. Затоа и нашето општество го нарекуваат информатичко. Се мисли дека ако човекот знае повеќе информации и стекне повеќе способности – тоа е доволно. Но не. Не е ни доволно, не е тоа ни целта. Образованието подразбира нешто свештено, тоа е стекнување на образот Божји.

Најнапред, човекот треба да се стреми да биде просветлен духом, како што биле просветлени светиите. Некој можеби ќе се запраша: Па заради што ги прославуваме како учители, ако не заради писменоста? Ги восфалуваме и величаме, пред сѐ, затоа што тие беа пријатели на Вистината. Затоа што „философијата“ – она име што како епитет го носел свети Константин-Кирил уште од младоста, во античкиот свет, во Константинопол, значело „љубов кон мудроста“. А Мудроста, возљубени, е Личност. Мудроста е Ипостас. Христос – Божја сила и Божја премудрост.[6] Затоа свети Константин Философ е философ во онаа смисла во која уште самиот, на прашањето на царскиот логотет: „Што е философијата?“ – одговорил: „Знаење на божествените и на човечките нешта – колку што може човек да Му се приближи на Бога – кое преку делата го учи човекот да биде по образ и подобие на Оној Кој го создал.“[7]
Но пред сѐ, од Житието на овие големи Христови светии гледаме дека тие биле подготвени на жртва за другите. Биле полни со љубов. Зашто не било воопшто лесно – прво, да се создаде азбука за неписмен народ, и потоа да се влезе во тој народ, туѓ, неохристовен, див – и да се проповеда. Тие не отишле во веќе подготвени училишта, каде што учениците седат во клупи и чекаат лекциите да им бидат изложени. Тргнале со живот, со пот и крв. Требало со својот живот да им покажат на луѓето дека Христос слезе на земјата за да нѐ направи нас божествени, да нѐ направи богови по благодат.[8] Ете, тоа е она што го наследивме од светите Кирил и Методиј: не само буквите и писменоста, туку, пред сѐ, патот на обожението.
Затоа, образованието, доколку не е и Божје просветление, доколку не е пат кон Творецот, тогаш, можеме слободно да кажеме, нѐ прави машини. Како денешната т.н. „вештачка интелигенција“. Несреќно наречена така, зашто тоа и воопшто не е некаква интелигенција. Тоа се информации, бази на податоци, ставени од луѓе во интернет просторот, кои машината по алгоритми ги собира и ни ги враќа како одговор. Но колку таа е бездушна! Има информации, ама сепак е вештачка, бездушна. Сѐ знае, дури и за догмите на православната Црква, за Светата Троица, за Боговоплотувањето – ќе ви даде одговор. Но во тие одговори нема живост, нема дух. Тоа е компјутер. Тоа е знаење без живот, без радост. Слично на тоа станува и човекот сведен на сад за податоци, без оној Оган за кој Господ рекол: Дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.[9]
Тоа не е образованието за кое се труделе светите Браќа. Тие се продолжители на оние великани на Црквата – на свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Јован Златоуст, кои во Ромејската империја биле прогласени за основоположници на образованието и затоа Црквата ги слави како Тројца Светители и вселенски учители.[10] Оти кај нив знаењето беше неразделно од светоста. Знаењето беше мудрост. А мудроста беше љубов.
Уште и Платон, древниот философ, зборува за образованието како за дар кој нѐ води кон божественото – „најубавиот од сите дарови што му се дадени на човекот.“[11] А блажениот апостол Јаков сосема јасно ни вели:Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлините.[12] Образованието е Божји дар. Се стекнува со подвиг, со труд, со молитва и жртва.

Денес, за жал, немаме вистинско образование во светот, и можеби, ниту во нашите средини; резултатот од тоа го гледаме во однесувањето на оние кои се образуваат. Да, денес многу се учи, имаме многу учени. Се завршуваат факултети, магистериуми, докторати. А и покрај тоа, луѓето духовно пропаѓаат. Дури и малите деца кои ги испраќаме во училиште, носат назад ужасни приказни за насилство, булинг и за нечовечност. Оти не се просветлуваат од Бога. Не се учат на пожртвуваност, на љубов, на човечност. Туку само се обликуваат како кутии за информации, како роботи.
Современиот начин на образование започна, можеби, од Француската револуција наваму, кога од образованиот систем било исфрлено црковното предание и просветлението. Имено, дотогаш скоро сите сериозни научни институции биле водени од духовни христијански центри.[13] Не затоа што секој кој носи мантија и омофор е светец – тоа е илузија! – туку затоа што во Црквата, во христијанската заедница низ историјата, го имало преданието, го имало просветлението, кое е дух и живот, и мудрост и вистинско образование. Кога од образованието се исфрли божествената наука, се добија сите оние феномени за кои денес е тажно и да се зборува.
Затоа, мили мои, да ги молиме овие големи сесловенски просветители Кирил и Методиј да нѐ обдарат со дарот на автентичното образование. Тие го изобразиле ликот Христов во безброј души досега, и ги дале своите животи за просветлението на народи кои, според световната логика, би биле туѓи за нив. Свети Кирил-Константин, тој благороден солуњанец и константинополец, се упокоил далеку од дома – во далечниот Рим. А свети Методиј се упокоил, исто така, во туѓина, во столицата на Велика Моравија, трудејќи се до крај со многу жртва и љубов. Неговото погребение, велат, било отслужено на три јазика: словенски, грчки и латински.[14] Според световна логика, значи, и тој завршил среде туѓ народ. Но не е така и според Божјата. Зашто за светиите нема туѓо: сите крстени народи се едно во Христа, сите се новиот Израил, и за секој еден човек вреди да се умре, како би му се покажал патот на спасението.
Како вистински духовни татковци, тие имале трпение да поднесат и обиди за задушување на словенското слово, особено од страна на припадниците на тријазичната ерес, која во Венеција, во 867 година, ги обвинила светите Браќа дека е недозволено Светото Писмо и богослужбата да се пишуваат и служат на јазик различен од трите јазици на крстниот натпис: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.[15] Свети Кирил тогаш им одговорил со зборови како меч: „Зар не паѓа дожд од Бога еднакво на сите? Не сјае ли Сонцето подеднакво над сите? Зар сите не дишеме еден ист воздух? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а сите други ги осудувате да бидат слепи и глуви?“[16] Тоа е глас на апостол. Тоа е глас на Духот Свети, Кој на Педесетница на сите јазици ги проповедал величијата Божји.[17]
Во светите Кирил и Методиј луѓето не гледале само учители и философи, гледале нешто многу повеќе. Уподобувајќи се на Христа, тие биле и чудотворци. Знаеме од нивното Житие за чудото со наоѓањето на моштите на свети Климент, папа римски – оној апостолски ученик, римски епископ, кој заради проповедта Христова бил врзан за тешка котва и фрлен во длабочините на морето кај Херсон, та никогаш веќе да не може да биде најден.[18] Но според преданието, секоја година, на годишнината од неговото мачеништво, морето отстапувало по чудо Божјо, и верниците можеле да отидат на местото каде што почивале неговите мошти. Но со текот на времето тоа повеќе не се случувало, и местото било заборавено. Кога светите Браќа биле пратени на Хазарската мисија, минувајќи низ Херсон, направиле сесрдна молитва кон Господа и кон самиот свети Климент. И, ете чудо: по молитвите на Светителите, водата повторно се повлекла на едно место од Херсонеската лагуна и ги отскрила чесните мошти на Свештеномаченикот, а со нив и самата котва.[19] Светите рамноапостоли ги извадиле моштите со големи почести, и подоцна, кога заминале за Рим, ги однеле таму со себе.

Затоа Рим ги примил светите Браќа со огромна чест. Затоа и свети Кирил бил погребан во базиликата на свети Климент, каде што сѐ уште е извор на благодат. Видете како нашите Просветители биле силни во верата и вршеле чуда – и токму затоа нивното дело било успешно. Луѓето во нив гледале обожени личности. Гледале пријатели Божји. И кога ќе ги погледнел некој овие свети мажи – дури и најнемирниот, и оној со најмрачни помисли и со нескротлив дух – со самиот поглед се смирувал, се преобразувал. Зашто во лицата на светите горела Светлина; и таа Светлина ги просветлувала и најдивите души.
Возљубени мои, од нив треба да се поучиме. Од нив, и од сите свети учители на Црквата, како да станеме дејствителни христијани, како да станеме вистински образовани луѓе. Нашите баби и дедовци низ вековите, сите беа образовани, и тоа без дипломи, без магистерски, без дисертации. Тие не пишувале научни трудови. Но знаеле дома да нѐ поучат и да нѐ образуваат какви луѓе да бидеме – да бидеме најнапред човечни луѓе. И успеале во тоа. Кај нив имало морал, имало љубов, имало разбирање, имало пожртвуваност едни за други.
Од кого учеле тие? – ќе праша некој.
Од своите свети и побожни предци, од свештениците, од монасите, од просветлените луѓе на Духот Божји. А некои од нив биле и неписмени. Го слушале Светото Писмо од устата на свештеникот, го читале од фреските на црквите – затоа православните храмови се исполнети со икони и фрески, зашто во тоа време не можело лесно да се има книги. Свештениците проповедале, учителите учеле, луѓето доаѓале секоја недела во храмот, и така се образувале. Затоа имаме толку многу цркви во сите наши села и градови – секоја една е училиште на вечноста.
Следствено, мили мои, да станеме вистински образовани христијани. Секој нов ден нѐ повикува токму на тоа. Христос секојдневно нѐ повикува да се огледаме на Божјите светии. Секој ден има свој светител, а овој ден ги има нашите големи првосветители и учители Кирил и Методиј.
По нивните молитви, и по молитвите на светите триста и осумнаесет богоносни Отци од Никеја, Господ нека ни дарува да се образуваме во Евангелието, да го живееме Евангелието и да станеме светилници на Светлината, Која е Самиот Он. Амин.
[1] Седмата недела по Света Пасха е посветена на светите 318 богоносни Отци од Првиот вселенски собор во Никеја (325 г.), коишто го осудиле аријанството и ја потврдиле единосуштноста (ὁμοούσιος) на Бог Синот со Бог Отецот. Оваа година (24 мај 2026 г.) тој ден коинцидира со празникот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, та Црквата прославува двојна духовна гозба.
[2] Јован 17, 6.
[3] Матеј 28, 20.
[4] Глаголицата ја создал свети Константин-Кирил Философ во 862/863 година, непосредно пред заминувањето во Великоморавската мисија. Кириличното писмо го развиле неговите ученици подоцна, особено во Преславската книжевна школа.
[5] Лука 24, 45.
[6] 1. Кор. 1, 24.
[7] Vita Constantini, гл. IV: на прашањето на царскиот логотет Теоктист, младиот Константин Философ одговорил со оваа вдахновена реченица, што се потпира на светоотчекото учење. В. Гривец, Ф. – Томшич, Ф., Constantinus et Methodius Thessalonicenses: Fontes, Загреб 1960, 99.
[8] Свети Атанасиј Велики, За воплотувањето на Словото, 54: Αὐτὸς γὰρ ἐνηνθρώπησεν, ἵνα ἡμεῖς θεοποιηθῶμεν (PG 25, 192B).
[9] Лука 12, 49.
[10] Соборниот празник на Тројцата Светители (30 јануари / 12 февруари) бил востановен околу 1084 г. во времето на императорот Алексиј I Комнин, по небесно видение на свети Јован Мавропод, митрополит Евхаитски, токму за прекинување на споровите околу нивната споредбена слава. Оттогаш Тројцата се чествуваат како „вселенски учители“ и покровители на православното образование. Види: PG 120, 1131–1149.
[11] Платон, Закони I, 643a–644b; сп. VII, 803c–804b. За воспитанието како „божествен дар“ в. и Закони I, 631b–c.
[12] Јак. 1, 17.
[13] Радикалната секуларизација на образованието во Франција формално започнала со законите на Жил Фери од 1881–1882 г., но коренот лежи во духот на Револуцијата од 1789 г., која ги затворила или ги секуларизирала старите црковни школи и универзитети.
[14] Vita Methodii, гл. XVII. Тројазичното погребение е сведоштво за широчината на словенската мисија – таа не отфрлала ниту еден од старите јазици на Преданието, само го одбивала неговото ексклузивно претендирање. Свети Методиј за свој наследник го поставил својот ученик свети Горазд, Моравец по род.
[15] Тријазичната (Пилатова) ерес тврдела дека Светото Писмо и богослужбата можат да се пишуваат и служат само на еврејски, грчки и латински – наводно затоа што на тие три јазика бил напишан натписот на Крстот од страна на Пилат (Лука 23, 38; Јован 19, 20). Венецијанскиот диспут се случил во 867 г., при патувањето на светите Браќа кон Рим со моштите на свети Климент.
[16] Vita Constantini, гл. XVI. Парафраза според критичкото издание на Гривец–Томшич (op. cit.).
[17] сп. Дела. 2, 4-11.
[18] Свети Климент Римски е трет наследник на свети апостол Петар на римската катедра (околу 88-99 г.). Според житието, бил прогонет од императорот Трајан во каменоломите на Херсонес Таврски (денешен Крим), каде што многу души ги обратил кон Христа; за тоа бил врзан за котва и фрлен во морето. Запазено е неговото автентично Прво послание до Коринтјаните (околу 96 г.). Види Acta Sanctorum, ноември, том II.
[19] Пронаоѓањето на моштите се случило на 30 јануари 861 г., при враќањето на свети Константин од Хазарската мисија. Опширниот извештај е сочуван во т.н. „Италијанска легенда“ (Legenda Italica) на епископот Гаудерих од Велетри, како и во Vita Constantini, гл. VIII. Дел од моштите потоа бил пренесен во Рим (околу 868 г.), друг дел останал во Херсон, а оттаму подоцна, според рускиот Лаврентиев летопис, во Десјатинската црква во Киев, по покрстувањето на свети кнез Владимир.











