Во серадосна атмосфера во Бигорскиот скит над Битуше, денеска со особена духовна радост и торжественост беше прославен сечесниот годишен спомен на светите рамноапостолни и сесловенски просветители, Божествените браќа Кирил и Методиј.
Празничното утро започна со Утрена богослужба, исполнета со свештени химни, молитвено умиление и радосна благодарност кон Бога, Кој преку Своите избраници го просветлува светот со светлината на Евангелието. Храмот посветен на светите Браќа, под благословените падини на Крчин, повторно стана место на соборна молитва, духовна радост и живо сведоштво за делото на оние кои го даруваа словенскиот род и многу други народи со словото на верата.
Со Божествената Евхаристија тајноводеше нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, принесувајќи ја бескрвната Жртва во чест на светите Кирил и Методиј, чиешто дело останува непресушен источник на духовна светлина. Под нивното молитвено застапништво, собрани околу светата Трпеза, повторно се најдовме во свештеното единство на словото, верата и живото Божјо присуство.
Множество верници пристигнаа во скитот, за да земат молитвено учество во ова торжество на откровението, просветата и словесната благодат. Лицата на присутните беа озарени со празнична радост, а дворот на светилиштето беше исполнет со благословена живост, со радосни среќавања, со благодарност и со онаа тивка утеха што Господ им ја дарува на оние кои со љубов Го бараат. Навистина, сè наоколу сведочеше дека споменот на светите Кирил и Методиј, не живее само во историската памет, туку и денес дејствува како благодатен повик кон духовно просветлување и обновување во Христа.
По завршетокот на светата Литургија, во пространиот манастирски двор следуваше и културно-уметничка програма, која му даде особена свеченост и дополнителна радост на празничното чествување. Во неа настапија легендарните „Мајовци“ од реканскиот крај, како и Фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“ од с. Сопиште, кои со својата изведба ја збогатија празничната атмосфера со духот на нашето народно творештво, песна, игра и традиција. Така, духовното торжество се продолжи и во културната радост, покажувајќи дека делото на Светите Браќа ги обединува молитвата, просветата, јазикот, народната меморија и живото предание.

Особена убавина и симболичен украс на овогодишното празнување му придодаде и новата чешма во дворот, пред самиот храм, која деновиве беше пуштена во употреба. Старецот ја осмисли не само како украс или корисен извор на вода, туку како своевидна чешма-споменик посветена на преславните Рамноапостоли. Изработена во мермер и камен, со изрезбани ликови на светите Кирил и Методиј, таа претставува прекрасно сведоштво за врската меѓу водата, словото и духовното просветлување.
Од чешмата се излева вода низ дулци со змиски глави, што носат длабока евангелска порака. Господ Христос рече: „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“. Токму таа мудрост, соединета со незлобивост, духовна проникливост и светла разумност, го одликуваше делото на светите Кирил и Методиј. Тие не го ширеа словото со сила, туку со благодат, со љубов, со разум, со подвиг и со жртва; не како човечка идеологија, туку како живо благовестие на Христовата вистина.

Коритото на чешмата е изведено во форма на отворена книга, врз чии страници се вдлабени буквите од двете словенски азбуки – глаголицата и кирилицата. Водата што тече низ неа е постојана изворска горска вода, спроведена директно од подножјето на Крчин. Така, ова прекрасно дело соединува вода и слово, камен и смисла, предание и надеж. Како што Господ рече дека од оној што верува во Него ќе потечат реки од жива вода, така и овие наши духовни отци, преку водата на Божествената наука, ги напојуваат народите до ден-денес, гаснејќи ја жедта на човечките срца со вистината на Евангелието.
Пред таа камена книга од која тече жива вода, човек лесно може да го почувствува благословот на светите Просветители, кои и по толку векови продолжуваат да го водат нашиот род кон Христовата светлина. Нивното дело не престанало со создавањето на азбуката, ниту со преводот на свештените книги; тоа продолжува во секоја молитва, во секое богослужение, во секое слово изговорено за Бога, во секое срце што преку верата се просветлува и оживува. Нека молитвите на светите рамноапостолни Кирил и Методиј го чуваат овој скит, нашата Бигорска обител и сиот наш народ, та укрепувани од нивниот пример, и ние да станеме верни приматели и смирени преносители на словото Божјо.
Амин!































