Навечерие на Божик

Бигорската Обител, собрана околу својот старец и игумен, Епископот г. Партениј, го започна радосното празнување на големиот спасоносен настан, светото и сечесно Рождество на Спасителот наш, Господ Исус Христос. Навечерието на Празникот, литургиски е украсено со прекрасното последование на Царските часови, како и со празничната Вечерна богослужба, споена со Литургијата на Свети Василиј Велики.

Основниот теолошки мотив на денешните раскошни богослужби е споменот на Рождеството Христово како собитие коешто се случило еднаш, но сепак не само како спомен на некој настан во далечната историја. Преку боговдахновените песнопенија и четива од Светото Писмо, Црквата нѐ повикува да учествуваме во настанат на Рождеството како тоа да станува денес, пред нашите очи. Затоа во химнологијата на Празникот толку многу пати се споменува зборот „денес“, не како за повторувачки настан, туку како за таинствено учество, преку благодатта на Светиот  Дух, во спасителното значење на овој единствен настан.

 Во самогласните тропари на Празникот се дава нагласок на крајното снисходење на Бога Словото, Кое заради нас прими човечко тело од Пречистата Дева Марија и ја соедини Божјата со човечката природа.

Денес се раѓа од Дева Оној Кој во рака го држи сето создание; во пелени како овоземен се повива Оној Кој е недопирлив по природа, а во јасли легнува Оној Кој во почетокот со збор ги утврди Небесата; од дојки се храни со млеко Оној Кој во пустината на луѓето им пушти манна; Мудреците ги повикува Младоженецот на Црквата; нивните дарови ги прима Синот на Дева. Се поклонуваме на Твоето Раѓање, Христе! Се поклонуваме на Твоето Раѓање, Христе! Се поклонуваме на Твоето Раѓање, Христе, покажи ни ги и Твоите Божествени Богојавленија!

Самогласна стихира на Деветти час

Созерцанието за овој голем спасителен настан на крајното Божјо снисходење кон нас, нѐ води да Му принесуваме совесна служба на Бога, како благодарност за Неговата бескрајна љубов и милост, како еден наш скромен одговор за Неговото смирение.

Најпосле, задлабочувањето во овие чудесни богослужби ни дава можност за наше лично во Христа преобразување, како што тоа многу убаво го изразува самогласниот тропар од шестиот час:

Пријдете верни, божествено да се издигнеме, и одозгора да го видме јасно Божественото слегување при нас во Витлеем и, откако умот ќе си го очистиме, со нашиот живот да понудиме добродетели, наместо мириси, подготвувајќи го навреме и верно овој празник на Рождество (Христово), кој ни ги отвора духовните ризници, викајќи: Слава на Бога во висините, Кој е во Света Троица, Кој добороволно се јави меѓу луѓето, како Човекољубец, за да ги избави првородените од клетвата.

Самогласен тропар на Шести час