Света и Велика Сабота

Света и Велика Сабота. Потполна тишина. Молк.

Синот Божји Кој заради нас стана Син Човечки претрпе страшно бесчестење од Своето создание. Злобата, гневот, зависта – отровот на гревот од кого беше затруено целото човештво се истури на Него на Крстот, а Он Безгрешниот, Кроткиот и Незлобливиот сето тоа го прифати доброволно, на Крстот ги расшири пречистите Свои раце и го прегрна целото човештво. Секој дел од Своето тело го предаде на рани, за потполно да се соедини со нас. Самиот Безгрешен, го собра сиот грев и сета вина од човештвото, па ги прикова на Крстот преку Своето тело, а во замена ни ја подари својата љубов, прошка, милост, ни се даде Себеси како полнота и изобилие на сè што човек би можел да посака.

Денес, кога телесно згасна на Крстот и Неговото тело се полага во ладен и мрачен гроб од Јосиф и Никодим, секоја твар молчи и стои со страв и трепет. Царот на славата со душата слегува дури до најдолните места на адот, за оттаму да го изведе првосоздадениот човек Адам и да ѝ направи пат на секоја душа. О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Навистина никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за другите!

Слегување во Адот

Иако како сесилен Бог можеше со Својата заповед да ги извлече душите од адот, да го очисти човештвото од вината и гревот, духовно да го пресоздаде и обнови, сепак Самиот одбра, почитувајќи ја потполно нашата слобода и љубов, да дојде Лично Самиот, откако ќе го покрие Своето Божество и ќе се испразни од Својата слава, да поживее со луѓето, па накрај и да претрпи сè само за да ја освои слободата и љубовта на нашето срце, Самиот покажувајќи ни се како слобода и љубов.

И одеднаш блеснува белината на новото утро, сјајот на единствената Божествена Литургија во присуство на запечатениот Гроб, во тајноводство на старецот и владика, Епископ г. Партениј. Одеждите се бели, празнични. Храмот – сиот закитен со разнобојни цветови. Од градите на Старецот одекнува радосниот мелодичен напев на големиот прокимен: „Воскресни Боже, суди ѝ на земјата, зашто ти ќе ги наследиш сите народи“. Литургијата завршува со чувство на светлина во душата на присутните и со радосна надеж за Христовото Воскресение.

Потем, во Великиот синодикон се собира монашкото семејство, за од рацете на својот најсакан старец и владика Партениј да прими благослов и восочна ламбада проследена со неговите радосни пожелби за добра Пасха.

Ден на покој. Синот Божји одмори од Своите дела. Откако исполни сè и сè се исполни врз Него, отпочина од Своите дела, во оваа Света и Велика Сабота. Сега, со Воскресението што настапува, одново пресоздава сè и се воспоставува Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, за навек!