Лечење

Работа на Бигорското братство со зависници и други социјално-проблематични личности

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани (Мат. 5,7).

Идејата за милосрдната дејност на згрижување и лекување на зависници во Бигорскиот манастир, се роди сосема спонтано, по Божја промисла, откако сè поголем број зависници започнаа да доаѓаат во манастирот, барајќи помош и решение и лек за својата тешка болест. Трогнат од жалосната и безизлезна состојба на овие млади луѓе, игуменот на манастирот, отец Партениј го прифати нивното доаѓање како знак на Божјата волја и послушание од Него, со сета своја љубов го отвори своето сочуствително срце и со татковска грижа се предаде на подвигот за нивното спасение и духовно воскреснување, зашто ја имаше пред очи евангелската порака: „А доброчинството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се блгоугодни на Бога“ (Евр. 13,16), или „Оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови“ (Јак. 5,20).

Така, еве веќе дваесет години, манастирот ги отвара ширум своите врати за овие несреќни млади луѓе, а славниот Претеча им ја подава својата рака, нудејќи им можност на сите жртви на оваа страшна духовна болест да се ослободат од оковите на порокот и гревот, што ги довел до таа бедна состојба. И не само тоа. На овие отпадници од општеството, повторно им се дава шанса да си го вратат своето човечко достоинство и местото во домот и општеството, што го изгубиле со својот порочен и безделнички и бесплоден живот.

Оние што поседуваат цврста и непоколеблива волја да го остават зад себе таквиот мрачен живот и одново се родат во љубовта и радоста Христова, можат да го започнат своето лекување и духовна препород во манастирот, откако претходно ќе стапат во контакт со игуменот на Бигорската обител, архимандрит Партениј и ја посведочат својата искрена желба и решеност да останат толку време, колку што е потребно (од 6-12 месеци, во зависност од тоа како ќе процени духовникот) и да се оттргнат од сето она што ги побудува кон поранешните гревовни навики и страсти. За нивно сопствено добро, како и заради доброто на останатите зависници што тука се лекуваат, во манастирот е забрането внесување на цигари или наркотици, освен по претходен договор со отците од манастирот, за одредени медикаменти што ќе бидат потребни во детоксикацијата. Веднаш штом ќе пристигне, зависникот го добива своето место во заедницата, ги дели со браќата и гостите сите услови што ги нуди манастирскиот живот – сместување, храна, комуникација со веќе поискусните рековалесценти, заради побрзо и полесно прилагодување на манастирскиот амбиент и секојдневие, љубов, родителска грижа и духовни поуки од игуменот и браќата, а подоцна и можноста да заедничари во причестувањето со светите Христови Тајни. Но затоа, пак, тој се обврзува задолжително да го почитува востановениот ред – послушност кон игуменот на манастирот и останатите браќа, редовно присуство на богослужбите и заедничките трпези и секако, исполнување на секојдневните послушанија што ќе им бидат доделени (работа во кујна, во манастирската градина и овоштарник, градежни активности, одржување на дворот и манастирската околина и сл.). Сето тоа му помага на зависникот во надминувањето на почетните физички и психички кризи, а подолгорочно, за зацврстување на неговиот карактер и духовно растење.

Лекувањето се одвива во две фази: првата фаза се состои од детоксикација, трае само неколку дена и, доколку е неопходно, во тоа време се даваат одредени количини медикаменти за полесно надминување на физичката криза; наредната фаза е подолготрајна и во неа се случуваат суштинските чекори за духовна обнова на личноста. Сите методи на лекување во оваа фаза се од духовна природа. Таа содржи: разговори со духовна содржина и советувања со отците на манастирот, а особено со игуменот – архимандрит Партениј, запознавање со евангелските вистини, бидејќи се тоа млади луѓе кои што често немаат основни познавања за верата, читање на духовна литература, а потоа откако суштински ќе се спознаат себеси и ќе ја сфатат погибелноста на гревот и страстите, очистување на душата преку светите тајни покајание, исповед и причест, и ослободување од  ропството на зависноста.