“Кога демоните ќе завладеат со душата,..“

1. Отец Партениј , што според вас претставува наркоманијата?

Наркоманијата не е едноставно само соматска болест. Таа е воедно болест и на душата и на духот. Во духовна димензија, односно дефинирана од аспект на духовната состојба на човекот, наркоманијата пред сè е она особено тешко страдање на душата кое го именуваме како страст. Со други зборови речено, тоа е уште едно од многуте искушенија во човечкиот род, порок што расте врз темелите на бездуховноста, или попрецизно, врз желба да се најде мир без духовен напор. Но тоа е и проблем кој повлекува зависност, која е и психичка и физичка, при што се доаѓа до целосно заробување на личноста. Слободно би рекол дека наркоманијата не е толку физиолошко и психичко ропство, колку што е сатанско -доведува до демонизираност на личноста.

Она што не смее да се занемари е фактот дека наркоманијата станува начин на живот, бидејќи ако не е така, не ќе сме во можност да пружиме помош, нема да можеме правилно да пристапиме кон лекување на болниот, а со самото тоа нема ни да постигнеме резултати.

2. Кои се причините поради кои некое лице употребува дроги?

Со раѓањето на хуманизмот како филозофско гледиште, кое го постави човекот во средиштето на просторот, човекот беше издигнат до идеализирана величина. Развивањето на оваа филозофија и нејзиниот замав на запад, доведе до истиснување на Бога и длабоко втемелување на атеизмот во христијанските општества. Се отиде до таму што науката и филозофијата одеднаш го сведоа човекот на една машина, со што идејата за личната слобода беше лишена од својата смисла.

Гледајќи ретроспективно, човекот се развенча со откровението Божјо и обидувајќи се да се претвори во нешто индивидуално и независно, го следеше патот трасиран од неговиот горд хуманизам, при што дојде до сознанието дека не е ништо повеќе од случаен збир на молекули – вистинска спротивност на она што хуманистички го замислуваше.

Ако е тоа вистина, тогаш филозофите, како на пример французинот Сартр, имаат право кога велат дека животот е апсурд, бидејки кога го нема Апсолутот, ако го нема универзалното, тогаш ништо нема вистинска смисла. Многу православни теолози ваквото општество, именувано денес како постхристијанско, кое се изгради на темелите на хуманизмот и се претвори во паганско и атеистичко, го нарекуваат – филозофија на очајот.

Враќајќи се на прашањето за причините за оваа духовна и демонска епидемија, ќе подвлечам дека тие лежат токму во светогледот на младите луѓе. Тие, барајќи излез од бесмисленоста што им ја нуди современиот светоглед, т.е атеистичкиот, за кој денес сме сведоци дека се бори против сите морални христијански вредности, посегнуваат по наркотиците. На таков начин тие бегаат од суровата реалност преминувајќи во еден фантазерски, имагинарен свет и со тоа стануваат синови на таткото на лагата и фантазијата – ѓаволот.

3. Ако направите градација, редослед, според тежината на различните страсти, каде би ја сместиле наркоманијата?

Според учењето на Православната Црква, најтешката состојба во која би можел да се доведе човекот поради неговото богоотстапништво е демоноопседнатоста. Во тој поглед, наркоманијата ги надминува и станува мајка на сите страсти и поради тоа би ја споредил токму со демоноопседнатоста. Секако дека поимот наркоманија е релативно нов и како таков го нема кај светите отци, но тој нераскинливо и генетски е поврзан со поимот пијанство (страста кон пиење вино). А размислувања и идеи во однос на таа страст можеме да најдеме во многу книги и проповеди на светите отци. Во тој контекст би истакнал еден пример од светите отци, поточно расудувањето на преподобниот Нил Синајски кој за состојбата на пијанство говори вака:

“Кога демоните ќе завладеат со душата, со неа се однесуваат толку гнасно и уништувачки, што во неа предизвикуваат наплив за нејзино посрамување и погубување. Соблекувајќи ја од неа сета облека на добродетелта и облекувајќи ја во парталите на порочните страсти… и полнејќи ја со секаква нечистота, што им е подобна, ја наведуваат на самофалење ѝ нанесуваат крајно исмејување. Демоните не знаат за наситка од тоа гнасно и валкано однесување со човечката душа. Затоа и оној што е роб на алкохолот, колку повеќе пие, толку повеќе се разгорува за пиењето. А злите духови настојчиво, силно и свирепо ја напаѓаат душата, со цел уште подлабоко да ја повредат. Тие ја рануваат и победуваат од сите страни и на тој начин во неа го влеваат својот отров. И не се одделуваат од неа сè додека не ја доведат до истата состојба во која се наоѓаат и тие, или додека не видат дека таа веќе се одделила од телото.”

Со ваквата состојба, што ја опишува овој голем светител, може да се спореди секој човек кој употребува наркотици. Овој пример е всушност светоотечка потврда на претходно посоченото мислење и на ставот на повеќето денешни теолози кои се занимаваат со оваа проблематика.

4. Кој е ставот на Православната Црква во однос на зависниците од дрогата?

Најголемиот проблем на човекот дојде преку гревот на непослушанието, а со тоа настапи и смртта. Но воплотениот Син Божји, земајќи ја на Себе човечката смртна природа, ја исцели и ѝ подари бесмртност. Така во Христа, човекот е должен не само да прави добри дела и да биде пожртвуван за своите ближни, туку и да се обожи. Со тоа Христос е целта и смислата на секој човек. Црквата Негова пак, е духовно лечилиште за сите оние кои се облекле во Христа преку крштението и со тоа во себе го носат залогот за бесмртност и вечност.

Христос дојде на земјата да го спаси токму грешниот човек. Во една прекрасна православна молитва се вели: “Тој не ја сака смртта на грешникот туку да се спаси и да биде жив.”

Значи, Црквата преку нејзините, устроени од Бога, свети тајни е насочена кон целосно исцеление на секој човек кој ќе го прифати таквиот светотаински и богоугоден живот. Секој грев е причина за смрт, а наркоманијата е грев кој ги надминува сите други и поттикнувајќи ги сите други гревови во човекот, забрзано и неосетно го втурнува кон вечната смрт.

Црквата мора да ги отвори ширум своите врати и да се бори со оваа страшна гревовна епидемија, бидејки таа, како Богочовечки организам, е најголема учителка во борбата против страстите и гревот.

5. Од кои причини човекот станува роб на страстите и кој е мотивот за ослободување од нив?

Оддалечувањето на човекот од Бога доведува до негова духовна сиромаштија, одвраќање од неговата цел за уподобување на Бога и негово претворање во роб на сопствените страсти. Овде како поука би ја поместил параболата на Спасителот за блудниот син. Опишувајќи ја состојбата на човекот – синот, додека бил во заедница со својот татко, Господ ни го претставува него како човек кој живее во изобилие и богатство. Тоа се однесува на имотот подарен од неговиот татко. Светоотечки, имотот ги претставуваат сите оние духовни богатства кои човекот ги поседува како дар Божји, и тоа: верата, надежта, љубовта, просветленоста и мудроста. Но човекот – синот во параболата, поттикнат од себељубие, смета дека веќе не му е потребно општењето со неговиот татко, го бара наследството што веќе го имал и заминува во далечна и туѓа земја. Таму тој расипнички го троши имотот од својот татко и накрај, лишен од своето богатство, принуден е да стане наемник кај господарот на таа земја. Овде Спасителот јасно ни открива што се случува со човекот кој се оддалечува од Бога. Тој, живеејќи во земјата на гревот, потполно духовно ослабува и осиромашува и таму, во областа на гревот, единственото нешто што му преостанува е да се оддаде и да му служи на поттикнувачот на гревовите и нивниот господар – ѓаволот. И на крајот, оддалечен од својот татко, тој од богат човек станува наемник кој пасе свињи, а тоа симболично се страстите во кои тој бедно се валка.

Но има надеж – враќање при небесниот Отец, Кој со раширени раце го дочекува грешникот и во Својот дом, Црквата, приготвува изобилна трпеза за својот син.

6. Што всушност претставува духовниот раководител и духовното раководство?

Духовникот зазема важна улога во црковниот живот уште од апостолско време. Тоа е човек кој по благодатта Божја, остварена во љубовта Христова, пожртвувано се самозаборава себеси и севкупно го предава своето духовно искуство на своите чеда, кои духовно ги раѓа, за што ни зборува и апостолот Павле: ” Чеда мои, кои пак со макаве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос…” (Галат. 4, 19)

Добриот пастир е подготвен да го жртвува и своето спасение за спасението на ближниот. Во неговиот подвиг за раѓање на душите и пламениот стремеж да се роди по Бога нов живот во човекот, слабее или целосно исчезнува интересот за себе и за своите потреби. Тој го дава својот живот за да се роди нов живот. Пролевајки крв од срцето, тој ја сведочи Христовата крв.

Во тоа сведоштво за жртвата Христова лежи суштината на необичната моќ, која духовникот ја има над душата на ученикот и необичната чудодејствителна сила, со која духовникот ја воскреснува во вечен живот душата која му е поверена. Тој со невидлива сила ја разрешува од врските на гревот и ја изведува на слобода, пред лицето на живиот Бог.

7. Која е Вашата улога како духовен раководител во лекувањето?

Љубовта, грижата и молитвите на духовникот се насушна потреба за животот на секој православен христијанин. Конкретно, во случаите на зависност од дроги, поточно при работата со апстинентите, љубовта и пожртвуваноста на духовникот се повеќе од потребни. Духовникот прави сè за да ја пронајде “загубената драхма”. Да, да ја најде дезориентираната и загубена личност, да ја врати и да ја упати на вистинскиот пат. Во тој поглед и јас, последниот од сите духовници, се трудам според дарот даден од Бога, да им го доближам Христос на сите оние што искрено ќе ми го отворат своето срце.

8. Кој е вашиот метод, пристап, во процесот на лекување на наркоманијата?

Сите методи за лекување се од духовна природа. Тука спаѓаат индивидуални или заеднички разговори на духовникот со зависниците, задолжително присуство на богослужбите, секојдневното слушање на Евангелието и поуките за време на трпезите, или кажано со еден збор целото устројство, богослужбениот ред, трпезите, послушанијата, сè служи како духовен метод за насочување кон еден вистински христијански живот. Токму затоа Бигорскиот манастир е посетуван од многу луѓе од разни профили на општеството. Тие тука се запознаваат со вистинскиот светотаински христијански живот, така што се создава една света христијанска заедница, во рамките на која луѓето и надвор од манастирот црквуваат, взаемно и пожртвувано си помагаат, одејќи по патот на спасението.

Овде најважно е да се истакне дека вистинското светотаинско живеење во црквата е оној духовен лек кој е најпотребен, насушен за сите луѓе, без разлика дали паднале во искушение со дрога или не.

9. Што претставува послушанието и колку е тоа значајно во процесот на лекувањето?

Светите отци послушанието го ставиле над постот и молитвата, затоа што тоа ја одржува заедницата со Бога. Во тесна врска со смирението, послушанието го утврдува во човекот стравот Господен, кој е почеток на спасението. Човекот кој е послушен на својот духовен отец, својот живот го управува според волјата Божја и со сигурни чекори оди по патот на спасението. “Дојдете чеда послушајте ме, јас ќе ве научам да се боите од Господа – се вели во псалмите на цар Давид. Значи, прво послушанието, а другото ќе го добиеме од Бога на дар.

Со апстинентите почнуваме најнапред со послушанието. Уште од самиот момент кога ќе влезат во манастирот, тие се среќаваат со еден необичен поредок, типикот на манастирот. Значи, мораат да прават послушание на самиот типик. Послушанија се наречени и сите работни задачи што понатаму ќе ги добиваат. Конкретно, кај нив послушанието ја зајакнува ослабената волја, ги прави исполнителни, при што тие, согледувајќи ја и самите духовната полза од послушанието, почнуваат да ги прават послушанијата со љубов, а не од обврска.

10. Што претставува покајанието и колку е тоа значајно во процесот на лекувањето?

Поимот покајание се изразува со грчкиот збор “метанија”, што во буквална смисла значи – промена на својот ум, на своето мислење, преумување. Со други зборови, покајанието е промена на настроението, менување на човекот, внатре во него самиот. Покајанието е преиспитување на своите гледишта, преобразба на сопствениот живот. Свети Јован Лествичник вели дека тоа е обнова на крштението, очистување на совеста, помирување со Бога преку вршење на добри дела, кои ги заменуваат претходно правените лоши дела – гревовите.

Без покајание просто е невозможно човек да го исправи својот живот. Така и апстинентите мора да се доведат до состојба на покајание, кое ги просветлува, ги облагородува, им го менува начинот на живот и воопшто, нивниот однос кон сè што ги опкружува. Со покајанието тие веќе светот го гледаат со поинакви очи. По нивното покајание за сите станува очигледна нивната промена. Нивните очи светат од радост, исполнети се со благодат Божја, која им се дава на дар токму заради покајанието. Со покајанието, тие се трудат да го умртват стариот човек, кој се распаѓа во лажни похоти, и да живеат како нови луѓе, обновени од Христос, нашиот Создател.

11. Дали и колку често вршите исповеди и причестувања на зависниците? Какво е нивното значење?

Исповедта е од огромно духовно значење за лекувањето, бидејќи таа во духовна смисла е болница толку делотворна што веднаш го уништува секој отров, ја истребува секоја невидлива болест, ја враќа душата во првобитната состојба и благодат. Таа е болница каде што делуваат натприродни лекови, што ги надминуваат сите дела на природата заедно, бидејќи оправдувањето, кое се дарува на душата на грешникот, е дело неспоредливо поважно дури и од можност Господ да посака да создаде друг, нов свет.

Епитрахилот што духовникот го носи за време на светата тајна исповед е испружена рака Христова, која го милува грешникот, му простува, го разрешува и воведува во нов живот. Тој е врска помеѓу Бога и човекот, повторно восиновување, враќање на блудниот син во прегратките на Отецот.

Откако при исповедта ќе се отворат раните на прегрешенијата за да бидат очистени, на светата Евхаристија се дава лекот – причеста, која доведува до целосно соединување на човекот со Бога. Таму, на светата Евхаристија, Лебот небесен, ‘Кој се разделува и никогаш не е разделен”, кој Е постојано јаден и секогаш Го има, ги осветува тие што се причестуваат.

Токму затоа во манастирот е застапено честото исповедање и причестување. Тоа е нешто што ја обновува и собира црквата. Истото го практикуваме и кај апстинентите. Без честа и искрена исповед и причест не може да има духовен напредок и вистински православен живот.

12. Каква е улогата на Литургијата во лекувањето на зависниците?

Преку воплотувањето и жртвата Христова на крстот, конечно е излекувана човечката природа. Литургијата, благодатно содржејќи ги во себе тајната на воплотувањето, крсната жртва и Воскресението, реално го оприсутнува во овоземниот живот Царството Божјо, овозможувајќи ни наполно соединување со Христа, преку Неговото тело и крв, кое реално ни се дава на Светата Евхаристија. Литургијата ја сочинува сржта на нашиот живот и на самосознанието. Таа го одржува единството на личноста на секој поединец и единството на целата наша литургиска заедница.

Божествената Литургија не е собир на луѓе соединети околу некој тесен интерес, сфаќање или мисија. За нас луѓето Литургијата е слобода со која Христос нè ослободи. Во Светата литургија учиме да живееме, сами себе да се принесуваме. Учествувајќи во неа се учиме да љубиме. Тука се раѓа вистински слободен живот, иден живот, кој веќе ни е даден.

Чувствувајќи ја и живеејќи ја на овој начин Литургијата, христијанинот тргнал по патот кон обожувањето, и кога, во случајов апстинентот, ќе почне вака литургиски да живее, тој е наполно излекуван.

13. Дали користите посебни или можеби некои лични молитви за лекување/исцелување на зависникот? Што всушност претставува молитвата?

Самиот манастир е создаден за молитва. И животот во него треба да биде молитва, така што сè во него постои и се движи за молитвата и Литургијата. Тој е вистинско училиште за молитва. Светите отци велат дека ако монахот се моли само кога е во црква, тој воопшто не се моли. Апостол Павле кажал: “Молете се непрестајно”. Овие зборови се упатени кон сите христијани воопшто.

Во духот на оваа непрестајна молитва, ние ја практикуваме кратката, но многу значајна исихастичка молитва: Господи Исусе Христе помилуј ме мене грешниот… На неа ги учиме и оние што бараат помош од нас. Мислам дека тоа е молитвата која најмногу им помага. Апстинентите ја практикуваат во текот на нивното лекување, а понатаму, во текот на нивниот живот, таа им станува насушна потреба.

Молитвата е разговор на човечката душа со Бога. Вистинската молитва е целосно соединување со Бога, средба со љубениот Господ, длабоко внатре во човечкото срце.

14. Дали зависниците Ви кажале дека користат некои свои, посебни молитви? Според нивните кажувања, колку им е тоа од полза?

Децата што доаѓаа да се лекуваат во манастирот верувале во Бога, но на некој нивни
начин, не знаејќи ништо за молитвата и за православниот светотаински живот, иако на прашањата на која вероисповед припаѓаат, тие цврсто одговараа – православна. А што значи тоа? Тие , всушност, на православие се научија во манастирот. Никој од нив не знаел де се послужи со некоја православна молитва, но можеме да кажеме дека молитва е и крикот на нивната душа за помош од Бога. Обично тоа било нивната молитва, искажана со сопствени и едноставни зборови. И секако, Господ ги услишал таквиот молитвен крик и таквата вера, и ги упатил на прав пат.

15. Дали им е тешко на зависниците да присуствуваат на Литургиите, на утринските и вечерните служби, повечеријата?

На почетокот, кога с¢ уште се непокајани и се во незнаење, тие не ги чувствуваат службите и за нив тие претставуваат тешкотија. Но откако ќе ја почувствуваат благодатната сила на богослужбата, со еден збор речено, на молитвата, тие со радост доаѓаат на заедничките молитви, учествуваат во нив, а оние што имаат слух и глас го изучуваат и црковното пеење.

16. Што се тоа духовни добродетели и како Вие ги стимулиравте нив кај зависниците?

Добрите дела или христијанската добродетел е плод што се раѓа од верата, како од доброродно дрво, оти Спасителот вели: “По нивните плодови ќе ги познаете” (Мат. 7,16). И на друго место вели: “По тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици: ако имате љубов помеѓу себе” (Јов. 13,35). А во првото Јованово послание се вели: “По тоа познаваме дека сме го познале, кога ги пазиме Неговите заповеди”(И Јов. 2,3).

Значи, за да може секој полесно да разбере што се духовни добродетели, ќе кажам дека добрите дела или добродетелите се исполнување на Божјите заповеди, кои човек доброволно ги пази со Божја помош, при содејство на својот разум и волја, од љубов кон Бога и ближниот. Најосновните, без кои никој не би можел да се спаси, се верата надежта и љубовта. Нив ги набројува и апостолот Павле кога вели: “А сега остануваат овие три работи: верата надежта и љубовта. Најголема од нив е љубовта.”

Верата е зракот, надежта светлина, а љубовта сончевиот круг. Сите заедно сочинуваат еден блесок, еден сјај. Апостол Павле вели дека најголема од трите добродетели е љубовта, затоа што таа е уподобување на Бога, до степен достапен за луѓето. Светите отци велат дека љубовта е извор на вера, бездна на долготрпение, море на смирение. Таа е извор на благодатен оган – колку повеќе пламти, толку повеќе ја распалува жедта на жедниот. Љубовта е живот на ангелите.

Од овие три добродетели понатаму се раѓаат сите преостанати, кои би требало да ја украсуваат секоја христијанска душа. Тоа се молитвата, постот, милосрдноста, а од нив понатаму: мудроста, справедливоста, храброста, воздржливоста и др.

Нашето братство, трудејќи се да живее според вечните евангелски вредности и поттикнато од христијанските добродетели за постојана служба на ближниот, е стимул и пример за сите оние што доаѓаат во манастирот.

17. Кои се предусловите зависникот да биде примен на лекување во манастирот?

Од особена важност за зависникот е неговата подготвеност и доброволна одлука да биде лекуван во нашиот манастир. Тоа е првиот услов. За таа цел, пред неговото доаѓање, остваруваме неколку телефонски разговори, во кои му укажуваме на манастирскиот ред и условите за живеење во манастирот. Второ, доколку е на метадонска терапија, слегување на минимум во дозирањето со неа и целосно откажување од неа, ако е тоа можно, уште пред неговото доаѓање во манастирот. Ако не е можно, откажување од истата во рок од една седмица по доаѓањето. Доколку не е на таква терапија, пристапуваме веднаш кон апстиненција, тука ќе се изразам со нивниот жаргон “на суво”, секако со примање на лекарства, како на пр. дијазепам, тродон, кои ги даваме во консултација со медицински лица, и тоа во зависност од апстиненцијалните кризи.

18. Дали треба да биде верник?

Бидејќи се работи за манастир, уште со првите контакти тие изјавуваат дека се верници. Но имајки предвид дека во Македонија сознанијата за верата се многу сиромашни, дека веронауката е сведена на минимум и се извршува само во неколку храмови, а не се практикува во повеќето од семејствата, младите луѓе немаат можност да се запознаат со верата, ни со Бог како Личност. Па така, за еден млад човек, кој подлегнал на искушението со наркотиците, не може да се каже дека е вистински верник, туку неговата вера е нешто неодредено и релативно. Бидејќи човекот кој го запознал Бога и Го живее светотаински во Црквата никогаш не би останал во ваква страст. Верник, во вистинска смисла на зборот, ќе стане по успешното лекување и излегување од манастирот.

19. Доколку станува збор за атеист или за лице од друга вероисповед, дали и тогаш ќе го примите за лекување, ако имало такви случаи дали сте ги лекувале во вашиот манастир? Дали можеби е потребно негово преобреќање?

Христос рече: “Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал; и ете Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин! ” (Мат. 28, 19-20).

Со тоа Црквата стана мајка, која со раширени раце ги прима сите што ќе побараат помош од неа, бидејќи нејзината цел е да ги просвети сите народи.

Секој што ќе ги прифати предусловите за живеење во манастирската заедница, ќе има понатаму можност да се запознае со Божјото откровение и целиот Негов домострој за спасение на светот и на крајот, по слободна волја, да го избере својот пат.

20. Дали се издвојуваат етапи, фази во процесот на лекување и кои се тие?

Од согледаното во моето повеќегодишно искуство и пожртвувано работење со нашите ближни, кои паднале во оваа духовна демонска болест, лекувањето и нивното целосно избавување би го поделил на три фази.

Првата фаза се состои од детоксикација, чести разговори со духовникот за наркоманијата како големо зло, укажување на сите беди што произлегуваат од неа и како втор дел од првата фаза, посочување на литература за основно запознавање со христијанските вистини -катехизација. Ова е потребно бидејќи тоа се претежно млади луѓе кои немаат основни познавања за верата. Оваа фаза трае еден до два месеци.

Во втората фаза, откако апстинентот физички наполно се очистил, се запознал со Божјото откровение и со вера го прифатил, се преминува на разговори што треба да предизвикаат вистинско покајание, значи разговори во кои го истакнуваме големото значење на самата света тајна покајание или исповед. Во оваа фаза е и првата исповед и првата причест. Во многу случаи првата исповед не е доволно искрена, па токму затоа вистинското благодатно чувство, кое доаѓа од самата света тајна покајание, а подоцна и од соединувањето со Христа во Евхаристијата, не следува во полнота. Но потоа доаѓаат и многу други исповеди на кои апстинентот е целосно отворен, се учи на искреност и послушание кон својот духовник, самиот чувствува потреба од духовни разговори и исповеди за сето тоа што го правел во текот на својот живот. Со тоа кај апстинентот веќе се чувствува голем психофизички напредок, кој лесно се забележува од околината и од неговите родители, кои имаат можност да го посетуваат во манастирот. Оваа фаза трае три до четири месеци.

Во третиот дел од лекувањето апстинентот е целосно избавен од погубната страст и веќе од неговите мисли е исклучена можноста за посегање по наркотици. Тој веќе навлегол во светотаинскиот православен живот, одговорен е на секое послушание што му е дадено во манастирот, кај него се видливи желбата и интересот за читање на духовна литература, за учество во богослужбите, а се јавува и желбата за честа причест. Во оваа фаза тие веќе и заминуваат во своите домови, се социјализираат, се вработуваат, многупати по препорака од самиот манастир. Надвор, како што ние монасите велиме “во светот”, тие се прифатени и заедничарат со сите членови на црковната заедница. Нивната приврзаност кон духовникот и кон манастирот, како и кај сите други христијани, останува до крајот на овој земен живот – што значи бесконечно заедничарење во Христа, бидејќи во Него нема смрт.

21. Кога и како го остваривте/остварувате првиот контакт со зависниците?

Првите контакти обично се остваруваат преку телефонски разговори, бидејќи повеќето од луѓето што живеат во Црквата многу знаат за нашата работа и ги упатуваат зависниците кај нас. Некогаш првиот контакт е и директен, зависниците доаѓаат во манастирот, донесени од своите родители или сами, без претходно најавување. За таквите лица – дали ќе бидат примени или не, решаваме врз основа на нивната психофизичка состојба, како и од условите во манастирот.

22. Во која фаза од лекувањето тие имаат најголема потреба од Вас?

Потребата од духовникот е постојана. Секако, кога се во прашање зависниците, најголема потреба се јавува во нивната прва фаза, кога е најтешко и за нив и за духовникот, бидејќи тоа е период кога тие треба да почувствуваат колку духовникот е пожртвуван за нив, колку време им посветува, колкаво е неговото трпение кон нивните слабости итн.

23. Дали остварувавте контакти со нивните родители и колку често?

Во многу случаи, лицата што се лекуваат кај нас се донесени од нивните родители. Со тоа контактите се остваруваат уште на самиот почеток и продолжуваат и понатаму, во текот на процесот. Ваквите контакти на родителите со манастирот се од духовна полза, како за самите деца така и за самите нив.

24. Можете ли да ја опишете состојбата на зависниците кога тие бараат за прв пат помош од Вас?

Во првите седмици нивната состојба е очајна. Психофизички изгледаат наполно ужасно. На лицето и во очите им се забележува духовно мртвило, тоа се во целост острастени и помрачени лица. Лесно може да се констатира дека со нивната личност раководи демонот преку ужасната страст. И ни претстојува голема борба, со помош Божја, да излеземе од канџите на оваа духовна обземеност. На почетокот тоа не се личностите што дури по некое време ги запознавам. Дури по првото покајание, преку многуте разговори, и со содејство на Божјата љубов и на благодатта на Светиот Дух во манастирот, личноста ќе излезе на површина. Тогаш ќе препознаам во нив личности со свои вредности. Тоа за мене претставува голема радост.

25. Зошто бараат помош токму од Вас, односно Црквата, манастирот?

Спасителот вели: “Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам…” И уште вели: “Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.”

Значи, сите се повикани да тргнат по Христа, Кој е патот и Светлината и животот. Јас многупати во моите поуки кон нив им зборувам за тоа колку треба да бидат благодарни што, по нечии молитви, го слушнале гласот на Спасителот и дошле да го бараат лекот токму овде во манастирот. А манстирот пак, иако скриен во овие шуми, е евангелски град кој веќе 1000 години свети како светило на врв на планина. Со обновеното монаштво во последнава декада, како голем дар за сите нас, тој повторно, благодатно, евангелски ни свети, како што светел и наназад, низ неговата долга историја.

26. Пред да побараат помош од Вас дали биле лекувани на други места (пр. во медицинска установа)?

Пред да дојдат кај нас, повеќето од нив биле лекувани во медицински установи. Оние деца што имале побогати родители биле индивидуално лекувани кај психијатри и за тоа плаќале големи суми. Многумина од нив биле на метадонска терапија итн. За жал, сите тие набрзо по апстиненцијата, повторно се вратиле на дрогата.

27. Како ги поминуваа апстиненцијалните кризи, кои беа манифестациите и колку време тие траеја?

Апстиненцијлните кризи се еден од најтешките периоди на зависникот. Обично тој период е проследен со многу болки, препотување, нервоза, потреба од лекарства за смирување и многу помисли за напуштање на манастирот. Тоа е најтешката борба. Со Божја помош и со помош од духовникот, повеќето од нив, од неа излегуваат како победници. Ваквите кризи, проследени со телесни манифестации, траат најмногу еден месец.

28. Во почетокот, во фазата на детоксикација, дали користат метадон или пак, друга медикаментозна терапија и колку време трае тоа?

Моето искуство покажа дека метадонската терапија, доколку се користи во подолг период, создава зависност со слични симптоми, до одредена мера и полоши од оние кај дрогата. Затоа во манастирот користењето на ваква терапија може да трае најмногу до две седмици, при што во тој период истата се спушта на нула и потоа се оди на целосно откажување од терапијата. Додека трае тој процес, апстинентот, од време на време, може да добива диазепами или други медикаменти за смирување, во сосема мала количина и со тенденција да се откаже наполно и од примањето на вакви лекарства за смирување, а до смиреноста на духот да се дојде преку еден вистински христијански начин на живот.

29. Се чувствуваа ли истоштени, изморени и колку време тоа трае?

Првите две седмици по доаѓањето во манастирот, апстинентите претежно времето го поминуваат во постела, чувствуваат истоштеност проследена со многу болки во коските, доцнат на утринската богослужба, не можат да стојат простум на службите. Ваквата интензивна телесна криза обично не трае повеќе од две седмици.

30. Дали контактиравте или можеби се консултиравте со лекар?

Секогаш кога ми беа потребни совети се консултирав со лекари, кои се мои духовни чеда, кои често го посетуваат нашиот манастир, знаат за работата што ја работиме во манастирот и секогаш се подготвени да помогнат со свои стручни совети.

31. Во периодот на апстенинцијалните кризи дали зависниците имаат некој посебен вид на искушенија?

Посебно искушение, кое можам да го истакнам во тој период, е слабата волја, колебливоста за тоа дали ќе можат да издржат до крај. Тогаш се потребни многу разговори за јакнење на нивната волја и охрабрување да истраат низ сите искушенија.

32. Какви состојби забележувате во нивните интелектуални способности?

На почетокот кај нив се забележливи сите видови на интелектуални слабости, како на пример забавеното проследување на мислата, расејаноста, потребата од подолг период да се запомни слушнатото или прочитаното, да се разбере тоа што го објаснуваат другите, но отпосле тие состојби се надминуваат. Кај некои тоа станува за пократок временски период, а кај некои е потребно повеќе време. Ова веројатно зависи од тоа колку време конзумирале наркотични средства, но, можеби, во мала мера и од интелектуалната поткованост и способност на звисникот.

33. Како ги поднесувавте нивните негативни однесувања, дали преземате нешто во однос на тоа?

Имајќи ја в предвид нивната тешка острастена состојба, многупати изиритиран, се потсетувам на зборовите од апостол Павле: ‘Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.” Така се смирувам и се трудам со љубов да бидат надминати сите проблеми и на крај, да биде извлечена духовна поука.

34. Кој беше изворот од кој тие црпеа сила за да истраат во искушенијата?

Во моменти на искушенија извор на сила им беа љубовта, грижата и поуките на духовникот, кој ги упати на изворот на живата вода – Христос. Од Него пиејќи, тие се стекнаа со духовна сила да истраат во сите искушенија.

36. Дали тие се целосно, ама баш до крај, искрени при исповедта? Што придонесе за тоа да биде така?

На првата исповед се случува да сокријат нешто, не зашто за тоа не се покајале, туку од срам. Понатаму, на сите други исповеди тие се наполно искрени. Кај нив се чувствува длабоко покајание и гризење на совеста за сè она што го направиле. Кон искреното покајание ги доведува самата духовна атмосфера во манастирот, богослужбите, разговорите, послушанието, читањето духовна литература итн.

37. Што им беше најтешко да исповедаат?

Кога човек ќе добие вистинско покајание, знаејќи дека со сите вистински исповедани гревови ќе доживее потполна благодатна заедница со Бога, тој ги исповеда сите сторени гревови, без разлика колку и да му е тешко да го направи тоа.

38. Дали се случува да лажат при исповедта или можеби да прикриваат нешто?

Само кога исповедта е поттикната од вистинско покајание не се лаже, ниту се сокрива нешто, а кога не е така, духовникот тоа го забележува и продолжувајќи да го насочува своето чедо се труди да го разбуди за вистинско покајание и исповед.

39. Како се чувствуваат кога во наредната исповед ќе го кажат излажаното, прикриеното?

На следната исповед тие се поттикнати од благодатта Божја која ги охрабрува да можат конечно да го отворат своето срце пред својот духовник и отворајќи го така, со искреност, го предаваат да биде очистено, преку светата тајна покајание, од секаква дамка на минатиот грев.

40. Дали кај нив дојде до покајание, дали плачеа, дали се јавува чувство на вина? Дали сакаа некому да му се извинат, бараа ли прошка?

Покајанието е и состојба во која човекот, барајќи прошка од Бога, бара прошка и од сите оние на кои им згрешил. Апстинентите, покајани, бараат прошка од сите оние што ги повредиле. И не само тоа. Тие дури целосно го менуваат својот однос кон нив, т.е. почнуваат христијански љубовно да живеат, како со нив така и со сите други.

41. До какви промени, односно преобразби, доведоа кај нив исповедта и покајанието? Се мисли на нивните чувства, размислувања, совеста, погледи кон животот и физички промени?

Живеејќи го светотаинскиот живот на Црквата, кај нив се чувствува огромна промена. Тоа не се оние дезориентирани, сомничави, несигурни во себе личности, кои дошле во манастирот. Тоа се веќе личности, кај кои Христовата вера ги изнела на виделина сите нивни од Бога дарувани таланти. Тоа се личности со кои ние радосно заедничариме. Наши браќа и сестри, што ни стануваат сопатници кон Царството небесно. Ако до вчера биле нечувствителни, гледајќи само некако да стигнат до дрога, при што ги погазувале и навредувале своите родители и ближните околу себе, сега тие се чувствителни, бараат прошка од родителите и од сите оние што ги повредиле. Во манастирот секогаш се подготвени со пожртвуваност да им помогнат на новодојдените, и тоа доста успешно, соживувајќи се со она што го вели апостолот Павле: “…во она, што сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.” (Евр. 2,18)

42. Дали кај нив се случи духовно прочисутвање и кои беа манифестациите кои укажуваа на духовно очистување?

Духовното прочистување се случува уште на првата исповед, а тоа се манифестира и на надворешниот изглед. Веќе го нема неодредениот поглед во нивните очи, ниту пак мрачниот израз на лицето. На нивно место доаѓа духовната светлина во очите и благодатната радост на лицето. Нивното однесување е смирено, исполнети се со љубов кон сите, полни се со благодарност кон манастирот, каде што научиле за вистинските вредности и за вистинската цел и смисла на животот.

43. Дали запаѓаа во состојба на апатија, безволие, очај, безнадежност и што од ваша гледна точка на духовен раководител претставуваат овие состојби? Кои е лекот против нив?

На почетокот кај сите нив се забележливи состојби на безволие и очај. Сепак, опкружени со љубов и грижа, најнапред од духовникот, од братството, па и од сите оние кои, барајќи го Бога, претстојуваат во манастирот, апстинентите за кратко време ги надминуваат овие состојби. Ваквите, пак, состојби секако се должат на слабата и крајно формална вера, која тие претходно ја имале. Кога во срцето ќе се всели вистинската вера, овие состојби исчезнуваат, како што исчезнува темнината, кога ќе ја огрее и најмалиот сончев зрак.

44. Дали меѓу другите искушенија имаа и суицидни тенденции?

Кога веќе претходно зборувавме за добродетелите би се надоврзал дека самоубиството по својата природа е негирање на трите најголеми добродетели – верата, надежта и љубовта. Самоубиецот е човек што ја изгубил верата. Бог за него престанал да биде реална сила на доброто, кое управува со животот. Исто така, тоа е и човек кој пред сé ја изгубил надежта и паднал во гревот на потиштеноста и очајанието. И накрај, тоа е човек кој нема љубов, кој мисли само на себе, а не на другиот, на ближниот.

Што се однесува до апстинентите, ќе кажам дека повеќето од нив имале вакви, суицидни помисли. И на многу од нив манастирот им бил последната надеж.

А овде, во манастирот, тие веќе научија дека верата, надежта и љубовта го победуваат самоубиството како индивидуална појава. Значи верата, надежта и љубовта го претвораат инстинктот за смртта и самоуништувањето во доброволно и радосно носење на животниот крст.

45. Дали нивното расположение често се менува? Кое расположение кај нив преовладува?

На почетокот расположенијата им се променливи, тешко предвидливи. Кај нив преовладува стравот, неизвесноста, несигурноста во себе. Сепак, преку разговорите и исповедите, расположенијата им стануваат стабилни, тие стануваат сигурни во себе и во патот по кој одат.

46. Дали кај нив се јавува мисла, желба за повторно земање дрога или можеби се враќаат на дрога? Што во таков случај преземате Вие?

Се враќаат на дрогата оние лица, кои уште во првата фаза на лекувањето ќе ги победи таквата помисла и кои тогаш го напуштаат манастирот. Обично тоа се лица што тешко го прифаќаат послушанието и советите за оцрковување, а тоа подразбира и дека не се борат со преостанатите страсти што ги поседуваат. Тие остануваат само обични апстиненти, кои не го прифатиле духовниот аспект на лекувањето, кој е единствено успешен. Таквите кога заминуваат од манастирот велат дека повеќе нема да земаат дрога, дека им е доволно еден месец до два седење во манастир за да се излечат. За жал, мојата негативна прогноза за нив секогаш излегува точна. Тие повторно се враќаат на дрогата.

Но и со нив контактите продолжуваат, за нив вратите на манастирот остануваат отворени, доколку сакаат да се вратат. И многумина од нив кога ќе согледаат дека е многу потребно да го изменат својот начин на живот, се враќаат во манастирот, овојпат решени да издржат до крај.

47. Што претставува за Вас излекуван зависник и дали имате такви случаи?

По сето време поминато во манастир и по успешното прифаќање на сите духовни совети и методи, апстинентите што се лечат се преобразуваат во нови, христијанизирани, оцрковени личности. Вака излекуваните личности стануваат добар христијански пример во средината каде што се вратиле. Тие наполно го прифатиле православниот начин на живот, што подразбира пост, молитва, борба со страстите, редовно посетување на храмот, исповед и света причест.

Поголемиот број од лицата што побарале помош од манастирот се успешно излекувани. На голема радост, овие лица се поттик за многу млади од нивната околина. Тие, гледајќи ја преобразбата кај овие луѓе, нивната постојана духовна радост и следејќи го нивниот пример, го наоѓаат Христа како пат и светлина на вистинскиот живот. Морам да напомнам дека денес, доколку младите не живеат според христијанските вредности, тие претежно стануваат робови на многубројните страсти, како што се најзастапените меѓу нив – блудот, пиењето, пушењето итн. Овие страсти, лишувајќи ги од вистинската радост на животот, ги доведуваат до потполна духовна испразнетост, очајание и безнадежност.

48. Како им е организиран денот на зависниците во манастирот?

Животот во манастирот се одвива според богослужбениот ред, утврден според типикот на светогорските манастири. Денот започнува рано наутро со повеќечасовна молитва, која се
состои од повеќе богослужби, како што се полуноќницата, утрената и на крај Божествената литургија, која во манастирот се извршува секој ден. Потоа следува манастирската трпеза, проследена секогаш со поучително слово, каде што сите се заедно – како монасите, така и гостите, па и оние што се лекуваат. Понатаму, според благословот на духовникот, сите ги извршуваат одредените од него манастирски послушанија, што значи целиот ден е исполнет со некакви работни задолженија, а тоа е многу важно за самите апстиненти бидејќи им помага да стекнат работни навики. Потоа следи вечерната богослужба, па втора трпеза, време за духовни разговори, повечерие и повторно молитва. И како што вели еден свет отец во својата поука кон монасите: молитва и работа, работа и молитва…

49. Со кои видови активности/ послушанија се ангажирани апстинентите? Дали тие послушанија се поразлични од оние на од лицата што не се зависници (другите гости во манастирот, монасите)?

Апстинентите се ангажирани со вообичаените активности и послушанија во манастирот. Секогаш на послушанијата се заедно со монасите, едни во манастирската кујна каде се подготвува храната, други на нивата или во овоштарникот, некои помагаат во градежните активности, а некои учествуваат во изработката на манастирските сувенири. На сите овие послушанија имаат претпоставен монах, кој од време на време, покрај работата, ги поучува со разни духовни поуки.

50. Дали изучуваат занаети или можеби некои други вештини кои ќе им помогнат во понатамошниот живот по излегувањето од манастирот?

Најважно е тоа што стекнуваат работни навики, а и работни искуства од повеќе области како што е приготвување храна, изработка на сувенири, земјоделие и овоштарство, кои секако им се добредојдени во понатамошниот живот. Љубовта кон работата кај христијаните треба да биде секогаш на високо ниво, бидејќи апостолот Павле за тие кои не работат вели дека не треба ни да јадат.

51. Дали им помагате да почнат самите да заработуваат за сопственииот живот?

Уште додека се во манастирот, во третата фаза на лекувањето, тие се одговорни на послушанието. Манастирот им помага да се социјализираат. Во тој поглед, со мој благослов, надвор ја имаат поддршката од целата црковна заедница.

52. Дали вашите контакти со некогашните, сега излекувани зависници, и понатаму продолжуваат по излегувањето од манастирот?

Контактите продолжуваат и се од чисто православен, светотаински, заедничарски карактер, како помеѓу духовник и духовно чедо.

53. Како Вие би се обиделе да ги спречите младите да не посегнат по дрога?

Младиот човек, втурнат во еден атеистички начин на живот со изгубени морални вредности, очајнички бара излез. Бегајќи од суровата реалност, паднатиот свет им го нуди на младите како излез ова оружје на нечестивиот против човекот. Дрогата е материја која барем за некое време им овозможува да ја постигнат саканата состојба на задоволство, а понекогаш и уживање. Тоа е искуство кое човекот не може никогаш во целост да го заборави. Таквото искуство им ја поттиснува вистинската радост на животот, која Бог природно му ја дава на човекот. Апостол Павле ни пишува: “Секогаш радувајте се” (1 Солун. 5,16). Радоста е природната состојба на човек кој верува во Бога. Но да се сетиме и на зборовите на Спасителот, Кој вели: “Во светот ќе имате жалости, но не плашете се, Јас го победив светот” (Јов. 16,23) Навистина, како е можно човек да се радува, кога околу него има толку луѓе што страдаат. Како и да е, и покрај целиот трагизам на човечкиот живот, христијаните не престануваат да се радуваат на општењето со Бога. Иако таа радост сега е можеби несовршена, бидејќи вистинско блаженство и вистинска радост може да има само на небесата, сепак и овде на земјата човекот, ако е со Бога, ги чувствува на себе благодатните бранови на небесната радост.

Но таа радост треба барем еднаш да се почувствува, за да знаеме колку е лошо без неа, колку самиот живот без таа радост губи смисла.

За жал кај младите недостасува вакво духовно искуство. Кога младите луѓе би ја спознале радоста од општењето со Бога, тие никогаш не би ни помислиле да користат некакви хемиски материи што го менуваат однесувањето на човекот, предизвикувајќи лажна радост. Тие тогаш би сфатиле дека е зло сето тоа што им пречи да ја почувствуваат радоста од општењето со Бога и не би ја поминале онаа граница зад која се наоѓаат лагата, измамата и лукавството во облик на различни мамки, кои ѓаволот ги расеал по целиот свет за да ги соблазнува, ако може и одбраните.

Христос, бидејќи е вистинска радост, светлина и љубов, е излезот и решението на овој проблем.

54. Каква радост чувствувате кога матниот поглед на зависникот ќе се разбистри, како небо после бура, под влијанието на благодатта Божја и вашата љубов и помош?

Пожртвуваната љубов на духовникот и воопшто таа заедница -духовник и духовно чедо, е света тајна. На еден таинствен, пожртвуван начин, духовникот, според дарот на Светиот Дух, во љубовта Христова, духовно го раѓа своето чедо. Затоа, духовниот напредок и потполната преобразба кај овие некогаш паднати личности, ми причинува толку голема радост, што ме поттикнува за уште поголема пожртвуваност и љубов кон оваа света и духовна мисија, исполнета со многу ризици.

55. Дали имате нешто да додадете за крај, а што не бевте прашани?

Мислам дека проблемот на наркоманијата може да биде успешно решен само во тој случај ако не се затвориме во себе, туку ако преземеме на себе дел од одговорноста за судбината на нашата младина и ако умееме со помош на сопствениот пример, збор и дело да ги убедиме младите дека е неопходно да живеат по Божјите заповеди.