Одржан Десеттиот меѓународен конгрес на Друштвото за источна литургија во Кипар

На 2 јуни, на Богословскиот факултет во Левкосија, Кипар, свечено беше отворен Десеттиот меѓународен конгрес на Друштвото за источна литургија. На овој престижен настан учествуваа едни од најеминентните литургичари од целиот свет, а преку нивните излагања беше опфатен широк спектар на прашања поврзани со различните литургиски традиции:

  • Кипарската традиција: архимандрит Григориј Јоанидис (избран митрополит на Пафос), Мари-Ев Гајгер, Харалд Бухингер и Бисера Пенчева.
  • Византија и Константинопол: Томас Кремер, Стилијанос Хаџигригориу, Сузан Франчино, Елијас Хаслвантер, Филип Зимарис, Клаудија Рап, Маркел Мојзеш, Пантелис Левакос, Гаврил Пиштеа и Базилиус Хрун.
  • Александрија, Етиопија и Нубија: Агата Дептула, Хабтемихаел Кидане, Арсани Павле, Елса Лукасен, Арсениус Михаил и Агнес Михалико.
  • Ерусалимската традиција и типикот на св. Сава: Диего Фитипалди, Даниел Галаѕа, Григориј Такер и Стивен Шумејкер.
  • Словенските и романските традиции (преводи и печатени книги): Андраш Добош, Нина Глибетиќ, Васил Попељастиј, Шимон Маринчак, Марк Морозович, Александр Андреев, Михаил Халид Карама и Андреј Думитреску.
  • Сириската, мелхитската и ориенталната традиција: епископот санфранциски Василиј Пермјаков (ПЦА), Џозеф Аленчери, Матеуш Поточниј, Мартин Лустретен, Хозе Кохупарампил и Ефрем Ишак.

Особено значајно за нас беше учеството на нашиот собрат, архимандрит Анатолиј, кој, со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, моментално во Рим го подготвува својот докторат посветен на развојот на Литургијата во Охридската архиепископија во поствизантискиот период. Тој одржа излагање на тема „Димитриј Хоматијан, непознат литургиски извор од тринаесеттиот век“.

Во својот труд, архимандритот Анатолиј елаборираше како литургиските податоци содржани во делата на овој истакнат охридски архиепископ и познат канонист досега останале надвор од фокусот на научната јавност. Неговата презентација, која отвори продуктивна дискусија и предизвика голем интерес, изнесе на виделина важни сведоштва за катедралниот типик на Света Софија Константинополска. Врз основа на овие наоди, авторот предложи нова хипотеза кој објаснува некои аспекти на взаемното влијание помеѓу монашкиот и катедралниот типик, како и последната фаза од еволуцијата на катедралната пракса.

Конгресот беше крунисан со свечена архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Варнава“ во Левкосија. Со Литургијата чиноначалствуваше викарниот епископ на кипарскиот архиепископ, Неговото Преосвештенство епископот месаориски г. Григориј. Во торжественото сослужение зедоа учество и епископот санфранциски г. Василиј, архимандрит Анатолиј, протојерејот Филип Зимарис, досегашниот претседател на Друштвото – протојереј Стефанос Алексопулос, протојереите Димитриј и Кипријан од соборниот храм, како и јерејот Гаврил Пиштеа и ѓаконот Михаил Карама.