Во радоста на Христовото единство – светогорски отци во братска посета на Бигорската обител

Со особена духовна радост и братска љубов, Бигорската свештена обител повторно го пречека својот драг и долгогодишен пријател, светогорскиот Старец и игумен на Свештениот манастир Есфигмен, Неговото Високопреподобие, архимандритот г. Вартоломеј, кој пристигна во придружба на повеќемина светогорски монаси, свештенослужители и благочестиви поклоници од Република Грција. Оваа благословена средба претставуваше уште едно убаво сведоштво за искрените братски односи, духовното заедништво и љубовта што со години ги поврзуваат нашите обители со свештената Градина на Пресвета Богородица – Света Гора Атонска.

Во придружба на почитуваниот игумен беа јеромонахот Гавриил, претставник на манастирот Есфигмен во Свештената општина на Света Гора, и јеромонахот Теолог, собрат од истиот манастир; јеромонахот Артемиј од светогорската ќелија „Свети Николај“ во Кареја; јеромонахот Симеон од каливијата „Вознесение Христово“ при Кутлумушкиот скит „Свети Пантелејмон“; монахот Аверкиј од светогорската ќелија „Свети пророк Илија Фирфири“ во Кареја; јеромонахот Амфилохиј, старешина на храмот „Свети Бесребреници“ во Арнеа, Халкидики; свештеникот Константин, старешина на храмот „Живоносен Источник“ во Аргиропули, Лариса; Високопреподобниот архимандрит г. Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во градот Перник, како и јеромонахот Захариј од црквата на Бугарија и монахињата Екатерина од метохот „Достојно ест“ на манастирот Есфигмен, во Каристос на островот Евбеја. Во ова благословено поклонение учествуваа и бројни мирјани, членови на Здружението на пријателите на манастирот Есфигмен, кои допатуваа од различни краишта на Грција – Атина, Солун, Лариса и Агринио.

Ценетите гости беа срдечно пречекани од нашиот возљубен Старец и игумен, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со монашкото братство. Во атмосфера на искрена блискост и духовна топлина, средбата прерасна во благодатно братско заедничарење, исполнето со спомени, благодарност и размислувања за убавината на монашкиот живот, за силата на молитвата и за драгоценоста на единството во Христа.

Со особена благодарност и трогнатост, нашиот Старец се потсети на првата посета на игуменот Вартоломеј во мај 2022 година, која за Бигорската обител имаше исклучително историско и духовно значење. Имено, отец Вартоломеј беше првиот светогорски игумен кој официјално го посети нашиот манастир по возобновувањето на литургиското заедничарење на нашата Црква со останатиот православен свет. Таа средба, исполнета со неискажлива радост и братска љубов, остана длабоко врежана во срцата на нашето братство, како живо сведоштво дека таму каде што Христос ги соединува срцата, исчезнуваат далечините и се надминуваат човечките разделби.

Токму оваа духовна блискост беше во средиштето и на денешните разговори. Нашиот Старец ја изрази својата искрена радост што пријателството со светогорските отци продолжува да се развива и зацврстува преку меѓусебните посети, молитвеното заедништво и братското сослужување.

Од своја страна, светогорските гости со искрена благодарност се осврнаа на топлиот пречек и на радоста што повторно се наоѓаат во Бигорски, меѓу своите возљубени браќа. Во духот на евангелскиот повик сите да бидат едно, тие особено ја нагласија потребата од зачувување на меѓусебната љубов, од истрајност во молитвата и од духовна поддршка во сите животни и црковни искушенија.

Особено убаво беше и заедничкото сознание дека монашките обители, иако географски оддалечени, се духовно блиски преку истиот евангелски идеал, преку заедничкиот подвиг и преку мајчинскиот покров на Пресвета Богородица. Во таа смисла, ваквите братски средби не се само пригодни посети, туку вистински празници на љубовта, во кои се обновува радоста на заедничарењето, се зацврстуваат духовните врски и се сведочи живото единство на Црквата.

Со искрена благодарност кон почитуваниот игумен Вартоломеј и кон сите драги гости за нивната љубов, внимание и братска посета, нашата Бигорска обител останува со молитвена желба ова благословено пријателство и понатаму да се продлабочува и да се збогатува со нови духовни средби и заеднички радости.

Нека Пресветата Владичица наша Богородица, Игуменијата на Света Гора, и Светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован ги закрилуваат нашите возљубени браќа и сите нас, за секогаш, во единството на верата и во љубовта Христова, да останеме едно срце и една душа.